Етелред II
Етелред II | |
---|---|
Слика од Етелред од 13-тиот век | |
Крал на Англија | |
На престол | 18 Март 978 – 1013 |
Претходник | Едвард Маченикот |
Наследник | Свен |
На престол | 1014 – 23 април 1016 |
Претходник | Свен |
Наследник | Едмунд II |
Роден(а) | о. 966 Англија |
Починал(а) | 23 април 1016 (на 49 годишна возраст) Лондон, Англија |
Почивалиште | Старата катедрала Св. Павле, Лондон, денес не постои |
Сопружници | |
Деца Детали | види список
|
Династија | Весекс |
Татко | Едгар, Крал на Англија |
Мајка | Елфтрит |
Етелред II (староанглиски: Æþelræd; ок. 966 – 23 април 1016 година), познат како Неподготвениот, бил англиски крал од 978 до 1013 година и од 1014 година до неговата смрт во 1016 година. Неговиот епитет не потекнува од современиот англиски збор „неподготвен“ (unready), туку од староанглискиот „unræd“ што значи „лошо советуван“; тоа е параномазија на неговото име, кое може да се преведе како „добро советуван“.
37-годишното владеење на Етелред било најдолго владеење на англосаксонски крал на Англија дотогаш и бил надминат во 13-тиот век од Хенри III. Етелред бил наследен од неговиот син, Едмунд Ајронсајд, но тој починал по неколку месеци и бил заменет со синот на Свен, Кнут. Едвард Исповедникот, син на Етелред, станал крал во 1042 година.
Биографија
[уреди | уреди извор]Етелред бил син на кралот Едгар и кралицата Елфтрит. Татко му ненадејно починал во јули 975 година, оставајќи зад себе два мали сина. По атентатот на неговиот постар полубрат, Едвард Маченикот, Етелред дошол на престолот на 12-годишна возраст. Брат му го убиле луѓе кои сакале тој да дојде на престолот, иако тој бил премлад за да биде вмешан во заверата.
Владеење
[уреди | уреди извор]Етелред имал помеѓу девет и дванаесет години кога станал крал, а првично одлуките ги носеле неговите советници како Етелволд, епископ од Винчестер, кралицата Елфтрит и Данстан, надбискуп од Кантербери. Етелволд бил особено влијателен и по неговата смрт, на 1 август 984 година, Етелред се одвоил од своите советници и започнал политика која се мешала во привилегиите дадени на црквата.[1]
Кралицата Елфтрит починала помеѓу 1000 и 1002 година.[2]
И покрај конфликтите со Данците во текот на неговото владеење, Англија имала раст на населението, трговијата и богатството.[3]
Конфликт со Данците
[уреди | уреди извор]Во Англија владеел мир по повторното освојување на Данелав кон средината на 10 век од страна на кралот Едгар, таткото на Етелред. Но од 980 година, мали групи на дански авантуристи извршиле серија на напади на англиското крајбрежје. Хемпшир, Танет и Чешир биле нападнати во 980 година, Девон и Корнвол во 981 година и Дорсет во 982 година. По период од шест години, во 988 година, имало уште еден напад на југозападното крајбрежје. Стентон забележал дека, иако оваа серија на изолирани немала некој ефект врз самата Англија, „нивната историска важност е тоа што тие ја натерале Англија за прв пат да стапи во дипломатски контакт со Нормандија“.[4]
Данските напади станале посериозни на почетокот од 990-тите, и многу разорни напади во 1006-1007 и 1009-1012 година.[5] Ниту откупот кој Етелред им го исплатил на данците не ги скротил нивните напади.[5] Силите на Етелред биле претежно составени од пешадија, со многу странски платеници, но немал добро обучена коњаница.[6]
Во овој период, Норманите им нуделе засолниште на Данците кои се враќале од нападите на Англија. Ова предизвикало тензија меѓу англискиот и норманскиот двор, а гласовите за нивното непријателство стигнале до папата Јован XV. Папата презел мерки за склучување на мировен договор меѓу Англија и Нормандија, кој бил ратификуван во Руан во 991 година.[7]
Битката кај Малдон
[уреди | уреди извор]Во август 991 година, голема данска флота ја нападнала југоисточна Англија. Се истовариле во Кент, и потоа го окупирале островот Нортеј;. [1] на околу 2 км западно од Нортеј се наоѓа крајбрежниот град Малдон, каде што биле сместени англиските чети. Во битката кај Малдон, Англичаните не успеале да го одбранат брегот на Есекс. По оваа битка следела серија од порази на Англичаните, прво победувани од данските напаѓачи, а подоцна и од организираните дански војски.
