Меџитлија
Меџитлија | |
Воздушен поглед на селото Меџитлија | |
Координати 40°55′59″N 21°25′59″E / 40.93306° СГШ; 21.43306° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 156 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7225 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | |
Надм. вис. | 587 м |
Меџитлија на општинската карта Атарот на Меџитлија во рамките на општината | |
Меџитлија на Ризницата |
Меџитлија (во минатото Месџиди) — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола и во непосредна близина на државната граница со Грција.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото доаѓа од турското лично име Меџит, кое со текот на времето дошло до денешниот облик. Можно е името да потекнува и од жолтозлатната боја на земјата, која се добива од минералната вода што содржи железо.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Пелагонија, во крајниот јужен дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, чиј атар се допира со државната гранична линија со Грција (каде се граничи со атарот на селото Негочани).[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 587 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 23 километри во јужна насока,[3] додека од градот Лерин е оддалечено 20 километри во северна насока.
Низ селото поминува регионалниот пат 2338.
Меџитлија било чисто турско село, сместено на околу 1 километар од македонско-грчката граница. Источно од Меџитлија се наоѓа големото поранешно турско село Кременица. Водата за пиење се добивала од еден бунар длабок 12 метри, но имало и други бунари. Некогаш, мештаните употребувале вода за пиење од Негочанска Река (или Орта-дере), која во 1950-тите години течела низ ова село. Исто така, мештаните тоа време, прокопале ново корито и така Негочанска Река течела крај селото.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мерелар, Баглар, Чалан-јолу, Дилкемлер, Кочко-пандар, Акташлар, Гланделер, Коџа-чајлар, Песколар, Били-чаир, Јакан-тарлар, Слатина, Дулга и Пелит.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на седум маала. Во секое маало живеат припадници на еден род, а називите на маалата се по родовите.[4]
Населбата била електрифицирана во 1963 година.
Историја
[уреди | уреди извор]Во средината на селото се наоѓа вештачко земјено возвишение, на кое некогаш имало ѕидови, но селаните ги искористувале при изградбата на своите куќи. На возвишението имало и стари гробови.[4]
Меџитлија се смета за старо село, во кое порано живеело христијанско словенско население и се нарекувало Могилица. Меѓутоа, во втората половина на XVIII век, во селото биле населени седум турски домаќинства, кои дошле од истоименото село во Коња (Мала Азија). Името на тоа село било дадено и на тукашното село. Од тие доселеници потекнуваат сите денешни турски родови. Први пишани спомени за селото потекнуваат од периодот помеѓу 1650 и 1750 година, кога е запишано како Месџиди.[4]
Постарото христијанско население на Меџитлија потполно се иселило. Некои иселеници преминале во соседното Негочани, некои во селото Драгош и други села.[4]
Во 1916 година, Меџитлија била уништена во војната, а подоцна повторно обновена.[4]
После 1952 година имало масовно иселување на Турците и нивно заминување за Турција. Така селото од средна, станува мала населба, а на нивно место се населувале Албанци од селото Кишава.
Стопанство
[уреди | уреди извор]За селото нема податоци за аграрната структура, бидејќи селото не се водело во катастарската евиденција.[3]
Во XIX век, во селото постоил чифлиг со околу 100 хектари земја, а негов сопственик бил некој од Битола. Таа земја ја обработувале Македонци од соседното Негочани и по некој сиромашен Турчин. Чифлигот пропаднал по ослободувањето од Турците.[4]
Атарот на селото се намалил при воспоставувањето на српско-грчката граница во 1913 година, кога 40 хектари добра земја припаднала на Грција.[4]
Минерална вода
[уреди | уреди извор]Селото е од дамнешни времиња познато по своите извори на минерална вода, и уште од Tурците било нарекувано Меџиди-бања.
