Прејди на содржината

Франциско Франко

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
неговата екселенција
генералисимус


дон Франциско Франко
Каудиљо на Шпанија
шеф на државата
На должноста
1 април 1939 – 20 ноември 1975
Претходник Мануел Азана*
Наследник Александро Родригес де Валакарел**
68 - ми премиер
На должноста
30 јануари 1938 – 8 јуни 1973
Потпретседател
Претходник Хуан Негрин
Наследник Луис Кареро Бланко
Лични податоци
Роден(а)

Франциско Франко Баамонде
4 декември 1892(1892-12-04)
Ферол, Галисија, Шпанија

Починал(а) 20 ноември 1975(1975-11-20) (возр. 82)
Мадрид, Шпанија
Почивалиште Долина на паднатите
40°38′31″N 4°09′19″W / 40.641944° СГШ; 4.155278° ЗГД / 40.641944; -4.155278
Националност Шпанец
Партија Шпанска фаланга
Сопружник Кармен Поло
Деца Марија Дел Кармен
Живеалиште Ел Пардо, Мадрид
Вероисповед католик
Потпис
Воена служба
Припадност Шпанија
Род Шпански воени сили
Траење 1907–1975
Чин началник на Генералштаб
Заповеда со генералисимус
Битки/војни Втора мароканска војна
Шпанска граѓанска војна
*Како претседател
** Ја препуштил на Хуан Карлос I (крал на Шпанија)
*** Формално како "водач на Владата на Шпанија"

Франциско Франко Баамонде (шпански: Francisco Franco Bahamonde; 4 декември 189220 ноември 1975) — шпански диктатор и водач на националистичкиот воен бунт во Шпанската граѓанска војна, авторитарен водач на Шпанија од октомври 1936 година, па сè до неговата смрт во ноември 1975 година. Тој дошол на власт преку десничарската Шпанска фаланга, меѓутоа тоа било од пропагандни причини, тој не припаѓал на ниту една политичка партија пред да ја заземе власта во државата. Како водач на Шпанија, Франко ги користел титулите каудиљо и генералисимус, но исто така бил формално именуван како неговата екселенција и шеф на државата.

Франко потекнувал од семејство со воена традиција, првично имал намера да се вклучи во шпанската морнарица, меѓутоа се вклучил во шпанските копнени сили. Учествувал во Втората мароканска војна и станал најмладиот генерал во Европа во 1926 година [1]. По враќањето во Шпанија го предводел задушувањето анархистичкиот штрајк во 1934 година, бранејќи ја конзервативната влада на Алкала-Самора. По формирањето на влада на Народниот фронт, составена од разни левичарски фракции, се зголемила нестабилноста. Насилството помеѓу милитантните групи нагло се зголемило со атентатот врз парламентарниот водач на конзервативците Хосе Калво Сотело, кој бил извршен како чин на одмазда за убиството на Жозе Кастиљо [2]. Франко и неговите приврзаници ја искористиле смртта на Калво како изговор за започнување на војна, иако тие веќе имале инициран план за воен бунт [3].

Франко и војската учествувале во државниот удар против владата на Народниот фронт. Меѓутоа државниот удар не успеал и прераснал во Шпанската граѓанска војна, во текот на која Франко успеал да се наметне како водач на националистите против владата на Народниот фронт. По победата во граѓанска војна, во која победил со помош на Фашистичка Италија и Третиот Рајх, тој го распуштил шпанскиот парламент и воспоставил десничарски авторитарен режим и бил де факто регент на номинално возобновеното Кралство Шпанија.

Во текот на Втората светска војна, Франко водел официјално политиката на неутралност, делумно поради тоа што Шпанија не била закрепната од граѓанска војна. Сепак, тој го поддржал формирањето на шпанската волонтерска т.н. Сива дивизија која се борела на Источниот фронт како дел од силите на Оската против Советскиот Сојуз. Режимот на Франко бил мразен од кубанскиот водач Батиста кој предложил заедничка акција помеѓу латинските држави и Соединетите Американски Држави за соборување на Франко во Шпанија [4].

По војната, Франко успеал да ја задржи и зацврсти својата власт во Шпанија преку спроведување на строги мерки: систематско потиснување на дисидентските и опозициските ставови преку цензура и принуда [5][6], затворање на идеолошките противници во логори низ цела Шпанија [7], спроведувањето на принудна работа во затворите [8], и употребата на смртната казна и тешките затворски казни како методи за заплашување на неговите идеолошки непријатели [9]. За време на Студената војна, САД воспоставиле дипломатски и трговски сојуз со Шпанија, поради силната анти-комунистичката политика на Франко.

Во почетокот на 60-те години, Франковиот режим почнал со спроведување на реформи во економијата. Со што започнало економското т.н. „шпанско чудо“ кое траело до 1973 година. Овој економски развој се оценува како најпозитивно наследство на Франковиот режимот. Во овој период, Шпанија во голема мера го надминала приходот по жител што ги разликува развиените од неразвиените земји и поттикнал развојот на доминантната средна класа. Чудото било поттикнато од економските реформи спроведени од т.н. технократи поставени од Франко, кој започнале крупни јавни инвестиции за развој на инфраструктурата, по препорака на Меѓународниот монетарен фонд. Технократите биле нова сорта на економисти кои ги замениле старите од фалангистичкото движење кои биле склони кон изолационизам.

По неговата смрт, Шпанија започнала транзиција кон демократијата. Денес, симболите од Франковиот режим како што се националниот грб или знамето со царски орел, се забранети со закон во Шпанија [10].

Семеен грб на семејството Франко до 1940 година[11]
Ферол

Франциско Франко е роден во 12 часот и 30 минути на 4 декември 1892 година во Ферол, во стариот дел на градот. На 17 декември бил крстен во црквата Св. Франсис под името Франциско Паулино Ерменегилдо Теодуло:

  • Франциско по неговиот дедо од таткова страна.
  • Паулино од неговиот кум, Ерменегилдо според неговата баба од мајчина страна.
  • Теодуло според светецот на чиј ден е роден.

