Прејди на содржината

Наоми Осака

Од Википедија — слободната енциклопедија
Наоми Осака
Наоми Осака на Отвореното првенство на САД во 2020 година
Земја Јапонија
Место на живеењеБеверли Хилс, Калифорнија, САД
Роден на16 октомври 1997(1997-10-16)(27 г.)
Роден воОсака, Јапонија
Спорт Тенис
Висина1.80 м
Професионалецсептември 2013
Игра со• десна рака
• дворачен бекхенд
Тренер(и)Вим Фисет (2020–)
Заработка$ 20,086,556
Веб-сајтnaomiosaka.com
Поединечно
Победи-порази254–139
Титули7
Највисок пласманБр. 1 (28 јануари 2019)
Сегашен пласманБр. 14 (10 јануари 2022)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан ОпенП (2019, 2021)
Ролан Гарос3К (2016, 2018, 2019)
Вимблдон3К (2017, 2018)
УС ОпенП (2018, 2020)
Други турнири
ChampionshipsГФ (2018, 2019)
Олимписки игри3К (2020)
Во двојки
Победи-порази2–14
Титули0
Највисок пласманБр. 324 (3 април 2017)
Резултати на Гренд Слемови
Австралијан Опен1К (2017)
Ролан Гарос2К (2016)
Вимблдон1К (2017)
УС Опен1К (2016, 2017)
Ажурирано на: 10 јануари 2022.

Наоми Осака (родена на 16 октомври 1997 г. во Осака, Јапонија) — јапонска професионална тенисерка.

Таа е поранешен светски бр. 1 играч и прв азиски играч кој се нашол на првото место на ВТА листата во поединечна конкуренција, како и првиот играч од Јапонија — маж или жена — кој бил рангиран како светски бр. 1 играч.[1] Таа е четирикратна гренд слем шампионка во поединечна конкуренција, со освоени две титули на Отвореното првенство на Австралија (2019, 2021) и две титули на Отвореното првенство на САД (2018, 2020). Таа е првата тенисерка која успеала да освои два гренд слем турнири едноподруго по Серена Вилијамс во 2015 година.

Родена во Јапонија во семејство на татко хаиќанец и мајка јапонка, Осака живеела и тренирала во САД од својата тригодишна возраст. Таа дошла до израз на 16-годишна возраст кога ја победила поранешната гренд слем шампионка Саманта Стосур на нејзиниот прв настап на ВТА турнирите. Две години подоцна, во 2016 година, таа за прв пат се пласирала во финале на ВТА турнир, и тоа на Отвореното првенство на Токио и за прв пат била рангирана во првите 50 играчи на ВТА листата. Осака се пробила во горниот ешалон на женскиот тенис во 2018 година кога ја освоила својата прва ВТА титула на отвореното првенство на Индијан Велс. Подоцна во годината, таа ја победила 23-кратната гренд слем шампионка Серена Вилијамс на Отвореното првенство на САД, станувајќи првата јапонска тенисерка која освоила гренд слем титула во поединечна конкуренција. На терен, Осака се одликува со агресивен стил на игра диктиран од основната линија, со силни форхенд удари и сервиси кои може да достигнат брзина до 201 км/ч.

Осака е една од најдобро платените спортисти во светот, и се нашла на 8. место на списокот на спортисти со највисока заработка за 2020 година. Таа исто така била именувана како спортистка со највисока заработка на сите времиња според годишниот приход остварен таа година. Осака се стекнала со значително признание како активист, покажувајќи поддршка за движењето Black Lives Matter (Црните животи се важни) во текот на натпреварите. Таа била именувана во списокот 100 највлијателни луѓе во светот кој го објавува списанието Тајм во 2019 и 2020 година. Покрај тоа, таа ја добила наградата Лауреус за најдобра светска спортистка во 2021 година. На летните олимписки игри 2020 одржани во Токио, таа ја добила честа да го запали олимпискиот оган на свеченото отворање на игрите, со што станала првата тенисерка во историјата со таков подвиг.

Ран живот и потекло

[уреди | уреди извор]

Наоми Осака е родена на 16 октомври 1997 година во Осака, Јапонија во семејството на Тамаки Осака и Ленард Франсоа.[2] Нејзината мајка е од Немуро, Хокаидо, Јапонија, а нејзиниот татко е од Жакмел, Хаити. Таа има постара сестра, Мари, која е поранешна професионална тенисерка. Двете девојки го добиле презимето на нивната мајка поради практични причини кога семејството живеело во Јапонија. Родителите на Осака се запознале кога нејзиниот татко Ленард бил на патување на Хокаидо додека бил студент на колеџ во Њујорк.[3][4]

Кога Осака имала три години, нејзиното семејство се преселило во Елмонт, Њујорк на Лонг Ајленд, за да живее со семејството на нејзиниот татко. Татко ѝ бил инспириран да ги учи неговите ќерки како да играат тенис гледајќи ги Серена Вилијамс и Венус Вилијамс на Отвореното првенство на Франција во 1999 година. Имајќи мало искуство како тенисер, тој се угледал на Ричард Вилијамс кој од неговите ќерки направил едни од најдобрите играчи во светот, и покрај тоа што не го играл спортот. Тој започнал да ги тренира Наоми и Мари веднаш штом тие се преселиле во САД.[3] Во 2006 година, нејзиното семејство се преселило на Флорида за тие да имаат подобри можности за тренинг. Таа тренирала на терените во Пембрук Пајнс во текот на денот и била школувана дома навечер.[3] Кога таа имала 15 години, таа започнала да работи со Патрик Таума во Академијата ИСП.[5] Во 2014 година, таа се префрлила во тениската академија на Харолд Соломон.[6] Таа подоцна тренирала и во академијата ProWorld.[7]

Иако Осака израснала во САД, нејзините родители одлучиле нивните ќерки да играат под знамето на Јапонија. Тие рекле, „Одлучивме Наоми да игра за Јапонија уште на нејзина најрана возраст. Таа е родена во Осака и воспитана во домаќинство на јапонска и хаитска култура. Едноставно, Наоми и Мари отсекогаш се чувствувале како јапонки, па тоа ни беше нашето единствено образложение. Одлуката никогаш не била финансиски мотивирана ниту под влијание на било која национална федерација.“[7] Тениската федерација на САД ѝ понудила можност на Осака да тренира во нивниот национален тренинг центар во Бока Ратон кога таа имала 16 години, но таа ја одбила понудата.[7]

Професионална кариера

[уреди | уреди извор]

2011–2015: Почетоци и пласман во Топ 150

[уреди | уреди извор]
A reporter holding a microphone to Osaka with Williams to the side smiling
Осака дава интервју во 2014 година покрај Серена Вилијамс.

