Јарослав Сајферт
Јарослав Сајферт (23 септември 1901, Прага, Австо-Унгарија - 10 јануари 1986, Прага, Чехословачка) — чешки поет, добитник на Нобеловата награда за литература во 1984 година.
Животопис
[уреди | уреди извор]Сајферт потекнувал од сиромашно работничко семејство. Тој е роден во работничкиот дел на Прага, Жижков,[1] а бил крстен во капелата на „Св. Роко“ во делот на Прага наречен Олшани.[2] Поради потребата да работи за да се издржува, не го завршил средното училиште. На почетокот, Сајферт бил наивен и искрен пролетер и комунист, но во 1929 година раскрстил со Комунистичката партија на Чехословачка (КПЧ), бидејќи го потпишал Манифестот на седумте комунистички писатели, во кој се осудува доаѓањето на Клемент Готвалд на чело на КПЧ. Тогаш, тој престанал да ги уредува комунистичките весници и речиси ги прекинал сите политички врски со своите поранешни комунистички другари. Исто така, уште во неколку наврати тој истапил против официјалната политика: во 1968 година ја осудил советската окупација на Чехословачка; во 1977 година ја потпишал „Повелбата 77“ на Јан Паточка, Вацлав Хавел и Јиржи Хаек.[3] Иако доживеал длабока старост, уште од крајот на 1960-тите Сајфертбил тешко болен и се движел со ортопедски помагала.[4]
Творештво
[уреди | уреди извор]Сајферт зазема истакнато место не само во чешката поезија, туку нема никакво сомнение дека тој претставува еден од големите поети на 20. век. Творештвото на Сајферт поминало низ две големи фази: во раните 1920-ти, тој бил истакнат претставник на пролетерската поезија, а потоа, од средината на 1920-тите и еден од најистакнатите претставници на чешкиот поетски правец наречен „поетизам“. Во 1930-тите, Сајферт суверено ги ползувал придобивките на разните европски „изми“, но сепак, изградил специфичен поетски јазик.[5]
Сајферт ја објавил првата збирка во 1921 година, со наслов „Градот во солзи“ и таа била воодушевено дочекана од критиката од редовите на комунистичката левица, на која ѝ припаѓал и Сајферт. Сепак, дури и во оваа збирка, неговите стихови не биле пропагандистички, туку тој ги прикажувал сликите од животот на пролетерите, онака како што тој самиот го живеел. Во 1923 година, тој ја објавил втората збирка „Самата љубов“ во која отсуствувала пролетерската тенденција, поради што била гневно дочекана од левичарската критика. Имено, со исклучок на неколку пролетерски стихови, збирката е целосно посветена на љубовта. Поради тоа, истакнатиот поет С. К. Нојман го обвинил Сајферт дека не е „идејно изграден“ и дека го напушта фронтот на класната борба. Но, од друга страна, истакнатиот чешки критичар Ф. К. Шалда го забележал сезнибилитетот на Сајферт и го споредил со ликовното дело на Анри Русо.[6]
Во 1924 година, Сајферт го посетил Париз (придружуван од Карел Тајге), а во 1925 година се појавила неговата трета книга „На брановите на ТСФ“ (TSF се француските иницијали за безжичната врска и радиото) со која му се приклучил на поетскиот правец „поетизам“, којшто се одликувал со поезија посветена на „сите убавини на светот“ и во која преовладува духот на џезот, модерното, циркусот итн. Оваа збирка била напишана под влијание на патувањето во Париз, каде што започнал да го преведува Гијом Аполинер. Со неа, Сајферт уште повеќе ги разбеснил своите партиски соборци, меѓутоа добил пофалби од конзервативниот антикомунистички критичар Фердинанд Пероутка. Дури следната негова збирка „Славејот пее лошо“, инспирирана од неговата посета на СССР, а објавена во 1926 година, ги ублажила критиките од страна на левичарите, бидејќи во неа се среќаваат социјални и политички теми, поврзани со Октомвриската револуција.[7]
Во 1929 година, Сајферт ја објавил збирката „Поштенски гулаб“, а истата година тој раскинал со Комунистичката партија на Чехословачка (КПЧ) и го потпишал познатиот Манифест на седумте комунистички писатели во кој се критикувало доаѓањето на Клемент Готвалд на чело на КПЧ. Меѓутоа, во овој период, неговата поезија ја достигнала зрелоста, а тој започнал да пишува и за настаните поврзани со судбината на неговата татковина. Така, во 1937 година ја објавил збирката „Осум дена“, посветена на смртта на првиот претседател на Чехословачка, Томаш Масарик (насловот на збирката го изначува осумте дена на тага од смртта до погребот на Масарик). Во 1938 година ја објавил збирката „Згаснете ги светлата“, во која се предвидувала несреќната судбина на Чехословачка по Минхенскиот договор.[8]