Неговиот татко Николас Франко Салгадо потекнувал од Андалусија, меѓутоа семејството се преселило во Галисија. Семејната гранка од татковата страна имале долга традиција на служење во шпанската морнарица. Во текот на два века, шест генерации непрекинато биле назначувани за поморски офицери сè до таткото на Франко (22 ноември 1855 - 22 февруари 1942).

Негова мајка била Марија дел Пилар Баамонде Пардо де Андараде (1865 - 28 февруари 1934 година), а неговите родители се венчале во 1890 година. Младиот Франко го поминал своето детство со своите двајца браќа и две сестри:

  • Никола (Ферол, 1891-1977, подоцна поморски офицер и дипломат, кој бил оженет со Марија Изабел Паскуал дел Побил Равело)
  • Рамон (кој бил шпански пионер во воздухопловството и имал различни политички ставови од Франко)
  • Марија дел Пилар (Ферол, 1894 - Мадрид, 1989, подоцна сопруга на Алонсо Јараиз Херез)
  • Марија де ла Паз (Ферол, 1899 - Ферол, 1900)

Воена кариера

[уреди | уреди извор]

Втора мароканска војна

[уреди | уреди извор]
Милан Астрај
Амблемот на шпанските домородни редовни сили т.н. регулареси

Франко сакал да ги продолжи семејните традици со приклучување во шпанската морнарица, но запишувањата во поморската академија биле затворени во периодот помеѓу 1906 и 1913 година. Франко решил да се приклучи во шпанската копнена војска, со што била прекината долгата традиција на неговото семејство. Во 1907 година тој се запишал на пешадиската академија во Толедо, каде што дипломирал во 1910 година. Бил именуван за наредник. Две години подоцна ја добил комисијата за Мароко. Обидот на Франко за физичка окупација на новиот африкански протекторат довел до Втората мароканска војна (1909 - 1927 година) со месното населени. Тогашната воена тактика придонела за голем број на порази на шпанските офицери, но дале можност за лесно напредување во воената кариера. Се зборувало дека офицерите можат завршат во гроб или како генерали (la caja o la faja)

Франко набргу стекнал репутација на способен офицер. Се придружил на т.н. регулареси, колонијални шпански сили, составени од месното население, под команда на шпански офицери кој делувале слично како СА во Германија. Во 1916 година, Франко имал 23 години и веќе бил капетан, но бил ранет во Ел Биутз. Неговото преживување придонело да си ја зацврсти репутација меѓу шпанските трупи како човек кој има голема среќа (baraka). Неуспешно бил предложен за највисоката шпанска награда за храброст, престижната Cruz Laureada de San Fernando, наместо тоа бил унапреден во мајор со што станал најмладиот заповедник на пешадијата во историјата на Шпанија.

Во периодот помеѓу 1917 и 1920 година бил стациониран во внатрешноста на Шпанија. Во 1920 година харизматичниот Милан Астрај ја формирал Шпанската легија, а Франко бил именуван за негов заменик и се вратил во Африка. На 24 јули 1921 година слабо предводената и уморна шпанска војска претрпела пораз кај Ануал. Легијата симболично ја спасила шпанската енклава кај Мелил и тоа под раководство на Франко. Во 1923 година Франко бил поставен за водач на Шпанската легија. Истата година се оженил со Кармен Поло со која имал една ќерка Марија Дел Кармен која е родена во 1926 година [12]. Кум на неговата венчавка бил шпанскиот крал Алфонсо XIII, а овој факт подоцна му дал репутацијата на монархистички водач.

Бил унапреден во полковник и како таков во 1925 година го предводел истоварувањето на шпанската војска кај Ал Хоцеим, центар на мароканските бунтовнички сили. Истоварувањето и француската инвазија од југ претставувале целосен пад на Рифската Република. За овој успех, во 1926 година Франко бил унапреден во генерал, а во 1928 година бил поставен за заповедник на новооснованата академија во Сарагоса.

За време на Втората Шпанска Република

[уреди | уреди извор]
Франко во Африка
Амблемот на Шпанската легија

Франко и по падот на шпанската монархија во 1931 година, се држел до својот аполитизам (меѓутоа според некои извори, тој ја поддржувал десницата и нејзиниот водач Ривера, или во најмала рака имал слични погледи со нив за иднината на Шпанија). Во јуни воената академија била затворена од страна на шпанскиот воен министер Мануел Азане и тоа било повод за првиот негов судир со републиканците. Франко одржал говор пред кадетите, кој од страна на самиот министер бил оценет како навредувачки [13]. Следните шест месеци Франко останал без служба и бил надгледуван.

На 25 февруари 1932 година, Франко бил поставен за командант на гарнизонот во градот А Коруња. Тој не учествувал во обидот за државен удар предводен од Хосе Санџурџо, дури и испратил писмо до Санџурџо во кое негодувал за таквото движење. Под влијание на воените реформи, во јануари 1933 година Франко бил поставен на 24 место на пописот на бригадирите. Истата година ја добил командата над Балеарските Острови, положба која била повисока од воениот чин.

Во октомври 1933 година се одржале избори на кој победиле десничарите. На 5 јануари 1934 година избувнало револуционерно движење кое било насочено против десничарската влада. Центарот на востанието било во Астурија, а од таму за кратко време се проширило низ Шпанија. Франко, кој тогаш веќе бил генерал и наследник на воениот министер Хилдалго, бил поставен за командант на операцијата која имала за цел да го задуши востанието. Африканските единици, предводени од генералот Едуардо Лопес Очоа, требале да го извршат главниот удар. По две неделни тешки борби востанието било задушено.

