Внатрешно памтење
Кај сметачите, податоците се претставуваат во бинарен облик, односно со цифрите на бинарниот систем 0 и 1 што се нарекуваат битови (ознака b, англ. bit). За полесна работа со податоците се користат групи од битови. Група од 8 бита се нарекува бајт и се означува со B, англ. Byte). Групи од 2, 4 или 8 бајти образуваат збор.
Големината на памтењето што ја зафаќаат податоците се изразува во бајти или во поголеми единици од бајтот, а тие се: килобајт (1КВ=1024В), мегабајт (1МВ=1024КВ), гигабајт (1GB=1024MB), терабајт (ТВ=1024GB).
Внатрешното памтење или внатрешна меморија (од англ. memory) е главното, работно или оперативно памтење и се состои од места на складирање од кои секое има своја единствена адреса. Внатрешното памтење се состои од:
- ЧП - „читачко памтење“ (англ. ROM Read Only Memory) – памтење што може само да се чита. Нејзина важна особина е тоа што нејзината содржина не се губи со исклучување на личниот сметач од струја. Во неа се сместени програми што се извршуваат веднаш по приклучувањето на сметачот и овозможуваат тој да се доведе во работна состојба, а потоа имаат голема улога во контролата на сметачот и во протокот на податоци низ него. Тие програми го сочинуваат т.н. BIOS (англ. Basic Input/Output System).
- ППП - „памтење по произволен пристап“ (англ. RAM, Random Access Memory) – памтење од кое може да се чита и во кое може да се запишува. Податоците во неа слободно можат да се запишуваат, да се бришат и да се преместуваат од едно место на друго. Со прекинување на струјното напојување на сметачот, сите податоци што се наоѓаат во ова памтење неповратно се губат. Затоа, за трајно чување на податоците, истите се запишуваат на надворешното памтење на сметачот.
Постојат два вида ППП-памтење: динамичко ППП или ДППП (англ. Dynamic RAM, DRAM) и статично ППП или СППП (англ. Static RAM, SRAM). Статичката RAM е многу помала од динамичката и затоа кога се зборува за RAM се мисли на динамичката RAM. Статичното памтење се нарекува и кеш-памтење (англ. CACHE memory), а се користи за привремено сместување на помали количини податоци заради побрз пристап до нив.
|