Осака не играла на јуниорски турнири на ИТФ, и единствено играла на неколку јуниорски турнири на која било возраст.[8] Таа веднаш започнала да игра на ИТФ турнири и го одиграла својот прв квалификациски натпревар во октомври 2011 година на својот 14. роденден.[9] Таа потоа за прв пат се нашла во главен жреб во двојки на следниот турнир во март со нејзината сестра Мари. Во меѓувреме, таа не успевала да се квалификува во главен жреб во поединечна конкуренција сè до јули, во нејзиниот седми обид. Во 2012 година, нејзин најдобар резултат бил полуфинале на турнир вреден 10 илјади долари во Амелија Ајленд, каде била поразена во полуфиналето од нејзината сестра.[10] Осака никогаш не успеала да освои титула на ИТФ нивото, и покрај тоа што четири пати играла финале на овие турнири во периодот 2013–2015 година.[10]

Во септември 2013 година, Осака станала професионална тенисерка непосредно пред да наполни 16 години.[11] Таа за прв пат играла квалификации на ВТА турнејата истиот месец на турнири во Квебек и Токио. Турнирот во Токио бил можност за Осака за прв пат да се натпреварува професионално во Јапонија.[10] Следното лето, таа се квалификувала за прв пат во главен жреб, на ВТА турнирот во Станфорд. На својот деби натпревар, Осака ја изненадила светскиот бр. 19, и поранешен гренд слем шампион, Саманта Стосур. Таа се уште имала 16 години и била рангирана како 406. во тој момент.[12][13] Осака исто така победила на натпревар на отвореното првенство на Јапонија, каде во главниот жреб влегла со вајлд карта.[14] Овие победи и помогнале на Осака да се пробие во најдобрите 250 тенисерки на ВТА листата пред крајот на сезоната.[15]

И покрај тоа што не извдојувала ниту една победа на ВТА турнир во 2015 година, Осака продолжила да го подобрува својот ранкинг.[8][15] Таа играла две финалиња на ИТФ турнири, првиот со вредност од 75 илјади долари во Гифу, Јапонија и вториот со вредност од 50 илјади долари во Сербитон, Обединетото Кралство.[10] По овие резултати, Осака била доволно рангирана за да игра во квалификациите на последните два гренд слем турнири во годината, Вимблдон и Отвореното првенство на САД. Таа победила на својот прв натпревар во квалификациите во Њујорк, но не успеала да се квалификува за главниот жреб.[10] Сепак, Осака ја завршила сезоната со одлични игри. Во октомври за време на завршиот ВТА турнир, таа победила на егзибицискиот турнир за играчи во подем, победувајќи ја тогаш светскиот бр. 35, Каролин Гарсија во финалето.[16] Таа продолжила да игра во ноември, и се пласирала во своето најголемо финале до тогаш, на турнирот во Хуа Хин, Тајланд, во рамки на серијата ВТА 125, каде загубила од Јарослава Шведова. Таа ја завршила 2015 година рангирана на 144. место на ВТА листата.[15]

2016: Прво ВТА финале, најдобар нов играч

[уреди | уреди извор]
Наоми Осака на Отвореното првенство на Франција 2016.

Осака ја започнала сезоната играјќи три турнири во Австралија. Нејзините резултати во овој дел од сезоната биле доволно добри за да ја доведат блиску до најдобрите 100,[15] што и овозможило да игра на турнири од ВТА турнејата во текот на цела година.[8] Најзначајно, таа се квалификувала за својот прв гренд слем главен ждреб на Отвореното првенство на Австралија и стигнала до третото коло. Конкретно, таа ја изненадила свтскиот бр. 21, Елина Свитолина, со победа во два сета во второто коло пред да биде поразена од светскиот бр. 16, Викторија Азаренка.[17] Назад во САД, Осака добила вајлд карта за учество на Отвореното првенство на Мајами, што било нејзино прво учество на турнир од категоријата ВТА Премиер. На турнирот, таа победила на два натпревари, вклучително победувајќи ја светскиот бр. 18, Сара Ерани.[18] Со овој успех, таа за прв пат напредувала во првите 100 тенисерки на ВТА листата.[15]

Во сезоната на земја пред Отвореното првенство на Франција 2016, Осака успеала да се квалификува во главен жреб само на турнирот на Отвореното првенство на Чарлстон, каде била веднаш поразена во првото коло.[10] Сепак, Осака била доволно високо рангирана за да игра во главниот жреб на турнирот во Париз. На првиот настап во Париз, таа забележала победи над Јелена Остапенко и Мирјана Лучиќ-Барони, но загубила од светскиот бр. 6 Симона Халеп, иако го добила првиот сет на натпреварот.[19][20] Таа потоа не играла на сезоната на трева откако се здобила со повреда набргу по настапот во Париз.[21]