Востанието, сите случувања околу него, како и причините кои довеле до граѓанската војна до ден денес се тема на полемика (пример: Енрикез Марадиелос и Пиа Мое [14][15][16]), меѓутоа има општа согласност дека Астуријанското востание го засилил антагонизмот помеѓу Франко и Енрикез Марадиелос. Франко ја мобилизирал војската против востанието и се залагал за одбрана на Републиката и воопшто на постојниот поредок во државата и општеството. На 15 февруари, Франко бил поставен за заповедник на африканските единици, а на 19 мај 1935 година бил поставен за врховен командант на генералштабот, највисока воена положба во Шпанија.

Општи избори од 1936 година

[уреди | уреди извор]
Емилио Мола
Шпанско Мароко

По корупцискиот скандал Страперло, паднала владата на централно-деничарската коалиција и биле закажани нови избори. Биле формирани две големи коалиции: Frente Popular (левичари) и te Frente Nacional (десничари). На 16 февруари 1936 година за победници биле прогласени левичарите, меѓутоа тие имале мала предност. Следниот ден настанала хаотична состојба. Франко започнал со лобирање за прогласување на државна криза, меѓутоа тоа не било прифатено, а левичарите дозволиле повторно да бидат преброени гласовите. На 23 февруари, Франко бил испратен на Канарските Острови каде командувал со мал број на луѓе. Во меѓувреме, заговорот кој бил предводен од Емилио Мола почнал да ги добива своите контури. Франко бил контактиран, но одбивал да учествува во него сè до средината на јули. На 23 јуни 1936 година, Франко испратил писмо до владата во кое понудил своја помош за смирување и воведување на ред во војската, но не добил одговор.

Заговорниците одлучиле да се кренат востание со или без Франко (con Paquito o sin Paquito) како што истакнал Хосе Санџурџо, почесен водач на востанието. По неколку одложувања, било решено востанието да биде кренато на 18 јули. Откако било јасно дека ќе има пуч, Франко решил да им се придружи на заговорниците и ја добил командата над африканските сили. Приватниот авион на Франко - DH 89 долетал од Англија и на 11 јули го префрлил во Африка. Убиството на десничарскиот водач Хосе Калва Сотела од страна на владините полицајци го забрзале востанието. Еден ден пред одредената дата за започнување на пучот, африканската војска се побунила и одбила да ги извршува наредбите на своите офицери. На 18 јули, Франко објавил манифест [17], познат како Франков проглас за побуна, и се упатил кон Африка. Таму стигнал следниот ден и го презел командувањето. Една недела подоцна, бунтовниците кои уште тогаш биле именувани како националисти, контролирале третина од Шпанија, а поголемиот дел од морнарицата била под контрола на републиканците со што Франко бил изолиран во Африка. Пучот бил неуспешен, но започнала Шпанската граѓанска војна.

Шпанска граѓанска војна

[уреди | уреди извор]

Шпанската граѓанска војна започнала во јули 1936 година и официјално завршила со победа на Франко во април 1939 година, оставајќи зад себе 190 000 [18] до 500 000 жртви [19]. И покрај договор за неинтервенирање од август 1936 година, во војната се вмешале странски држави, што довело до меѓународни реперкусии. Националистичката страна била поддржана од страна на Фашистичка Италија, која го испратила Корпусот на доброволечките трупи, а подоцна се вмешал и Третиот Рајх испраќајќи ја Легијата Кондор. Обединетото Кралство, Франција и Советскиот Сојуз ги поддржувале републиканците, а биле формирани и интернационални бригади кои се бореле на нивна страна.

Првите месеци

[уреди | уреди извор]
Мусолини и Хитлер
Општa карта на Шпанската граѓанска војна (1936-1939).

  Почетната Националистичка зона - јули 1936
  Националистичкото напредување до септември 1936
  Националистичкото напредување до октомври 1937
  Националистичкото напредување до ноември 1938
  Националистичкото напредување до февруари 1939
  Последна област под контрола на републиканците
Главни националистички центри
Главни републикански центри

Копнени битки
Поморски битки
Бомбардирани градови
Логори
Масакри
Бегалски кампови

Иако Франко немал финансиски средства, бидејќи државниот трезор се наоѓал во Мадрид во рацете на владата, постоело организирано економско лоби во Лондон кое се грижело за неговите финансиски потреби, а Франко можел да смета и на своите соработници во странство. Во првите денови на востанието се воделе силни борби за освојување на контролата над протекторатот. Франко успеал од една страна да го придобие населението и нивните номинални водачи, а од друга страна успеал да ја наметне својата контрола на воените сили во Африка. Франко започнал да се пресметува со офицерите кои биле лојални на Републиката, при што биле ликвидирани 200 офицери, а меѓу нив се нашол и еден близок роднина на Франко [20].

Откако успеал да се наметне во Шпанско Мароко се наметнало прашањето за префрлање на неговите сили од Африка на Пиринејскиот Полуостров. Шпанската флота била под контрола на Републиката и бил блокиран Гибралтарскиот Проток. Наоѓајќи се во тешка положба, Франко започнал да бара сојузници. Побарал помош од Бенито Мусолини и од него успеал безусловно да издејствува оружје и авиони. Во меѓувреме, адмиралот Канарис успеал да го убеди Адолф Хитлер да даде потпора за националистите. Од 20 јули, Франко бил во состојба, благодарение на 22 - та германски Јункери Ју 52, да создаде воздушен мост до Севиља, каде неговите сили помогнале во освојувањето на градот.

Јункер Ју 52

Амбасадорите започнале силна дипломатска агитација во Обединето Кралство, Кралството Италија и Третиот Рајх, со цел добивање на воена помош, пред сè авиони. Преговорите биле успешни, а дипломатите успеале да издејствуваат воена помош од Кралството Италија и Третиот Рајх. На 2 август, италијанските и германските авиони започнале да слетуваат во Тетуан, а на 5 август, Франко успеал да ја пробие блокадата и да постави конвој на бродови со околу 2 000 војници.