Англија започнува со плаќање откуп
[уреди | уреди извор]По битката кај Малдон, било одлучено Англичаните да им исплатат откуп на Данците (на нивно барање), па затоа им бил исплатен гафол од 10.000 фунти за мир. Сепак, данската флота продолжила да го пустоши англискиот брег од 991 до 993 година. Во 994 година, данската флота, многу побројна од онаа од 991, навлегла во Темза и се упатила кон Лондон.
Тогаш Етелред се сретнал со водачите на данската флота и бил потпишан договор со кој се регулирале спорните населби и трговијата. Со договорот, исто така, се предвидувало да запре пустошењето на брегот, и дека на напаѓачите ќе им бидат исплатени 22.000 фунти злато и сребро како цена за мирот.[4] Некои од данците избрале да му служат на кралот Етелред како платеници., војска која се стационирала на островот Вајт“.[1]
Нови напади на Данците
[уреди | уреди извор]Во 997 година, имало нови дански напади. Најверојатно платеничката војска создадена во 994 година се свртела против оние кои требало да ги заштити“. [1] Во 997 година биле нападнати Корнвол, Девон, западен Сомерсет и јужен Велс, а Дорсет, Хемпшир и Сасекс во 998 година. Во 999 година, бил нападнат и Кент. Потоа во 1000 година, ја напуштиле Англија и се упатиле за Нормандија, можеби затоа што Англичаните во овој последен бран напади одбиле да исплатат откуп на данците, што ќе стане познато како Данегелд. Запирањето на нападите Етелред го искористил за да ги консолидира своите ресурси и војски.[4]
Во 1001 година, данската флота - можеби истата флота од 1000 година - се вратила и го опустошила западен Сасекс. За време на нападите, флотата редовно се враќала во својата база на островот Вајт. Пролетта 1002 година Англичаните купиле примирје за 24.000 фунти. Честите плаќања на Етелред на огромни износи Данегелд често се сметаат за пример за неспособноста на неговата влада и неговата сопствена кусогледост.
Масакр на Денот на Свети Брис во 1002 година
[уреди | уреди извор]Етелред го наредил масакрот на сите Данци во Англија на 13 ноември 1002 година, Денот на Свети Брис. Ваквата наредба можела да се спроведе на не повеќе од една третина од Англија. Била убиена и сестрата на данскиот крал. За да ја одмазди нејзината смрт, Свен ја нападнал западна Англија следната година. [4]
Свен продолжувал да ја напаѓа Англија во периодот од 1003-1007, по што му биле исплатени 36,000 фунти и нападите престанале.
Данската армија од 1009 година, предводена од Торкел Високиот и неговиот брат Хеминг, била најмоќната армија која ја нападнала Англија за време на владеењето на Етелред. Ја напаѓала Англија додека не ѝ бил даден откуп од 48.000 фунти во април 1012 година. [4]
Инвазија од 1013 година
[уреди | уреди извор]Свен во 1013 година почнал напад на Англија со намера за да стане нејзин крал. Свен ја освоил Англија кон крајот на 1013, протерувајќи го Етелред во Нормандија. Но, Свен починал на 3 февруари 1014 година. Данската флота се заколнала на верност на синот на Свен, Кнут Велики, а Етелред почнал да преговара со англиските благородници за неговото враќање на престолот. Тој само требало да им биде лојален кон нив, да воведе реформи за сè што не им се допаѓа и да го заборави она што било кажано и направено против него за време на неговото претходно владеење. Условите од овој договор се од голем уставен интерес за раната англиска историја бидејќи тие се првиот запишан договор помеѓу кралот и неговите поданици и исто така се смета дека покажуваат дека многу англиски благородници му се покорувале на Свен само поради нивната недоверба кон Етелред. [4]
Потоа, Етелред го започнал нападот против Кнут и неговите сојузници. Само луѓето од Кралството Линдзи (денешен Северен Линколншир) го поддржале Кнут. Етелред прво тргнал да го заземе Лондон, со помош на Норвежанецот Олаф Харалдсон. Според исландскиот историчар Снори Стурлусон, Олаф го нападнал и го освоил Лондонскиот мост со флота од бродови. Потоа продолжил да му помага на Етелред да го заземе Лондон и другите делови од Англија. Кнут одлучил да се повлече од Англија, во април 1014 година, а неговите сојузници од Линдзи ја претрпеле одмаздата на Етелред. Во 1016 година Олаф заминал од Англија за да ја напаѓа западна Европа.[8] Истата година, Кнут се вратил и наишол на сложена и нестабилна состојба во Англија.[8] Синот на Етелред, Едмунд Ајронсајд, се побунил против својот татко и се наметнал во Данелав, каде имало лутина насочена кон Кнут и Етелред поради пустошењето на Линдзи и биле подготвени да го поддржат Едмунд во востание против нив.