Во 1945 година, Сајферт ја објавил збирката „Кацига на глината“, посветена на борците за ослободување од нацистичката окупација. Подоцна, тој со восхит го дочекал враќањето на демократскиот претседател Едвард Бенеш кому му ја посветил песната „Септември“ од 1948 година, но таа не можела да биде објавена во Чехословачка. Во 1950 година се појавила неговата најпотресна збирка „Песна за Викторка“, објавена во ограничен тираж. Збирката, посветена на чешката писателка Божена Немцова и нејзиниот книжевен лик Викторка, била остро дочекана од критиката. Во тоа особено предничел поетот Иван Скала, кој во бројот 19 на списанието „Создавање“ (Tvorba) од 1950 година го обвинил Сајферт за рамнодушност кон работниот народ, за нихилизам кон граѓаните, отфрлање на современоста. Во походот против Сајферт се истакнувал и критичарот Ладислав Штол, кој го обвинил дека не е бил борец, дека омекнал и дека неговата поезија не била партиска. Сајферт успеал да се спаси од нападите само благодарение на својата огромна популарност, како и поддршката од страна на Витјеслав Незмал и Марија Пујманова. Сепак, во 1956 година, на вториот конгрес на чехословачките писатели, Иван Скала извршил самокритика поради нападите врз него, а Сајферт ја повикал власта да ги рехабилитира невино прогонетите луѓе и забранетите писатели. Дури по познатиот XX конгрес на КПСС, Сајферт постепено започнал да го зазема заслуженото место во чешката литература, а во 1969 година бил избран за претседател на Чехословачкиот сојуз на писателите, кој веќе следната година бил распуштен.[9]
Библиографија
[уреди | уреди извор]Најпознати дела на Сајферт се:[10]
- „Градот во солзи“ (1921 г.);
- „Самата љубов“ (1923 г.);
- „На брановите на TSF“ (1925 г.);
- „Свадбен пат“ (1925 г.);
- „Славејот пее лошо“ (1926 г.);
- „Поштенски гулаб“ (1929 г.);
- „Ѕвезди над Рајската градина“ (1929 г.);
- „Јаболко од крилото“ (1933 г.);
- „Рацете на Венера“ (1936 г.);
- „Песни диктирани во ротацијата“ (1936 г.);
- „Збогум пролет“ (1937 г.);
- „Осум дена“ (1937 г.);
- „Есен во Чешка“ (1937 г.);
- „Изгаснете ги светилките“ (1938 г.);
- „Лепезата на Божена Немцова“ (1940 г.);
- „Облечена во светлина“ (1940 г.);
- „Камениот мост“ (1944 г.);
- „Кацига на глината“ (1945 г.);
- „Романса за кралот Вацкав IV“ (1949 г.);
- „Сиромавиот сликар замина во светот“ (1949 г.);
- „Песна за Викторка“ (1950 г.);
- „Моцарт во Прага“ (1951 г.);
- „Мајка“ (1954 г.)
- „Момчето и ѕвездите“ (1956 г.);
- „Извлечените страници“ (1957 г.);
- „Прага“ (1958 г.);
- „Ластовици над реката (1962 г.);
- „Стихови за Прага“ (1962 г.);
- „Концерт на островот“ (1965 г.);
- „Леењето на камбаната“ (1967 г.);
- „Халеевата Комета“ (1967 г.);
- „Столбот на чумата“ (1968-1970 г.; дефинитивната верзија од 1977 г.);
- „Чадорот од Пикадили“ (1978 г.);
- „Сите убавини на светот“ (1981 г.);
- „Да се биде поет“ (1984 г.);
Награди и признанија
[уреди | уреди извор]За својата поезија, Сајферт во три наврати ја добил чехословачката државна награда: во 1936, 1955 и 1968 година, а во 1967 година бил прогласен за народен уметник. Најпосле, во 1984 година го добил и највисокото признание - Нобеловата награда, за неговата поезија, полна со свежина и чувственост.[11]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 49.
- ↑ Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 39.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 77-92.
- ↑ Milan Kundera, „Predgovor: Bilo ih je pet“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 8.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 77.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 78-80.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 80-82.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 84-85.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 86-90.
- ↑ „Izabrana bibliografija Jaroslava Sajferta“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 93-94.
- ↑ Aleksandar Ilić, „Pogovor: Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 86-89.
|
|