Во почетокот на август, состојбата во Андалусија била доволно стабилна за Франко да организира воена колона, од околу 15 000 војници под команда на Хуан Јагуеа, која промарширала низ Екстремадура и стигнал сè до Мадрид. На 11 август била освоена Мерида, а на 15 август - Бадахос. Мусолини им наредил на италијанските волонтерски сили, околу 12 000 Италијанци, да тргнат кон Севиља, а Хитлер испратил посебна единица на Луфтвафе (2ЈГ/88) со 24 авиони. Сите тие авиони ги носеле симболите на шпанските националисти, а биле управувани од германски и италијански пилоти. На 21 септември, Франко и командантот на воената колона во Макведа, околу 80 км од Мадрид, организирале заобиколување со цел освојување на гарнизонот во Толедо, а успеале во тоа на 27 септември. Овој воен потег на Франко е оценет како контроверзен, кој им овозможил на републиканците да ја зацврстат одбраната околу Мадрид и да го задржат градот таа година.

Издигнување

[уреди | уреди извор]
Портрет на Франко
Франко и Емилио Мола

На 20 јули, водачот на востанието Хосе Санџурџо загинал во авионска несреќа, а неговата смрт влијаела врз понатамошните настани. Политичкиот живот на територијата која била под контрола на националистите, замрел [21]. Моќта се наоѓала во рацете на војните раководители: Емилио Мола бил север, Гонсало Гуеипо де Лијано во Севиља од каде ја контролирал Андалусија, Франко имал независна команда и Мигел Кабанелас во Сарагоса од каде го контролирал Арагон.

На 24 јули била формирана воена хунта со центар во Бургос, на чело со најстариот и најискусниот генерал Кабалеса [22]. Во најтесното раководство биле Мола и уште 3 генерали и 2 полковници, а Франко влегол во август [23]. На 21 септември, била донесена одлука Франко да биде поставен за врховен командант (на овој облик на заедничко командување се спротивставувал само Кабанелас [24]), а на 28 септември Франко бил поставен за шеф на владата [25].

Мола сметал дека Франко е неподобен, но самиот тој бил дискредитиран како главен организатор на неуспешниот пуч кој се претворил во граѓанска војна. Од друга страна, Мола се поистоветувал повеќе со Карлистите, отколку со Фалангистите, а бил и во лоши односи со Германците. Де Лијано и Кабанелас имале слаби позиции во некои од националистичките кругови, бидејќи во минатото му се произнеле на Мигел Примо де Ривера. Син му, Хосе Антонио Примо де Ривера, водачот на Шпанската фаланга, бил затворен во Мадрид, а по неколку месеци бил ликвидиран. Франко кој бил оддалечен од политиката и имал малку активни непријатели, неговата соработката со Италија и Третиот Рајх [26] дополнително му ја зацврстиле позицијата.

На 1 октомври 1936 година, Франко јавно бил прогласен за генералисимус и Jefe del Estado (водач на државата) [27]. Мола бил против таа одлука, а Канабелас интервенирал за да ги смири страстите. Една година подоцна, позицијата на Франко се засилила уште повеќе, имено на 2 јуни 1937 година во авионска несреќа загинал Мола. Сите водачи кои го организирале заговорот против Републиката исчезнале во периодот помеѓу 1933 и 1935 година [28]. Има претпоставка дека зад смртта на Мола, стоела тајната служба на Третиот Рајх.

Воена команда

[уреди | уреди извор]
Франко во воена униформа
„Легијата Кондор“, пешадиска обука во училиштето во Авила, Шпанија.

По преземањето на врховната воена команда, Франко лично ги раководел сите воени операции до крајот на војната. По неуспешниот напад врз Мадрид во ноември 1936 година, Франко презел друга тактика за победување во војната. Неговиот пристап за олеснување на гарнизонот во Толедо, бил тема на многу дебати, како и голем други одлуки во тој период. Некои од неговите одлуки, како и онаа од јуни 1938 година, кога тргнал кон Валенсија, а не кон Каталонија, и денес се контроверзни.

Франко откако не добил помош од европските демократски држави, побарал и добил дополнителен воен ангажман од Третиот Рајх, во облик на Легијата Кондор. Оваа воена помош вклучувала воени службеници, инструктори и околу 91 000 Германци и 91 000 Италијанци. Овие сили му помагале на Франко во текот на целата војна. Италијанската воена помош бил во форма на Corpo Truppe Volontarie, а италијанските трупи учествувале во сите поголеми воени операции, CTV доминирал во воздушниот простор во текот на целата војна.

Покрај помошта на Италија и Третиот Рајх, Франко успеал да издејствува и околу 20 000 војници од страна на португалскиот диктатор Антонијо де Оливиера Салазар. Германските и Италијанските сили учествувале до крајот на Шпанската граѓанска војна, а парадирале и на денот на освојувањето на Мадрид. Франко изјавил дека ќе ја освои престолнината на Шпанија за три месеци, меѓутоа му требале три години.

Политичка команда

[уреди | уреди извор]
Рамон Серано Сунер
Знамињата на фалангистите (лево) и карлистите (десно)

Франко успеал да ги обедини идеолошки некомпатабилните партии - фалангата и карлистите под своја власт. Оваа политичка формација ги смирила екстремните и германофилски фалангисти мешајќи ги со антигерманските и промонархистички карлисти.

Зетот на Франко, Рамон Серано Сунер бил негов главен политички советник, вешт политичар и тактичар, успешно манипулирал со оделните десничарски партии, ги насочувал едни против други за да ја зацврсти позицијатa на Франко.

Во еден момент успеал да ги отстрани Мануел Хадило - водач на фалангистите и Мануел Фал Конду - водач на карлистите, со што Франко станал неприкосновен авторитет сред десничарските и националистичките кругови во Шпанија.

За да ја зацврсти својата позиција, Франко спроведувал терор. Од почетокот на 1937 година, секоја смртна казна која требало да биде спроведена, морала да биде одобрена или потпишана лично од Франко, меѓутоа има мислења дека за голем број од убиствата Франко не бил запознаен.

Од почетокот на востанието, генералите на хунтата спроведувале систематски терор за да го скршат отпорот. Ликвидациите кои биле спроведувани во текот на граѓанската војна, продолжиле и по победата на Франко. Бројот на жртвите се движи околу 15 000 до 27 000 души.