Осака се вратила на тенисот кон средината на јули.[10] На Отвореното првенство на САД 2016 во август, таа по трет пат стигнала до трето коло на гренд слем турнир во годината, но овој пат била поразена од светскиот бр. 9, Медисон Кис во три сета.[22] Следно, Осака играла на два турнири во Токио, забележувајќи пораз во второто коло на Отвореното првенство на Јапонија.[23] Откако веќе стигнала до своите први две четвртфиналиња на ВТА во кариерата на почетокот на годината, таа земала учество со вајлд карта на Отвореното првенство на Токио, турнир од Премиер категорија. Таа ги победила светскиот бр. 12, Доминика Цибулкова и светскиот бр. 20 Свитолина, на патот до своето прво ВТА финале, на само 18. годишна возраст. Дополнително, таа била првиот домашен играч кој стигнал во финалето на турнирот по Кимико Дате во 1995 година.[24][25] Во финалето, Осака била поразена од Каролина Возњацки.[26] Сепак, таа за прв пат влегла во најдобрите 50 на ВТА листата.[15] На крајот на годината, таа ја добила наградата на ВТА за најдобар нов играч.[27]

2017: Пад во формата, две Топ 10 победи

[уреди | уреди извор]

По нејзиниот огромен напредок претходната сезона, Осака не била во можност да напредува во рангирањето во 2017 година. Сепак, таа одржала стабилен пласман во текот на целата сезона, не се искачила повисоко од бр. 44, и не паднала пониско од бр. 68 на ВТА листата.[15] Во годината, таа не успеала да сврзе повеќе од две победи на било кој турнир во главен жреб.[10]

Најдобар резултат во сезоната, Осака остварила на Отвореното првенство на Канада, каде стигнала до осминафиналето како квалификант. На турнирот, таа ја изненадила светскиот бр. 16, Анастасија Севастова, но потоа била принудена да се повлече во натпреварот против светскиот бр. 1, Каролина Плишкова, поради абдоминална повреда. Таа го освоила вториот сет против Плишкова.[28] Нејзините следни најдобри резултати во годината биле на последните два гренд слем турнири, каде стигнала до третото коло на Вимблдон и на Отвореното првенство на САД. Таа имала одлично деби на Вимблдон, победувајќи ја светскиот бр. 23, Барбора Стрицова, пред да биде поразена од светскиот бр.11, Венус Вилијамс.[29][30] Во Њујорк, таа ја изненадила бранителот на титулата и светскиот бр. 6, Анџелик Кербер, забележувајќи ја првата победа над топ 10 играч во кариерата.[31][32] Сепак, таа била поразена во третото коло од Каја Канепи.[33]

Осака конкретно се напрегала на турнирите на Земјина подлога. По победата на нејзините први два натпревари на Отвореното првенство на Чарлстон,[34] таа не победила на ниту еден друг натпревар во главен жреб на земја до крајот на сезоната. Осака одиграла добро на сезоната на трева, забележувајќи 4 победи и 4 порази.[10] Нејзините најголеми победи во сезоната се случиле на тврда подлога. Покрај резултатите на отворените првенства на Канада и САД, таа ја остварила својата втора топ 10 победа над светскиот бр. 5, Венус Вилијамс, на Отвореното првенство на Хонк Конг, што бил нејзин последен турнир во годината.[35] Таа ја завршила сезоната како светски бр. 68, со уназадување од 28 места во споредба со претходната сезона.[15]

2018: Првак на Отвореното првенство на САД

[уреди | уреди извор]
Осака на Отвореното првенство на Нотингем 2018

По назадувањето во 2017 година, Осака започнала да тренира со Саша Бајин во претсезоната.[36][37] На нивниот втор турнир заедно, Осака го забележала најдобриот резултат на гренд слем турнирите до тогаш. На Отвореното првенство на Австралија, таа стигнала до четвртото коло, победувајќи два играчи од топ 20, и тоа Елена Веснина и домашната миленичка Ешли Барти, за потоа да биде потоа поразена од светскиот бр. 1, Симона Халеп.[38][39][40] Со овој резултат, таа успеала да се врати во најдобрите 50 играчи веќе следниот месец.[15]

На Отвореното првенство на Индијан Велс, Осака го направила следниот голем пробив во кариерата. Иако претходно никогаш не освоила ВТА титула, таа го освоила убедливо турнирот, пропуштајќи само еден сет. Во четвртфиналето и полуфиналето, таа забележала победи над Каролина Плишкова и Симона Халеп, притоа во тој момент Халеп била светски бр. 1.[41][42] Во финалето таа ја победила Дарија Касаткина, со што станала намладиот првак на турнирот во последните 10 години.[43] Со оваа титула, таа се искачила на 22. место на ВТА листата.[15] Следно, Осака играла на Отвореното првенство на Мајами и ја продолжила својата победничка серија победувајќи го идолот од детството, Серена Вилијамс, која на терените се вратила по породилното отсуство.[44] Сепак, во второто коло таа загубила од Елина Свитолина.

По нејзиниот успех во првите месеци од сезоната, Осака играла релативно тивко во средина на годината. Таа стигнала до третото коло на Отвореното првенство на Франција и на Вимблдон, со што го изедначила нејзиниот најдобар настап на двата турнири.[45][46] Таа најблиску била да освои титула на Отвореното првенство на Нотингем на трева, каде загубила од првиот носител, Ешли Барти, во полуфиналето.[47] Осака не забележала посериозен успех сè до Отвореното првенство на САД, каде ја освоила втората титула во сезоната. Исто како во Индијан Велс, таа пропуштила само еден сет на турнирот, и тоа од светскиот бр. 20, Арина Сабаленка во осминафиналето. Осака за противник во полуфиналето ја имала Медисон Кис, на која успеала да и се одмазди за поразот две години претходно и успеала да се пласира во своето прво гренд слем финале во кариерата.[48] Во финалето, таа ја победила Серена Вилијамс, по втор пат во 2018 година, и ја освоила својата прва гренд слем титула. Таа станала првата јапонска тенисерка која станала гренд слем шампион во поединечна конкуренција.[49][50]