Во 1968 година, држејќи семинар на селаните во селото Меџитлија, тогашниот директор на комбинатот „Лозар“ од Битола, случајно го открил природниот извор на минерална вода. Испитувањето на водата и гасот во Германија и Словенија дале воодушевувачки резултати. Испитувањето на гасот покажало дека се работи за СО2 со 99,9 процентна чистота, кој е идеален за газирање на минерална вода, како и за добивање на газирани сокови. Анализите на водата покажале дека самата вода е со идеален состав и хармонична застапеност на минералите, а истовремено питка и вкусна. Во 1971 година на голем конкурс водата го добила името Пелистерка. Првата година биле произведени 17 милиони литри минерална вода.[5]
Изворот и денес се користи за производство на водата Пелистерка.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Меџитлија живееле 500 жители, сите Турци.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Меџитлија се води како чисто албанско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 40 куќи.[7]
Според Димитар Гаџанов во 1916 во селото живееле 2.400, сите Турци.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Турци.[9]
Меџитлија е мало село, коешто во 1961 година имало 221 жител, од кои 174 биле Албанци, 37 Турци, 2 Македонци и 6 муслимани, а во 1994 година 175 жители, албанско население.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 155 жители, од кои 1 Македонец и 154 Албанци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 156 жители, од кои 154 Албанци и 2 лица без податоци.[11]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Меџитлија:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 560 |
1953 | 0 | 0 | 679 | 0 | 1 | — | 680 |
1961 | 3 | 174 | 37 | 1 | 6 | — | 221 |
1971 | 0 | 37 | 100 | 0 | 0 | — | 137 |
1981 | 1 | 184 | 4 | 0 | 4 | — | 193 |
1991 | 0 | 204 | 0 | 0 | 2 | — | 206 |
1994 | 0 | 175 | 0 | 0 | 0 | — | 175 |
2002 | 1 | 154 | 0 | 0 | 0 | — | 155 |
2021 | 0 | 154 | 0 | 0 | 0 | 2 | 156 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Меџитлија денес е доминантно албанско муслиманско село, а во минатото до педесеттите години на XX век во селото живеело исклучиво турско население.[4]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото биле: Арифлар (26 к.), Рушанлар (21 к.), Саитлер (21 к.), Реџолар (18 к.), Ипчелер (16 к.), Гегелар (13 к.), Оџалар (8 к.), за сите овие родови се наведува дека се доселени доселени од Мала Азија од местото Конија во XVIII век, единствено потеклото на родот Гегелар е сомнително и возможно е да потекнуваат од предок Албанец доселен од северна Албанија (од Гегите). Во родот Рушанлар се знае следното родословие: Неџип (жив на 53 г. во 1950-тите) Мустафа-Рушан-Емин-Рушан, се доселил таткото на Рушан.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од селото најголемиот број од населението е иселено во Турција. До 1953 година, 20 семејства се иселиле во Турција. Подоцна следел посилен на иселување во Турција. Така, до 1981 година целосно турското население се иселило од селото.[4]
Покрај масовното иселување во Турција, дел од селаните заминале во Битола, Австралија и САД.[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Меџитлија било село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Кременица, во која покрај селото Меџитлија се наоѓале селата Горно Егри, Долно Егри, Кременица и Средно Егри. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Кременица, во која влегувале селата Букри, Горно Егри, Долно Егри, Кременица, Меџитлија и Средно Егри.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0140 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 156 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 156 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[15]
- Тумба — населба од неолитско време.
- Џамии[16]
- Џамија — главна селска џамија
-
Главната селска чешма
-
Селската џамија
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[2]
- Бајрам — селска слава
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2024-09-26. Посетено на 2024-09-26.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 195. Посетено на 26 септември 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 197-199. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ www.kapital.com.mk Архивирано на 9 јули 2009 г. Кои се македонските брендови?
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 18.
- ↑ Гаджанов, Димитър Г. Мюсюлманското население в Новоосвободените земи, во: Научна експедиция в Македония и Поморавието 1916, Военноиздателски комплекс „Св. Георги Победоносец“, Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 267.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 26 септември 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 27 септември 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 36. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.