Крајот на Граѓанската војна

[уреди | уреди извор]

На 4 март 1939 година било кренато востание во републиканскиот камп, кое имало за цел да го спречи наводното востание на комунистите кое било планирано од Хуан Негрин. Востанието било предводено од Сегисмунд Касада и Јулијан Бастеира, бунтовниците успеале да го освојат Мадрид и се обиделе да постигнат договор со Франко, меѓутоа тој не прифаќал ништо друго освен безусловна капитулација. Попуштиле под Франковиот притисок и на 27 март 1939 година, Франко го окупирал Мадрид со што официјално паднала Републиката. Истиот тој ден, Франко го положил својот меч на олтар во црква и дал заклетва дека тој меч повеќе никогаш нема да го употреби освен ако Шпанија не се најде во опасност, заклетвата ја одржал до крајот на својот живот.

Франко за време на Втората светска војна

[уреди | уреди извор]
Хитлер и Франко
Во предниот ред, од лево кон десно: Карл Волф, Хајнрих Химлер, Франко и министерот за надворешни работи на Шпанија Серано Сунер во Мадрид, октомври 1940 г.

Во септември 1939 година започнала Втората светска војна во Европа. Во градот Андеј - Франција, на 23 октомври 1940 година Франко имал средба со Адолф Хитлер. Германскиот водач побарал Шпанија да земе учество во војната на страна на Оската, а меѓу останатото било дискутирано за воената опрема, Гибралтар, француската Северна Африка и слично. И покрај инсистирањето на Хитлер, не бил постигнат договор[29].

Шпанија под раководство на Франко останала неутрална во војната, меѓутоа помошта на Хитлер и Мусолини во текот на граѓанската војна, како и силното германофилско и фашистичко расположение кое владеело меѓу шпанските десничари, придонеле Франко да понуди различни видови на помош за Третиот Рајх и Италија. Тој дозволил да се формира т.н. Сина дивизија, составена од шпански доброволци кои се бореле на страната на Германците на Источниот фронт против силите на СССР, меѓутоа не дозволил Шпанците да се борат против западноевропските држави. Франко не се согласувал со нацистичкиот мистицизам и неговите обиди за манипулација со христијанството, тоа било спротивно од тенденцијата на Франко за одбрана на христијанството и католицизмот [30].

По капитулацијата на Франција во јуни 1940 година, Шпанија прифатила една прооскина политика, на пример: шпанска посада на германските бродови. Франко исто така размислувал за освојување на Гибралтар со што би се пресекол пристапот кон Средоземното Море за Сојузниците [29], меѓутоа не дошло до спроведување на планот, бидејќи тоа значело директно учество на Шпанија во војната и отворање можност за Британците, односно освојување на Канарските Острови и Шпанско Мароко од нивна страна [29][31].

Според еден неодамна откриен документ од Втората светска војна, додека Франко преговарал со силите на Оската, им наредил на своите провинциски гувернери да состават список на Евреи. Франко му обезбедил на Хајнрих Химлер листа од 6 000 Евреи кои требало да влезат во нацистичкото конечно решение. Меѓутоа Франко не спровел систематска ликвидација на Евреите во Шпанија, ниту пак испратил Евреи во Третиот Рајх [32]. На 14 јуни 1940 година, на шпанските сили го окупирале градот Тангер (кој бил под управа на Лигата на народите) и го држеле сè до 1945 година.

Шпанија под Франко

[уреди | уреди извор]

Франкова Шпанија

[уреди | уреди извор]
Службен портрет на Франко, во 1970 година.
Франко во посета на инаугурацијата на INIA, 11 март 1954

Во февруари 1945 година, два месеци пред официјално да заврши Втората светска војна, власта на Франко била призната од страна на Велика Британија и Франција. Неговата официјална титула била Su Excelencia el Jefe de Estado (неговата екселенција водач на државата), во државните и службените документи титулата му била запишана како Caudillo de España (водач на Шпанија) или el Generalísimo. Во текот на своето владеење бил титулиран и како el Caudillo de la Última Cruzada y de la Hispanidad (водач на последниот Крстоносен поход во Хиспанскиот свет) и el Caudillo de la Guerra de Liberación contra el Comunismo y sus Cómplices (водач на војната за ослободување од комунизмот и неговите колаборатори).

Во 1947 година, Франко ја прогласил Шпанија за монархија, но не назначил монарх. Овој гест бил направен во голема мера за да се смири Националното движење (карлистите и алфонистите кои се залагале за обнова на монархијата). Иако била прогласена монархија, Франко немал желба да се прогласи за крал, ниту пак да дозволи со Шпанија да владее монарх. Франко го оставил шпанскиот престол празен, а истовремено се прогласил за кралски регент. Тој ја носел униформата на генерал-капетан (ранг традиционално резервиран за кралот) и живеел во палата Ел Пардо. Ја прифатил кралската привилегија да оди по балкадин, а неговиот портрет се појавувал речиси на сите шпански монети. Иако неговите службени титули биле Jefe del Estado и Generalísimo de los Ejércitos Españoles (генералисимус на шпанската војска), тој сакал владата која ќе го наследи да биде поавторитарна отколку претходната монархија и затоа Франко ја користел титулата по милост божја (на латински: Dei gratia), која во минатото била карактеристична само за кралевите т.е. божјото право на монарсите.

Франко во 1972 година
Франко и Двајт Ајзенхауер, Мадрид, 1959 година

Франко првично барал поддршка од разни политички групи. Најпрво власта ја приграбил со помош на фашистичката Шпанска Фаланга, меѓутоа по поразот на силите на Оската во Втората светска војна се дистанцирал од неа. Франковата администрација ја маргинализирала фашистичката идеологија во корист на технократите, од кои многумина биле поврзани со Опус Деи, кој ја промовирале економската модернизација на Франко [33].