Рангирана за прв пат во најдобрите 10 на ВТА листата, Осака ја продолжила својата победничка серија, стигнувајќи до финалето на Отвореното првенство на Токио по втор пат во својата кариера. Во финалето таа загубила од Плишкова.[51] Следно, Осака стигнала до полуфиналето на Отвореното првенство на Кина, каде била поразена од Анастасија Севастова.[52] Со овие резултати, таа станала светски бр.4 играч, изедначувајќи го рекордот на Кимико Дате и Кеј Нишикори за највисок пласман постигнат од страна на јапонски играч во историјата.[53] Осака ја завршила годината играјќи на ВТА завршниот турнир, каде се нашла во група со Слоан Стивенс, Анџелик Кербер и Кики Бертенс. Таа ги загубила сите три натпревари, и го предала натпреварот на Бертенс поради истегнување на тетивата под коленото.[54] Осака ја завршила годината како играч со најголема заработка на ВТА турнејата, заработувајќи речиси 6.4 милиони долари.[55]

2019: Втора гренд слем титула, светски бр. 1

[уреди | уреди извор]

Осака пристапила на Отвореното првенство на Австралија како четврти носител и како една од единаесетте играчи во конкуренција за светски бр. 1.[56] Таа забележала победи со пресврт во третото и четвртото коло над Сје Су-веј и Анастасија Севастова редоследно, а потоа победа во два сета над шестата носителка, Елина Свитолина во четвртфиналето.[57] За пласман во второто гред слем финале во кариерата, таа остварила победа во три сета над седмата носителка, Каролина Плишкова.[58][59] Во финалето, Осака ја победила двократната гренд слем шампионка и осми носител, Петра Квитова во три изедначени сета. Таа станала првата тенисерка која успеала да освои два гренд слем турнири едноподруго по Серена Вилијамс во 2015 година, и првата тенисерка по Џенифер Капријати која на својата прва гренд слем титула успеала да придодаде уште една гренд слем титула на следниот гренд слем турнир.[60] Освојувајќи ја титулата, Осака станала светски бр.1 играч, и прва азијка на која тоа и успеало.[61][62] И покрај освоената титула, таа ја прекинала соработката со тренерот Саша Бајин по турнирот.

По отвореното првенство на Австралија, Осака забележала пад во својата форма. Таа загубила во чевртото, односно во третото коло на Премиер турнирите во Индијан Велс и Мајами.[63][64] Осака ја започнала сезоната на земјена подлога со полуфинале на Отворното првенство на Штутгарт, во кое била принудена да предаде поради абдоминална повреда.[65] а потоа стигнала до четвртфиналето на турнирите во Мадрид и Рим.[66] Во Мадрид таа била поразена од Белинда Бенчич, а во Рим се повлекла против Кики Бертенс поради повреда на десната рака.[67] Осака повторно стигнала до третото коло на Отвореното првенство на Франција, победувајќи ја Викторија Азаренка во второто коло, но овој пат била поразена од Катерина Сињакова.[68] На трева, на Вимблдон, Осака била поразена во првото коло од Јулија Путинцева.[69] Како резултат на тоа, таа го загубила првото место во светот од Ешли Барти.[15]

Пред Отвореното првенство на САД, Осака стигнала до четвртфинале на два Премиер 5 турнири, и тоа на Отвореното првенство на Канада и на Отвореното првенство на Синсинати, каде загубила од Серена Вилијамс и Софија Кенин редоследно.[70][71] Добрите резултати ѝ помогнале на Осака повторно да стане светски бр. 1 играч и да биде прв носител во Њујорк. Сепак, одбраната на титулата таа ја завршила во чевртото коло, во кое била по трет пат сезоната поразена од Белинда Бенчич.[72] Со овој ран пораз, таа назадувала на 4. место на ВТА листата.[15] По турнирот, Осака повторно започнала да тренира со својот татко. Оваа промена веднаш дала резултат, бидејќи таа победила на следните два турнири. Прво, таа ја освоила титулата на Отвореното првенство на Осака, во нејзиниот роден град, победувајќи ја Анастасија Павличенкова во финалето.[73] Две недели подоцна, таа победила на Отвореното првенство на Кина. На турнирот, таа ја победила актуелната победничка на Отвореното првенство на САД, Бјанка Андрееску во четвртфиналето и светскиот бр.1 играч, Ешли Барти, во финалето.[74] За Андрееску тоа бил прв пораз по месец март.[75] Овие резултати ја искачиле Осака на третото место на ВТА листата.[15] На крајот на сезоната, Осака се квалификувала втора година едноподруго на ВТА завршниот турнир. Сепак, откако ја победила Петра Квитова во првиот натпревар од групната фаза, таа се повлекла од турнирот поради повреда.[76]

2020: Втора титула на Отвореното првенство на САД

[уреди | уреди извор]
Наоми Осака сервира на Отвореното првенство на Австралија 2020

Осака одиграла само четири турнири во 2020 година, главно поради пандемијата од КОВИД-19. Пред да запре сезоната, таа загубила од светскиот бр. 2, Каролина Плишкова, во полуфиналето на турнирот во Бризбејн и од Коко Гауф во третото коло на Отвореното првенство на Австралија.[77][78] Кога турнејата продолжила, Осака играла на само уште два турнири, на Отвореното првенство на Синсинати и на Отвореното првенство на САД. Осака останала непоразена на двата турнири. Во Синсинати, таа победила четири тенисерки рангирани во првите 20, но финалето го предала на Викторија Азаренка без игра поради повреда.[79][80] Осака и Азаренка исто така се сретнале и во финалето на Отвореното првенство на САД, каде Осака, со пресврт, го освоила својот трет гренд слем во кариерата, а втор во Њјуорк.[81][82] Тоа било нејзин последен турнир во сезоната, бидејќи таа го откажала својот настап на Отвореното првенство на Франција, одржано во септември, поради долготрајната повреда на тетивата.[83]

