Промотивни фотографии од членовите на New Order во 1985; Од горе во насока на стрелките на часовникот: Бернард Самнер, Стивен Морис, Питер Хук, Џилијан Џилберт
New Order (транскрипција: Њу Ордер) ― англиска-рок група основана во 1980 година. Групата ја основале пејачот и гитарист Бернард Самнер, басистот Питер Хук и тапанарот Стивен Морис по распаѓањето на нивната претходна група Joy Division предизвикано од самоубиството на фронтменот Ијан Кертис. Истата година на групата ѝ се придружила Џилијан Гилберт на клавијатури. New Order направиле спој на пост-панк-музиката со електронска и денс-музика, а тоа ги направило една од најпознатите и највлијателните музички групи во 1980-тите.[1] Тие биле најистакната група од независната издавачка куќа со седиште во Манчестер, Factory Records.[2]
Нивниот хит од 1983 година „Blue Monday“ станал најпродаван 12-инчен сингл на сите времиња и популарна клупска песна.[3] Во 1980-тите, тие ги издале успешните албуми: Power, Corruption & Lies (1983), Technique (1989) и компилацијата Substance (1987). Се распаднале во 1993 година за да работат на соло-проекти и повторно се обединиле во 1998 година. По обединувањето, групата Њу Ордер неколкупати била на паузи имала неколку промени во поставата. Хук ја напуштил групата во 2007 година поради лични несогласувања со другите членови. Во 2015 година, тие го издале десеттиот студиски албум, Music Complete. Во 2023 година, Joy Division и New Order како еден изведувач биле номинирани за внесување во Куќата на славните на рокенролот.[4]