Џон Максвел Куци
Џон Максвел Куци (роден на 9 февруари 1940 година, во Кејптаун, Јужна Африка) — јужноафрикански романописец, есеист, јазичар и преведувач.
Животопис
[уреди | уреди извор]Родителите на Куци, татко му, адвокат, и мајка му, учителка, биле потомци на холандските доселеници во Јужна Африка од 17 век. Освен тоа, преку својот прадедо, Балтазар Дубиел, Куци има и полски корени.[1] Куци го поминал детството во Кејптаун, Ворчестер и во Кејп Прованс (денешен Вестерн Кејп), а тоа го опишал во книгата „Детство - сцени од правинцискиот живот“ (1997). Учел во католичко училиште „Свети Јосиф“, а потоа дипломирал математика и англиски јазик на Универзитетот во Кејптаун. Во раните 1960-ти, Куци се преселил во Лондон, каде што работел за „Ај-би-ем“ како компјутерски програмер. Во 1963 година, во Кејптаун, ја одбранил магистерската теза за романите на Форд Медокс Форд. Искуството во Англија го опишал во вториот том на книгата „Младост“ (2002), а третиот том носи наслов „Лето“ (2009). Неговиот син починал трагично, под сомнителни околности, на возраст од 23 години. Докторатот по лингвистика го одбранил на универзитетот во Тексас, а темата му била компјутерска стилска анализа на делата на Самјуел Бекет. Откако го напуштил Тексас, Куци предавал англиски јазик и литература на државниот универзитет во Њујорк, каде останал до 1971 година. Истата година побарал американско државјанство, но бил одбиен поради учество во протестите против војната во Виетнам. Потоа се вратил во Јужна Африка, каде предавал литература.
Откако се пензионирал во 2002 година, се преселил во Аделаида, Австралија, работејќи како почесен истражувач на англискиот оддел на тамошниот универзитет, во кој предавала и неговата партнерка, Дороти Драјвер. Паралелно со тоа, до 2003 година, Куци предавал и социологија на Универзитетот во Чикаго. Во март 2006 година, Куци станал австралиски граѓанин. За време на церемонијата, изјавил: „Бев привлечен од слободниот и широкоград став на луѓето, од убавината на земјата и кога првпат ја видов Аделаида - од блаженството на градот што сега го нарекувам мој дом.“ Куци е познат по повлеченоста, поради што бил обвинуван за „елитизам“ од страна на неговите сонародници, зашто многу го избегнувал публицитетот, ретко давал интервјуа и не се појавил на доделувањето на двете награди „Букер“, најпрвин за делото „Животот и времето на Мајкл К“, во 1983 година, а потоа за „Срам“ во 1999 година. Фактот дека ретко се појавувал во јавноста бил искористен за прибирање пари за децата-жртви на сида во Африка. Подоцна, Куци станал гласен критичар на суровоста кон животните и заштитник на правата на животните.
Творештво
[уреди | уреди извор]Куци има објавено неколку романи, автобиографски романи и збирки есеи.[2]
Од романите, попознати се: „Срам“, „Животот и времето на Мајкл К“, „Земји на самракот“ (1974), „Во срцето на земјата“ (1977), „Фо“ (1986), „Бавниот човек“ (2005) и „Дневникот на лошата година“.
Неговите есеистички дела се: „При пишувањето за: културата на писмото во Јужна Африка“ (1988), „Одвојување на поентата: есеи и интервјуа“ (1992), „Нанесување увреди: есеи на цензурата“ (1996), „Необични брегови: литературни есеи, 1986-1999“ (2002) и „Внатрешни дејства: литературни есеи, 2000-2005“ (2007).
Куци се занимавал и со преведување. Така тој ги превел делата: „Посмртна исповед“ од Марсел Емантс(1986), „Експедиција од Баобабот“ од Вилма Стокенстром и „Пејзаж со веслачи: поезијата на Холандија“ (2004), а напишал предговор на делата: „Робинзон Крусо“ од Даниел Дефо, „Брајтенската карпа“ од Греам Грин и „Човек во неизвеснот“ од Сол Белоу.
Неговото дело „Животот на животните“ во 2021 година е преведено на македонски јазик од страна на „Темплум“.[3]
Награди
[уреди | уреди извор]Куци добил многу литературни награди. Така, за романот „Чекајќи ги варварите“ ја добил Меморијалната награда „Џејмс Тејт Блек“ во 1980 година, а трипати ја добил јужноафриканската награда „Си-ен-еј прајз (CNA)“. Неговото дело „Железно време“(1983) било прогласено за книгата на годината според весникот „Сандеј експрес“. За делото „Мајсторот на Петербург“ (1994) ја добил наградата ,,Тајмс ин-ин-тернешнал фикшн" во 1995 година; ги добил и наградите „Фемина (Prix Etranger Femina)“,[2] „Фајбер мемориал аворд“, „Комонвелт литерари аворд“; а во 1987 година ја добил наградата „Ерусалим“ за литература за слобода на поединецот во општеството. На 2 октомври 2003 било објавено дека Куци ја добил Нобелова награда за литература како четврти африкански добитник, а втор јужноафикански, по Надин Гордимер. Церемонијата на доделувањето се одржала во Стокхолм, на 10 декември 2003 година. Куци е добитник и на наградата „Редот на Мапунгубове“ од страна на владата на Јужна Африка на 27 септември 2005 за „извонредниот придонес на полето на литература и за ставањето на Јужна Африка на светската сцена". Куци поседува почестени докторати на универзитетите во Аделаида, Натал, Оксфорд, Родос, Мелбурн (Ла троуб), Њујорк (Бафало и Стретклајт) и Сиднеј.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда“, НИД „Микена“, Битола, 2010.
- ↑ 2,0 2,1 Dž. M. Kuci, Život i vremena Majkla K. Beograd: Paidea, 2005.
- ↑ „Најновите книги на Малиот новогодишен саем на Темплум“, „Окно“, 27.12.2021
|
|
|