За време на двата турнири, Осака го привлекла вниманието со својот активизам. Таа првично се откажала од турнирот во Синсинати непосредно пред полуфиналето за да ја подигне свеста за полициското пукање на Џејкоб Блејк, но продолжила да се натпреварува бидејќи организаторот на турнирот решил да ја поддржи нејзината кауза, одложувајќи го турнирот за еден ден.[84] На отвореното првенство на САД, Осака на своите седум натпревари носела различни црни маски, на кои биле испишани имиња на афроамериканци кои биле застрелани во последните години.[85]

2021: Четврта гренд слем титула, пауза од тенис

[уреди | уреди извор]

Осака била назначена за трет носител на Отвореното првенство на Австралија. Во првите три кола, таа во два сета ги победила Анастасија Павличенкова, Каролин Гарсија и Онс Жабур, а во четвртото коло била подобра од Гарбиње Мугуруза која била на поен до победа на натпреварот, и била единствената која успеала да и одземе сет на Осака. Во полуфиналето, таа во два сета ја победила Серена Вилијамс. Во финалето, Осака била подобра од Џенифер Брејди,[86] со што ја освоила својата четврта гренд слем титулата во кариерата, а втора во Мелбурн.[87] Осака станала само трет играч во историјата, после Роџер Федерер и Моника Селеш, кој освоил четири гренд слем титули на првите четири гренд слем финалиња.[88][89]

На следниот турнир, на Отвореното првенство на Мајами, таа била втор носител, но доживеала изненадувачки пораз во четвртфиналето од Марија Сакари во два сета.[90] Како резултат на тоа, таа пропуштила повторно да стане светски бр. 1 играч.

Осака била назначена за втор носител на Отвореното првенство на Франција. Непосредно пред почетокот на турнирот, таа објавила дека нема да ги извршува своите задолжителни медиумски обврски.[91] Откако победила во првото коло и не се појавила на прес-конференција по натпреварот, таа била казнета со 15,000 долари и добила опомена за дисквалификација.[92] Следниот ден, таа се повлекла од турнирот, наведувајќи проблеми со менталното здравје.[93] Голем број на спортисти и спонзори ѝ изразиле поддршка на Осака, наведувајќи дека прашањето за менталното здравје е сериозна тема.[94] Во јуни, агентот на Осака објавил дека таа нема да учествува на Вимблдон но ќе земе учество на Летните олимписки игри 2020 во Токио.[95][96] Таа ја добила честа да го запали олимпискиот оган на свеченото отворање на игрите, станувајќи првата тенисерка во историјата со таков подвиг. На олимпискиот турнир, таа била поразена во осминафиналето од сребрената медалистка, Маркета Вондрушова.

На Отвореното првенство на САД, Осака не успеала да ја одбрани титулата, и била изненадувачки поразена во третото коло од финалистката Лејла Фернандес од Канада, иако сервирала за победа во вториот сет од натпреварот. За време на натпреварот, Осака го фрлила својот рекет и добила опомена од главниот судија заради удирање топче во трибините.[97] На редовната прес-конференцијата по натпреварот, Осака низ солзи објавила дека ќе земе кратка пауза од тенисот, откривајќи дека победите повеќе не ја прават среќна.[98]

Стил на игра

[уреди | уреди извор]

Осака е агресивен играч од основната линија.[99] Нејзина одлика се силните форхенд удари и сервиси. Осака била способна да удри форхенди со брзина од 160 км/ч уште на својата 16-годишна возраст, а нејзиниот сервис може да достигне брзина до 200 км/ч, што ја прави играч со најбрзи сервиси во историјата на спорот.[100] Иако таа ја користи својата сила за да ги диктира поените и да ги заврши со директен поен, клучот на успехот на Осака е тоа што таа е способна да добива долги поени. Еден од првите забележителни случаи во кој таа стратегија се покажала успешна било кога Осака успеала за прв пат да се пласира во ВТА финале, на Отвореното првенство на Токио во 2016 година.[101]

Според Осака, клучно за нејзиниот пробив во 2018 година бил менаталниот пристап и намалувањето на неизнудените грешки. Таа истакнала, „Сметам дека најголем напредок е менталниот пристап. Мојата игра е поконстантна, со многу помалку неизнудени грешки. Не сум сигурна колку неизнудени грешки имав денес, но лани правев многу повеќе!“[102] Заслугата за овие промени таа ги препишала на нејзиниот тренер Саша Бајин, истакнувајќи, „Откако работам со Бајин — и сум склона да бидам негативна на себеси — чувствувам дека гледам на работите пооптимистички ... Се борам многу со себеси, па тој на некој начин, ги смирува работите.“ Бајин исто така се согласил со Осака на влијанието на смирениот, позитивен пристап на секој натпревар.[103]

ВТА финалиња во кариерата

[уреди | уреди извор]

Поединечно: 10 (7–3)