Иако неговото владеење имало некои елементи на фашизмот, неговата власт не се дефинира како фашистичка. Главната разлика се гледа во тоа што фашизмот се стреми да го трансформира општеството и да воведе нови вредности, нов вредносен систем, додека пак Франковиот режим се залагал за конзервирање на постојните општествени норми и вредности во Шпанија [34][35][36][37][38]. И покрај различните погледи за режимот на Франко за тоа на која идеологија тој ѝ припаѓал, сепак преовладува една согласност дека неговиот режим потполно се залагал за отфрлање на комунизмот, социјализмот и анархизмот.

По завршувањето на Втората светска војна, Шпанија се наоѓала во тешка положба поради уништената економија и меѓународната изолација. Меѓународната позиција била подобрена поради стратешката положба на Шпанија во екот на Студената војна, Соединетите Американски Држави склучиле трговски и воен сојуз со Франко. Историскиот сојуз започнал со посетата на американскиот претседател Двајт Ајзенхауер во 1953 година, што резултирала со создавањето на Пактот од Мадрид, а Шпанија во 1955 година била примена во Обединетите нации. Во 1952 година, синдикатот од Далас, Тексас, вклучувајќи ги и Џек Крајтон, Еверет Ли Деголјер и Клинт Муршисон побарале права за дупчење на нафта во Шпанија. Операцијата била управувана од страна на компанијата Delta Drilling [39].

Политичко угнетување

[уреди | уреди извор]
Франко на воена парада
* Личниот грб на Франко како шеф на државата.
* Кралскиот грб на Кастиља, користен од Франко.
* Победник, друг амблем користен од страна на Франко.

Првата деценија на владеењето на Франко била исполнета со континуирано угнетување и убиства на неодреден број на политичките противници. Проценката е контроверзна, но бројот на лица убиени најверојатно е помеѓу 15 000 и 50 000 луѓе.

Постепено Франковиот режим станувал сè помалку насилен, меѓутоа за време на неговото владеење невладините синдикати и сите политички противници: комунистичките и анархистичките организации, либералните демократи, баскиските и каталонските националисти биле потиснати или контролирани со сите можни средства, вклучително и полициска репресија. Единствен легален трговски сојуз за време на неговиот режим бил Sindicato Vertical.

Франко промовирал унитарен национален идентитет и била сузбивана секаква културна различност во Шпанија. Коридата и фламенкото биле промовирани како шпански национални традиции, додека оние традиции кои не биле сметани за шпански биле потиснати.

Франковите погледи за шпанската традиција биле помалку вештачки и произволни: додека некои регионални традиции биле потиснати, фламенкото и андалусиската традиција, се сметале за дел од еден поголем, дел од националниот идентитет. Сите културни активности биле цензурирани, а многу, како на пример сарданата, националниот танц од Каталонија, биле забранети. Оваа културна политика била олабавена кон крајот на 60-те и почетокот на 70-те години на 20 век.

Пречек на националистите

Користењето на другите јазици, освен шпанскиот односно кастиљскиот, биле забранети (особено каталонскиот, галисискиот и баскискиот јазик). Јазичната политика на Франковиот режим налагала сите документи и договори да бидат објавени на шпански јазик, а сите други документи кој би биле објавени на друг јазик немале правна основа.

Користењето на другите јазици било забранети и во училиштата, јавните плакати и постери. И покрај забраните, народот продолжил да говори на другите јазици.

Римокатоличката црква била прифатена како црква на шпанската држава и привилегиите кои ги изгубила за време на републиката ѝ биле вратени. Државните службеници морале да биде католици, а за некои официјални работни места се барала потврда за добро однесување од страна на свештениците.

Граѓански бракови кои биле склучени за време на Шпанската Република биле прогласени за ништовни и неважечки ако не се потврдени од страна на католичката црква. Разводот, контрацептивните средства и абортусот биле забранети. Во 1954 година бил донесен закон со кој хомосексуалноста, педофилијата и проституцијата биле прогласени за криминал, меѓутоа овој закон не бил секогаш применуван [40].

Шпанска колонијална империја и деколонизација

[уреди | уреди извор]

Франковиот режим се обидел да ја задржи контролата над Шпанското колонијално царство и поддржувал политика на колонијализам. Во текот на Алжирската војна (1954-1962), Мадрид стана база на Организацијата на Тајната армија составена од десничарски француски офицери и војници кои се залагале за зачувување на француски Алжир. Меѓутоа, Франко бил принуден да направи отстапки. Кога француско Мароко станало независна држава во 1956 година, тој го предал шпанско Мароко на Мухамед V, задржувајќи само неколку енклави. Година дена подоцна, Мохамед V ја нападнал шпанска Сахара во текот на Заборавената војна.

Во 1968 година, Франко под притисок на Обединетите нации ѝ дал независност на Екваторска Гвинеја, а следната година му ја вратил покраината Ифни на Мароко. Франковиот режим започнал кампања за добивање на Гибралтар од страна на Обединето Кралство, откако тоа не било постигнато во 1969 година границата кон Гибралтар била затворена сè до 1985 година.

Шпанско економско чудо

[уреди | уреди извор]
Споменик на автомобилот СЕАТ 600,симбол на шпанското економско чудо[41]
Шпанска пезета од 1957 година со ликот на Франциско Франко , Caudillo de España, por la gracia de Dios (водач на Шпанија, со милоста од Бога)

Граѓанската војна ја опустошила шпанската економија. Инфраструктура била сериозно уништена, голем дел од квалификуваните работниците загинале или ја напуштиле Шпанија, а развојот на бизнисот бил сериозно попречен. Една деценија по победата на Франко во Граѓанската војна, економијата бавно се развивала. Во почетокот Франковиот режим спроведувал политика на автаркија, отсекувајќи ја шпанската економија од меѓународната трговија. Оваа политика имала катастрофални последици, економијата стагнирала, а црниот пазар процутел.

