Прејди на содржината

Астрид Линдгрен

Од Википедија — слободната енциклопедија

Астрид Ана Емилија Линдгрен (14 ноември 1907 година — 28 јануари 2002 година) — шведска писателка.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Линдгрен во 1924 година

Астрид Линдгрен пораснала во Нас, во близина на Вимербју, Смајланд, Шведска, а многу од нејзините книги се засноваат на сеќавањата и пејзажите од нејзиното семејство и од детството. Таа била ќерка на Самуел Август Ериксон (1875-1969) и Хана Џонсон (1879-1961), а имала две сестри, Стина и Ингегерд, и еден брат, Гунар, кој станал член на шведскиот парламент. По завршувањето на училиштето, Линдгрен се вработила во еден локален весник во Вимберби. Таа имала врска со главниот уредник, кој бил оженет и кој на ѝ предложил брак во 1926 година, откако таа забременила. Меѓутоа, таа ја одбила понудата и се преселила во Стокхолм, учејќи дактилографија и стенографија (подоцна, таа ги напишала повеќето свои нацрти во стенографија). Во текот на повеќе години работела како стенографистка на многу конференции и конгреси.[1] Откако го родила синот Ларс во Копенхаген, таа го оставила во згрижувачко семејство. Во 1946 година, Линдгрен станала главен уредник за детска литература во издавачката куќа „Рабен и Шогрен “ (Rabén & Sjögren) во Стокхолм.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Атсрид Линдгрен почнала да пишува сосема случајно, кога нејзината малечка ќерка Карин, додека лежела болна, побарала да ѝ раскажува приказни за Пипи Долгиот Чорап, ликот кој во тој миг го измислила таа. Според зборовите на Линдгрен, „бидејќи ќерка ми и другите деца што ги слушаа моите приказни ја засакаа Пипи и ме поттикнуваа сè повеќе да им раскажувам, еден ден седнав и почнав да ги запишувам моите приказни...“ Нејзината прва книга за деца е „Брит-Мари се наоѓа себеси“, објавена во 1944 година.[2]

Линдгрен напишала повеќе од 80 книги за деца и сликовници кои се преведени на повеќе од 45 јазици.[3] Најпознати нејзини дела се: „Пипи Долгиот Чорап“ (1945), „Пипи Долгиот Чорап се качува на брод“ (1946), „Пипи Долгиот Чорап во Јужните мориња“ (1948), „Мио, мојот син“ (1954), „Карлсон од покривот“ (1955), „Мадикен“ (1960), „Карлсон од покривот одново лета“ (1962), „Емил од Љонеберг“ (1963), „Еве го пак Карлсон од покривот“ (1968), „Шесте деца на Булбери“, „Браќата Лавовско срце“ (1974), „Мадикен и Пимс од Јунибакен“ (1976), „Рона, ќерката на крадецот“ (1981). Во јануари 2017 година, таа била прогласена за 18-тата најпреведувана авторка во светот,[4] и четвртата најпреведувана писателка за деца по Енид Блитон, Ханс Кристијан Андерсен и Браќата Грим. Нејзините книги се продадени во околу 165 милиони примероци ширум светот. Освен книги за деца, Линдгрен е авторка и на неколку драми и филмски сценарија. Таа е добитничка на повеќе награди во Шведска, на германската награда за книга за деца, а во 1958 година ја добила и меѓународната награда Андерсен.[2]

Иако Линдгрен има дадено голем придонес во повеќе жанрови на детската литература, таа останува раскажувач на сказни. Во нејзините дела постојано се среќава ликот на осамено и незаштитено дете кое се стреми кон внатрешно и надворешно ослободување. Таа сака да му пкаже на современото дете како да се бори против неприфаќањето од страна на светот. Линдгрен раскажува како што би раскажувало секое дете. Нејзините книги се детски книги во вистинската смисла на зборот, зашто таа умее да го прикаже животот со очите на дете, напуштајќи го критериумот на возрасните.[5]

  1. А. П., „Животот низ очите на детето“, во: Астрид Линдгрен, Повести за Карлсон. Скопје: Детска радост, 1978, стр. 303.
  2. 2,0 2,1 „Белешка за авторот“, во: Астрид Линдгрен, Пипи Долгиот Чорап. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 209.
  3. А. П., „Животот низ очите на детето“, во: Астрид Линдгрен, Повести за Карлсон. Скопје: Детска радост, 1978, стр. 303.
  4. „UNESCO's statistics on whole Index Translationum database“. Databases.unesco.org. Архивирано од изворникот на 2012-02-28. Посетено на 22 February 2014.
  5. А. П., „Животот низ очите на детето“, во: Астрид Линдгрен, Повести за Карлсон. Скопје: Детска радост, 1978, стр. 303-304.