[уреди | уреди извор]
Легенда
Гренд слем (4–0)
Премиер 5 и задолжителни / ВТА 1000 (2–1)
Премиер / ВТА 500 (1–2)
ВТА 250 (0–0)
Финалиња по подлога
Тврда (7–3)
Трева (0–0)
Земја (0–0)
Тепих (0–0)
Исход Бр. Датум Турнир Ниво Подлога Противник Резултат
Пораз 0–1 25 септември 2016 Отворено првенство на Токио, Јапонија Премиер Тврда Данска Каролина Возњацки 5–7, 3–6
Победа 1–1 18 март 2018 Отворено првенство на Индијан Велс, САД Премиер задолжителен Тврда Русија Дарија Касаткина 6–3, 6–2
Победа 2–1 8 септември 2018 Отворено првенство на САД, САД Гренд слем Тврда САД Серена Вилијамс 6–2, 6–4
Пораз 2–2 23 септември 2018 Отворено првенство на Токио, Јапонија Премиер Тврда Чешка Каролина Плишкова 4–6, 4–6
Победа 3–2 26 јануари 2019 Отворено првенство на Австралија, Австралија Гренд слем Тврда Чешка Петра Квитова 7–6(7–2), 5–7, 6–4
Победа 4–2 22 септември 2019 Отворено првенство на Токио, Јапонија Премиер Тврда Русија Анастасија Павличенкова 6–2, 6–3
Победа 5–2 6 октомври 2019 Отворено првенство на Кина, Кина Премиер задолжителен Тврда Австралија Ешли Барти 3–6, 6–3, 6–2
Предадено 5–3 29 август 2020 Отворено првенство на Синсинати, САД Премиер 5 Тврда Белорусија Викторија Азаренка предадено
Победа 6–3 12 септември 2020 Отворено првенство на САД, САД (2) Гренд слем Тврда Белорусија Викторија Азаренка 1–6, 6–3, 6–3
Победа 7–3 20 февруари 2021 Отворено првенство на Австралија, Австралија (2) Гренд слем Тврда САД Џенифер Брејди 6–4, 6–3
  1. „Naomi Osaka ascends to No.1“.
  2. „Naomi Osaka“. WTA Tennis. Посетено на November 3, 2018.
  3. 3,0 3,1 3,2 Larmer, Brook (August 23, 2018). „Naomi Osaka's Breakthrough Game“. The New York Times. Посетено на August 27, 2018.
  4. Noori Farzan, Antonia (September 10, 2018). „Japanese, Haitian, and now a Grand Slam winner: Naomi Osaka's historic journey to the U.S. Open“. Washington Post. Посетено на September 11, 2018.
  5. „Naomi Osaka Tennis Biography“. Patrick Tauma. Посетено на November 3, 2018.
  6. Downs, Tom. „Naomi Osaka: Japanese Firepower“. Tennis View Magazine. Посетено на November 3, 2018.
  7. 7,0 7,1 7,2 Perrota, Tom (September 12, 2018). „Naomi Osaka: The Tennis Star Who Was Overlooked by Everyone“. Wall Street Journal. Посетено на November 3, 2018.
  8. 8,0 8,1 8,2 „Naomi Osaka Statistics“. Core Tennis. Посетено на October 30, 2018.
  9. Uchida, Akira. „大坂なおみが18年間を振り返る「お姉ちゃんこそ最大のライバル」“ [Naomi Osaka looks back over 18 years: 'My sister is my biggest rival']. Sportiva (јапонски). Посетено на October 30, 2018.
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 10,4 10,5 10,6 10,7 10,8 „Naomi Osaka“. ITF Tennis. Архивирано од изворникот на 2018-09-23. Посетено на October 30, 2018.
  11. „Naomi Osaka: US Open champion's career in pictures“. CNN. September 11, 2018. Посетено на October 9, 2018.
  12. „Qualifier Stuns Stosur In Stanford“. WTA Tennis. Посетено на October 30, 2018.
  13. Nguyen, Courtney. „Watch: 16-year-old standout Naomi Osaka hits a massive forehand“. Sports Illustrated. Посетено на October 30, 2018.
  14. „Keys, Svitolina, Watson advance at Japan Women's Open“. Tennis.com. Посетено на October 30, 2018.
  15. 15,00 15,01 15,02 15,03 15,04 15,05 15,06 15,07 15,08 15,09 15,10 15,11 15,12 „Naomi Osaka Rankings History“. WTA Tennis. Посетено на October 30, 2018.
  16. „Osaka Wins WTA Rising Stars Invitational“. WTA Tennis. Посетено на October 30, 2018.
  17. Lisanti, Jamie (January 23, 2016). „Australian Open Day 6: Keys beats Ivanovic after scare; Muguruza exits“. Sports Illustrated. Посетено на September 11, 2018.
  18. „Vamos Rafa! A Popular Nadal Tries Again At Miami Open“. CBS Miami. Associated Press. March 25, 2016. Посетено на October 31, 2018.
  19. „Halep eliminates teenager Osaka in third-round match“. Japan Times. Associated Press. Архивирано од изворникот на 2018-11-16. Посетено на October 31, 2018.
  20. Sarkar, Pritha (May 27, 2016). „Osaka falls short of acing a Japanese test“. Reuters. Посетено на October 31, 2018.
  21. „Osaka Brilliant In Brazil“. WTA Tennis. Посетено на October 31, 2018.
  22. „Osaka wins in U.S. Open debut; Olympic champ Puig falls“. Japan Times. Архивирано од изворникот на 2018-11-16. Посетено на October 31, 2018.
  23. „Zhang Topples Osaka In Tokyo“. WTA Tennis. Посетено на October 31, 2018.
  24. McKirdy, Andrew (September 21, 2016). „Overpowering Osaka eliminates Cibulkova“. Japan Times. Архивирано од изворникот на 2022-01-16. Посетено на October 31, 2018.
  25. „Wozniacki Returns To Tokyo Final After Radwanska Upset“. WTA Tennis. Посетено на October 31, 2018.
  26. „Wozniacki Wins First 2016 Title In Tokyo, Knocks Out Japanese Teen Osaka“. WTA Tennis. Посетено на October 31, 2018.
  27. „Osaka: WTA Newcomer Of The Year“. WTA Tennis. Посетено на October 31, 2018.
  28. „Pliskova serves up Toronto quarterfinal spot“. WTA Tennis. Посетено на November 1, 2018.
  29. Culpepper, Chuck (July 5, 2017). „Venus Williams advances in her 20th Wimbledon. Her next opponent has been alive for 19 of them“. Chicago Tribune. Посетено на October 16, 2017.
  30. Harwitt, Sandra (July 7, 2017). „Venus Williams tested, beats Naomi Osaka at Wimbledon“. USA Today. Посетено на October 16, 2017.