Таквата состојба придонела Франковиот режим да започне една нова економска политика, условена од можен банкрот, како и притисокот на Соединетите Американски Држави, Меѓународниот монетарен фонд и технократите од Опус Деи за послободна пазарна економија. Многумина од старата гарда кои биле задолжени за економијата биле заменети од страна на технократите и покрај првичното противење на Франко.

Од средината на 60-те годин на 20 век се започнало со скромна економска активност и мали економски реформи. Меѓутоа кога старите министри биле заменети од Франко со аполитички технократи, режимот започнал да спроведува развојна економска политика со длабоки економски реформи. По еден период на рецесија, во 1959 година започнал период на економски развој кој траел сè до 1974 година, познат како Шпанско економско чудо. Во текот на 60-те година, Шпанија доживеала понатамошно зголемување на богатство. Меѓународните компании отворале фабрики во Шпанија, под влијание на ниските плати и даноци, забраната на штрајковите и заштитата на државата за странскиот капитал. Фирмите во државна сопственост, кака СЕАТ, Пегасо и ИНХ масовно го прошириле производството. Шпанија станала нов масовен пазар. Шпанија станала втората најбрзорастечка економија во светот во периодот помеѓу 1959 и 1973 година, веднаш зад Јапонија.

Авенија Генералисимус
Регионите во Шпанија

Франко не вовел никаква форма на административна или законска децентрализација, се залагал за зачувување на целосната централизација воспоставена од Бурбоните и генералот Мигел Примо де Ривера. Таквиот систем бил заснован врз начелата на француската централизирана држава.

Главен недостаток на овој вид на управување е добра волја на регионалните претставници на владата отколку регионалните потреби. Нееднаквостите во образованието, здравствената заштита или транспортните врски во регионите придонеле за нееднаков економски раст помеѓу регионите, од една страна биле богатите Мадрид, Каталонија и Баскија, а од друга страна сиромашните Екстремадура, Галисија и Андалусија. Некои региони, како Екстремадура, немале универзитети.

Регионите Баскија и Каталонија биле меѓу оние кои му го дале најсилниот отпор на Франко во текот на граѓанската војна. Франко ја поништил автономијата на овие два региони, кои ја добиле за време на Втората Шпанска Република, како и на Галисија. Франко ги укинал вековните фискални привилегии и автономијата во две од трите баскиски провинции: Гуиппузкоа и Бискеј, но ја зачувал за Алава која застанала на страната на националистите во граѓанска војна. Областа Навара, во која доминантен бил баскискиот јазик, во текот на граѓанската војна била на страна на Франко, оттука Навара останала посебна област од Баскија и Франко ја потврдил фискалната привилегија и автономија т.н. Fuero General de Navarra.

Смртта и погребот на Франко

[уреди | уреди извор]
Гробот на Франко
Долина на паднатите

Во 1969 година, Франко му доделил нова титула на Хуан Карлос, кои бил школуван од него во Шпанија, принц на Шпанија со што очигледно го поставил за свој наследник. Ова било изненадување за карлистичкиот претендент за шпанскиот престол, таткото на Хуан Карлос, дон Хуан - грофот на Барселона, кој имал првенствено право на престолот. До 1973 година, Франко се откажал од должноста премиер, а се декларирал како шеф на државата и врховен командант на војската.

Во неговите последни години од владеењето со Шпанија, дошло до засилување на тензијата помеѓу различните фракции во Националното движење, кои започнале борба за превласт. На 19 јули 1974 година, поради тоа што остарениот Франко имал различни здравствени проблеми, Хуан Карлос бил именуван за вршител на должноста - шеф на државата. Франко наскоро закрепна и на 2 септември ги продолжил своите обврски како шеф на државата, но една година подоцна, неговата здравствена состојба се влошила, вклучувајќи ја и долга борба со Паркинсоновата болест. На 30 октомври 1975 година, Франко паднал во кома и бил ставен на апарати за одржување на виталните функции. Франко умрел по полноќ на 20 ноември 1975 година, на 82-годишна возраст.

Шпанскиот крал Хуан Карлос I решил да го закопа во Долина на паднатите, колосален споменик во чест на сите паднати во текот на Шпанската граѓанска војна. Споменикот бил дизајниран по наредба на Франко и имал јасен националистички тон. На неговиот погреб присуствувале чилеанскиот диктатор Аугусто Пиноче и боливискиот диктатор Хуго Банзер.

Франковото наследство

[уреди | уреди извор]
Франков споменик на ѕид во Авила, Шпанија
Коњанички споменик на Франко

Најсигурниот Франков наследник, Луис Кареро Бланко бил убиен во 1973 година во терористички напад на ЕТА. По смртта на Бланко, наследник на Франковата титула бил шпанскиот крал Хуан Карлос I. Иако тој ги имал симпатиите на Франко, сепак Хуан Карлос I имал либерални и поинакви погледи за иднината на Шпанија.

Хуан Карлос I наместо да ја продолжи политиката на Франко, по доаѓањето на власт започнал да ја обновува демократијата и одржал демократски избори во 15 јуни 1977 година, а исто така помогнал во задушувањето на воениот пуч од 1981 година.

Од страна на Доминик Гомес (самопрогласен папа под името Григориј XVII) од Палмаријанската католичка црква (десничарска католичка црква), Франциско Франко бил прогласен за светец, но неговата канонизација не била призната од Римокатоличката црква

Во 2005 година, социјалистичката влада започнала процес за откривање на масовните гробници на Франковиот режим. Денес постои официјално признавање за сторени злосторства од страна на Франковиот режим во текот на Шпанската граѓанска војна. Некои Франкови споменици и симболи на неговиот режим се отстранети. Европската Унија започнала со преземање на чекори за нова резолуција и поправка на историските погледи за Франко [42]. Во Германија, легијата која била именувана по Вернер Молдерс, била преименувана бидејќи тој ја предводел ескадрилата која ја бомбардирала Герника.