Смрт
[уреди | уреди извор]За неколку месеци Кнут освоил поголеми дел од Англија, а Едмунд му се придружил на Етелред за да го бранат Лондон. Етелред починал на 23 април 1016 година. Војната меѓу Едмунд и Кнут завршила со победа на Кнут во битката кај Асандун на 18 октомври 1016 година. Сепак Кнут се согласил да ја поделат Англија, Едмунд го добил Весекс, а Кнут целата земја над Темза. Сепак, Едмунд починал на 30 ноември и Кнут станал крал на целата земја.[4]
Етелред бил погребан во Старата катедралата Свети Павле во Лондон. Неговиот гробот и споменикот [9] биле уништени заедно со катедралата во големиот пожар во Лондон во 1666.[10]
Бракови и деца
[уреди | уреди извор]Етелред околу 985 година се оженил за Елфгифу од Јорк (починала во 1002), ќерка на Торед, гроф од Нортамбрија. [1] Нивните деца се:
- Етелстан (починал во 1014 година)
- Егберхт Етелинг (починал ок. 1005) [11]
- Едмунд Ајронсајд (Крал на Англија, починал во 1016 година)
- Едред Етелинг (починал пред 1013 година)
- Едвиг Етелинг (Погубен од Кнут во 1017)
- Едгар Етелинг (починал ок. 1008) [11]
- Едгит или Едит (омажена за Еадрик Стреона)
- Елфгифу (омажена со Ухтред Храбриот, алдорман од Нортамбрија)
- (најверојатно) Вулфхилд (која се омажила за Улфкетил Снилингр (починал во 1016 г.), веројатно елдорман на Источна Англија) [12]
- (најверојатно) неименувана ќерка која станала игуманија на Вервел [12]
Во 1002 година, Етелред се оженил за Ема од Нормандија, сестра на Ричард II, војводата од Нормандија. Нивните деца се:
- Едвард Исповедник (Крал на Англија, починал во 1066 година)
- Алфред Етелинг (починал 1036–37)
- Годгифу или Года од Англија (најпрво се омажила за Дрого од Мант, гроф на Мант, Валоа и Вексин [13] а потоа за Евстак II, гроф од Булоњ)[13]
Сите синови на Етелред биле крстени по неговите претходници на престолот.[14]
Владејачки титули | ||
---|---|---|
Претходник Едвард Маченикот |
Крал на Англија 978–1013 |
Наследник Свен |
Претходник Свен |
Крал на Англија 1014–1016 |
Наследник Едмунд II |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Keynes 2004.
- ↑ Stafford 2004.
- ↑ Howard, Ian (2003). Swein Forkbeard's Invasions and the Danish Conquest of England, 991–1017. Woodbridge: Boydell Press. стр. 145. ISBN 0-85115-928-1.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Stenton 2001.
- ↑ 5,0 5,1 Molyneaux, George (2015). The Formation of the English Kingdom in the Tenth Century (англиски). Oxford University Press. стр. 35. ISBN 978-0-19-102775-8.
- ↑ Howard, Ian (2003). Swein Forkbeard's Invasions and the Danish Conquest of England, 991–1017. Woodbridge: Boydell Press. стр. 28. ISBN 0-85115-928-1.
- ↑ Benham 2020.
- ↑ 8,0 8,1 Hagland & Watson 2005.
- ↑ Sinclair 1909.
- ↑ Keynes 2012.
- ↑ 11,0 11,1 Lawson 2004.
- ↑ 12,0 12,1 Fryde и др. 1996.
- ↑ 13,0 13,1 Barlow 1965.
- ↑ Barlow 1997.
|