  31. Rothenberg, Ben (August 30, 2017). „Naomi Osaka Ousts Angelique Kerber, the Defending Champion, at the U.S. Open“. New York Times. Посетено на November 1, 2018.
  32. „Top 5 Upsets of 2017 (No. 5): Osaka sends Kerber crashing out in New York“. WTA Tennis. Посетено на November 1, 2018.
  33. „Tennis: Tearful Osaka lays out broken heart after US Open loss“. Straits Times. Agence France-Presse. September 3, 2017. Посетено на November 1, 2018.
  34. „Rogers Rolls Past Osaka To Reach First Charleston QF“. WTA Tennis. Посетено на November 1, 2018.
  35. „Naomi Osaka shocks her idol Venus Williams in Hong Kong“. Sport360. Посетено на November 1, 2018.
  36. Moorman, Gale (December 13, 2017). „Will Sascha Bajin be the key to open Naomi Osaka's game in 2018?“. Tennis World. Посетено на October 17, 2018.
  37. „Coaching in the Bigs: Sascha Bajin on His Coaching Strategies“. Tennis Channel. January 24, 2018. Архивирано од изворникот на November 16, 2018. Посетено на October 17, 2018.
  38. „Naomi Osaka rolls past Elena Vesnina to reach third round of Australian Open“. Japan Times. Associated Press. Архивирано од изворникот на 2019-03-30. Посетено на November 2, 2018.
  39. Mitchell, Kevin (January 20, 2018). „Ashleigh Barty's Australian Open ended by assured Naomi Osaka“. Guardian. Посетено на March 8, 2018.
  40. Newbery, Piers (January 22, 2018). „Australian Open: Simona Halep beats Naomi Osaka to reach quarter-finals“. BBC. Посетено на March 8, 2018.
  41. „Osaka serves up Pliskova upset, books Halep semifinal“. WTA Tennis. Посетено на November 2, 2018.
  42. „Osaka overwhelms Halep to reach Indian Wells final“. WTA Tennis. Посетено на November 2, 2018.
  43. „Osaka conquers Kasatkina to win first title in Indian Wells“. WTA Tennis. Посетено на November 2, 2018.
  44. Tsuji, Alysha (March 22, 2018). „Naomi Osaka had the greatest reaction to beating Serena Williams at Miami Open: 'Omg'. USA Today. Посетено на November 2, 2018.
  45. Tignor, Steve (June 1, 2018). „Keys showed "veteran moves" and capacity for clay in win over Osaka“. Tennis.com. Посетено на September 10, 2018.
  46. Juzwiak, Jason (July 7, 2018). „Kerber cruises past Osaka to make Wimbledon fourth round“. WTA Tennis (англиски). Посетено на September 10, 2018.
  47. Chiesa, Victoria (June 16, 2018). „Barty overwhelms Osaka in Nottingham semis“. WTA Tennis. Посетено на September 10, 2018.
  48. Drucker, Joel. „Dream Come True: Osaka beats Keys to set up final against Serena“. Tennis.com. Посетено на November 2, 2018.
  49. Newman, Paul (September 7, 2018). „Naomi Osaka becomes first Japanese woman to reach a Grand Slam final“. Evening Standard. Посетено на September 10, 2018.
  50. Kane, David. „Osaka stuns Serena, captures first Grand Slam title at US Open“. WTA Tennis. Посетено на November 2, 2018.
  51. 'With every win I feel better' – Pliskova powers to Tokyo title, snaps Osaka streak“. WTA Tennis. Посетено на November 2, 2018.
  52. „Anastasija Sevastova defeats Naomi Osaka in China Open semifinals“. Japan Times. October 6, 2018. Архивирано од изворникот на 2022-05-21. Посетено на November 2, 2018.
  53. Berkok, John. „Naomi Osaka historically reaches No. 4 in the WTA rankings“. Tennis.com. Посетено на November 2, 2018.
  54. 'It's never nice to win a match like this': Bertens into WTA Finals SF after Osaka injury“. WTA Tennis. Посетено на November 2, 2018.
  55. „U.S. Open Champion Naomi Osaka Tops Simona Halep In Money Rankings“. Forbes. Посетено на November 3, 2018.
  56. Nguyen, Courtney. „Australian Open 2019: Eleven players vying for No.1 spot in Melbourne“. WTA Tennis. Посетено на March 11, 2019.
  57. Crouse, Karen (January 19, 2019). „At Australian Open, Osaka Holds Off Hsieh, a Big-Seed Slayer With a Bedeviling Slice“. New York Times. Посетено на March 11, 2019.
  58. „Osaka outlasts Sevastova for first Australian Open quarterfinal“. WTA Tennis. Посетено на March 11, 2019.
  59. „Naomi Osaka outplays Karolina Pliskova to reach Australian Open final“. Japan Times. Associated Press. Архивирано од изворникот на 2019-02-03. Посетено на March 11, 2019.
  60. Trollope, Matt. „Top of the world: Osaka wins AO title, takes No. 1 ranking“. Australian Open. Посетено на January 26, 2019.
  61. Ganguly, Sudipto (January 26, 2019). „Osaka edges Kvitova to claim Australian Open crown“. Reuters. Посетено на January 26, 2019.
  62. „Osaka clinches second straight Slam, No.1 ranking at Australian Open over Kvitova“. WTA Tennis. Посетено на March 11, 2019.
  63. „Osaka shrugs off Indian Wells upset“. Reuters. March 13, 2019. Посетено на November 24, 2019.
  64. „Hsieh shocks Osaka to reach Miami Open fourth round“. WTA Tennis. Посетено на November 24, 2019.
  65. „Naomi Osaka withdraws from Stuttgart Open semi-final with abdominal injury“. BBC Sport. April 27, 2019. Посетено на November 24, 2019.
  66. „Madrid Open: Naomi Osaka loses to Belinda Bencic; Simona Halep through“. BBC. May 9, 2019. Посетено на May 30, 2019.