Контроверзиите околу Франко, продолжуваат и денес. ББС во 2006 година објавил новинска вест за еден Полјак кој се воодушевувал на Франковата статуа и говорел дека Франко е спасител на светот [43]. Истата година бил донесен закон со кој се овозможува ексхумација на масовните гробници, отштета за жртвите на војната и Франковиот режим и давање на шпанско државјанство на припадниците на интернационалнте бригади. Меѓу другото, се водат дискусии за семејното богатство на Франко (вклучувајќи многу недвижен имот наследен од Франко, како што се Pazo de Meirás, Canto del Pico или Палатата Cornide во Коруња). Се проценува дека семејството на Франко поседува од 350 000 000 до 600 000 000 евра. Кога Франко бил болен, Кортезите изгласале пензија за неговата сопруга, Кармен Поло. Во времето на нејзината смрт во 1988 година, Кармен Поло добивала повеќе од 12,5 милиони пезети (четири милиони повеќе од Фелипе Гонсалес, тогашниот шеф на владата).

Во популарните медиуми

[уреди | уреди извор]
  • Espíritu de una Raza
  • Franco, ese hombre
  • Espérame en el cielo
  • ¡Buen Viaje, Excelencia!
  • 20-N: Los ultimos dias de Franco
  • MadreGilda
  1. „Francisco Franco“. Spartacus.Schoolnet.co.uk. Архивирано од изворникот на 2009-10-04. Посетено на 2 December 2009.
  2. Beevor, Anthony. The Spanish Civil War. London: Penguin, 1982. p 49.
  3. Beevor, Anthony. The Spanish Civil War. London: Penguin, 1982. p 51.
  4. "Batista's Boost" Архивирано на 26 август 2013 г., Time, January 18, 1943. Retrieved March 2, 2010.
  5. Sinova, J. La censura de prensa durante el franquismo/ The Media Censorship During Franco Regime. Random House Mondadori. ISBN 84-8346-134-X.
  6. Lázaro, A. James Joyce's encounters with Spanish censorship, 1939–1966. Joyce Studies Annual, 1 Jan 2001.
  7. Rodrigo, J. Cautivos: Campos de concentración en la España franquista, 1936–1947, Editorial Crítica.
  8. Gastón Aguas, J. M. & Mendiola Gonzalo, F. (eds.) "Los trabajos forzados en la dictadura franquista: Bortxazko lanak diktadura frankistan."
  9. Duva, J. Octavio Alberola, jefe de los libertarios ajusticiados en 1963, regresa a España para defender su inocencia Diario El País, 9 November 1998
  10. Spiegel Online International "Landmark Law Condemns Dictatorship." 11 January 2007 [1]
  11. Vidal y de Barnola, Luis Alfonso. Ortegal genealogy.
  12. Carmen Franco y Polo, 1. grofica Franco na thePeerage.com.
  13. Discurso de Franco a los cadetes de la academia militar de Zaragoza (španjolski)
  14. Revolución de 1934 (španjolski)
  15. Sobre la imparcialidad del historiador y otras cuestiones de teoría de la Historia (španjolski)
  16. Polémicas en El Catoblepas (španjolski)
  17. Manifesto de las palmas (španjolski)
  18. Santos Juliá, coord. Víctimas de la guerra civil, Madrid, 1999, ISBN 84-8460-333-4
  19. „Spanish Civil War“. Enyclopædia Britannica. Concise.britannica.com. Посетено на 2 March 2010.
  20. „La Memoria de los Nuestros (španjolski)“. Архивирано од изворникот на 2007-10-06. Посетено на 2012-03-25.
  21. Hugh Thomas, Španjolski građanski rat, 1977., New York: Harper & Row. ISBN 0-06-014278-2. str. 258
  22. Thomas piše, "radije ga pacificirati, nego ga uzdignuti." op. cit., str. 282.
  23. Thomas, op. cit., str. 282.
  24. Thomas, op. cit., str. 421.
  25. Thomas, op. cit., str. 356.
  26. Thomas, op. cit., str. 420–422.
  27. Thomas, op. cit., str. 424.
  28. Thomas, op. cit., str. 689–690.
  29. 29,0 29,1 29,2 The Goebbels Diaries, ed. Louis P. Lochner (London: Hamish Hamilton, 1948), 25 Oct. 1940, стр. 153.
  30. Meyers, William P. „Pius XI and the Rise of General Franco“. III Publishing.
  31. Sager, Murray (July 2009). „Franco, Hitler & the play for Gibraltar: how the Spanish held firm on the Rock“. Esprit de Corps. Архивирано од изворникот на 2012-07-08. Посетено на 2012-03-26.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  32. Aderet, Ofer. "World War II document reveals: General Franco handed Nazis list of Spanish Jews." Haaretz News Agency. 22 June 2010
  33. „The Franco Years: Policies, Programs, and Growing Popular Unrest“. A Country Study: Spain. Library of Congress Country Studies.
  34. Laqueur, Walter Fascism: Past, Present, Future p. 13 1996 Oxford University Press]
  35. De Menses, Filipe Ribeiro Franco and the Spanish Civil War, p. 87, Routledge
  36. Gilmour, David, The Transformation of Spain: From Franco to the Constitutional Monarchy, p. 7 1985 Quartet Books
  37. Payne, Stanley Fascism in Spain, 1923–1977, p. 476 1999 Univ. of Wisconsin Press
  38. Payne, Stanley Fascism in Spain, 1923–1977, p. 347, 476 1999 Univ. of Wisconsin Press
  39. „Jack Alston Crichton“. spartacus.schoolnet.co. Архивирано од изворникот на 2009-02-26. Посетено на 8 April 2010.
  40. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2008-06-26. Посетено на 2012-03-27.
  41. El coche como símbolo del declive
  42. Von Martyna Czarnowska, Almunia, Joaquin: EU komisija (4): Skok od pola godine Архивирано на 13 февруари 2006 г., Weiner Zeitung, 17 февруари 2005.
  43. Europe diary: Franco and Finland, BBC, 6 јули 2006.

Дополнителни информации

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]


Статијата „Франциско Франко“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).