  67. „Naomi Osaka withdraws from Italian Open with right hand injury“. The Japan Times. Associated Press. May 17, 2019. Архивирано од изворникот на 2019-05-30. Посетено на May 30, 2019.
  68. „Katerina Siniakova, doubles No. 1, ousts top seed Naomi Osaka“. Tennis.com. Посетено на November 24, 2019.
  69. 'Winner or error, as long as I'm winning the point' – Putintseva maintains Osaka mastery in Wimbledon stunner“. WTA Tennis. Посетено на November 24, 2019.
  70. „Serena Williams secures first win over Naomi Osaka in Toronto“. Tennis.com. Посетено на November 24, 2019.
  71. „World No. 1 Naomi Osaka withdraws mid-match from Western & Southern Open with injury“. Cincinnati.com. Посетено на November 24, 2019.
  72. Macpherson, Alex (September 2, 2019). „Brilliant Bencic ends Osaka title defence again at US Open“. WTA Tennis (англиски). Посетено на September 2, 2019.
  73. 'I just wanted to win this really bad': Osaka powers to hometown title at Toray Pan Pacific Open“. WTA Tennis. Посетено на November 24, 2019.
  74. 'My attitude was trash': Naomi Osaka beats Barty in China Open final“. The Guardian. October 6, 2019. Посетено на November 24, 2019.
  75. 'I'm still here' – Osaka comeback halts Andreescu winning streak in Beijing quarterfinal thriller“. WTA Tennis. Посетено на November 24, 2019.
  76. Nguyen, Courtney (October 29, 2019). „Naomi Osaka withdraws from Shiseido WTA Finals Shenzhen with injury, Bertens in as alternate“. WTA Tennis. Посетено на November 24, 2019.
  77. „Pliskova saves match point, overcomes Osaka in Brisbane Classic: "I'm proud I hung in there". WTA Tennis. January 11, 2020. Посетено на January 16, 2021.
  78. Streeter, Kurt (January 24, 2020). „Coco Gauff Defeats Reigning Champion Naomi Osaka at Australian Open“. The New York Times. Посетено на September 13, 2020.
  79. „Naomi Osaka Matches“. WTA Tennis. Посетено на January 16, 2021.
  80. „Osaka WD from Western & Southern Open final“. ESPN (англиски). August 29, 2020. Посетено на September 13, 2020.
  81. „For a second US Open, Naomi Osaka shows she wins for more than herself“. Tennis.com. Посетено на September 13, 2020.
  82. Clarey, Christopher (September 12, 2020). „Naomi Osaka, While Rallying for Social Justice, Wins U.S. Open Title“. The New York Times (англиски). Посетено на September 14, 2020.
  83. „French Open 2020: Naomi Osaka pulls out with hamstring injury“. BBC Sport. September 18, 2020. Посетено на 18 February 2021.
  84. „Naomi Osaka stops playing at Cincy Open as part of social justice protest“. Kyodo News. August 27, 2020. Посетено на January 16, 2021.
  85. Ramsay, George (September 14, 2020). „These are the Black victims Naomi Osaka is honoring on face masks at the US Open“. CNN. Посетено на September 14, 2020.
  86. Matias Grez. „Naomi Osaka overcomes Jennifer Brady to win second Australian Open title“. CNN. Посетено на 2021-03-09.
  87. „Naomi Osaka overpowers Jennifer Brady to win second Australian Open“. Guardian. 20 February 2021. Посетено на 22 February 2021.
  88. „Australian Open 2021 stats: Naomi Osaka emulates Roger Federer and Monica Seles; continues hardcourt dominance“. ESPN. 20 February 2021.
  89. „Australian Open 2021 - Naomi Osaka beats Jennifer Brady in straight sets to win women's title“. Espn.com. ESPN. 20 February 2021.
  90. „Sakkari Ends Osaka Winning Streak in Miami Quarters“. WTA Tennis. March 31, 2021. Посетено на June 3, 2021.
  91. Martin, Jill (27 May 2021). „Naomi Osaka says she won't do press conferences during the French Open“. CNN. Посетено на 1 June 2021.
  92. Carayol (30 May 2021). „Naomi Osaka fined for media snub and threatened with French Open expulsion“. The Guardian. Посетено на 1 June 2021.
  93. Carayol, Tumaini (31 May 2021). „Naomi Osaka withdraws from French Open amid row over press conferences“. The Guardian. Посетено на 1 June 2021.
  94. McCurry, Justin; Hytner, Mike (2021-06-02). 'Courageous': Japanese athletes and sponsors voice support for Naomi Osaka“. The Guardian (англиски).
  95. Lev, Jacob; Church, Ben (2021-06-17). „Naomi Osaka will miss Wimbledon but plans on Tokyo Olympics return, says agent“. CNN (англиски).
  96. Futterman, Matthew (July 27, 2021). „Naomi Osaka's Loss Gives Tokyo Its Latest Olympic Setback“. The New York Times.
  97. „Tearful Naomi Osaka questions future after US Open loss to Leylah Fernandez“. The Guardian. September 4, 2021. Посетено на 4 September 2021.
  98. Lewis, Brian (September 4, 2021). „Naomi Osaka planning to take break“. New York Post. Посетено на 4 September 2021.
  99. „All You Need To Know About US Open Star Naomi Osaka“. BeiN Sports. Посетено на November 3, 2018.
  100. Joseph, Adi (August 29, 2017). „Who is Naomi Osaka? 19-year-old stole U.S. Open spotlight with Round 1 upset“. USA Today. Посетено на October 16, 2017.
  101. „SAP Coaches View: Osaka Outlasts In Tokyo“. WTA Tennis. Посетено на 3 ноември 2018.
  102. 'My best performance yet' – Osaka steams past Goerges in Beijing“. WTA Tennis. Посетено на November 3, 2018.
  103. Osborn, Richard. „Naomi Osaka's coach Sascha Bajin juggles coach, peacemaker roles“. US Open. Посетено на 3 ноември 2018.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]