Хомосексуалност
Сексуална ориентација |
---|
Сексуални ориентации |
Поврзани поими |
Истражувања |
Нечовечки животни |
Поврзани теми |
Хомосексуалност — една од можните сексуални ориентации. Тоа е сексуална и емотивна привлечност кон лица од истиот пол.
Хомосексуалната ориентација не е ограничена ниту на еден одреден тип на луѓе. Геј мажи и лезбејки има на секоја возраст, култура, социјално опкружување, раса, религија и националност. Имаат различни професии и живеат во сите делови на светот.
Општество
[уреди | уреди извор]Оваа статија можеби треба да се ажурира. Уредете ја статијата за да ги одразува скорешните настани или новодостапните информации, и отстранете ја оваа предлошка кога ќе завршите. |
Општествениот однос кон хомосексуалноста еволуирал во текот на вековите, од целосно негирање, преку премолчано толерирање, па сè до целосно прифаќање, со нијансирани степени помеѓу нив. Односот меѓу моралното осудување на хомосексуалноста и нејзиниот правен статус е заемно поврзан. Така на пример, во Англија, таа била престап според средновековното канонско право на Црквата. Со текот на времето, ставот кон оваа појава полека се менувал. Хомосексуалноста била официјално забранета од Парламентот во текот на 19 век.
Хомосексуалноста се пројавува низ најразлични култури и идеологии. Прогонот на хомосексуалците во Нацистичка Германија е еден од современите примери за гонење од страна на системот заради расистичка, а не религиозна доктрина. Во нацистичките логори и затвори се убиени стотици илјади хомосексуалци со германско потекло. Бројот на убиени хомосексуалци од еврејско и ромско потекло е далеку поголем.
Во прединдустриските западни општества, хомосексуалноста била позната за секоја класа. Со засилувањето на урбанизацијата и појавата на нуклеинските семејства, таквите сексуални врски биле осудувани, а во голем број случаи и прогласувани за незаконски.
Во почетокот на 20 век се јавуваат движења кои ги афирмираат правата на истополовите парови, како облик на движењето за човекови права. Ваквите движења довеле до промени во општественото восприемање и медиумското претставување на хомосексуалноста. Така, денес, легализацијата и озаконувањето на рамноправноста на хомосексуалните врски, како и признавањето на еднополовите бракови и граѓански заедници се едни од основните цели на ЛГБТ активизмот.
Во последните неколку години, голем број на законодавства го променија односот кон хомосексуалното поведение, укинувајќи ги т.н. „содомитски“ закони и законите за забрана за служење на хомосексуалците во армииите. Така, во Англија и Велс хомосексуалноста меѓу полнолетните лица е легализирана во 1967, во Унгарија и Чехословачка во 1961, во Бугарија 1968, Шкотска во 1980, Северна Ирска во 1982 година. Набргу по независноста на Република Македонија од Југославија, во 1996 годината се легализираат истополовите односи.
Во САД, т.н. „анти-содомитски“ закони се укинати со одлуката на Врховниот суд од 2003 година. Во Кина нема посебни закони кои ги уредуваат односите меѓу хомосексуалните партнери, но често оваа популација е осудувана за измислено хулиганство.
Хомосексуалните бракови низ Европа и светот
[уреди | уреди извор]Проширувањето на правата на хомосексуалните двојки започна во 1989 година, кога Данска ги озакони т.н. „регистрирани партнерства“ кои ги проширија имотните и наследните права на геј-двојките. Со тоа, за првпат во историјата на некоја национална влада, се овозможува не само заштита на истополовите двојки од дискриминација, туки и некои права кои дотогаш ги имале само хетеросексуалните венчани двојки. Норвешка постапува слично во 1993 година, проследена од Шведска во 1995, како и Исланд во 1996 година.
Другите држави во Европа и Северна Америка, исто така, ги прошируваат правата на геј-двојките со т.н. граѓански заедници. Сепак, Холандија е првата држава која го легализирала истополовиот брак. Во декември 2000 година, холандскиот Парламент ја усвои легислативата со која им се дава право на истополовите двојки да склучуваат бракови, да се разведуваат и да посвојуваат деца. На први април 2001, градоначалникот на Амстердам присуствуваше на првата церемонија на склучување на брак меѓу четири геј-двојки. Во наредните 8 години, Белгија (2003), Шпанија (2005), Канада (2005), Јужноафриканската република (2006) и Норвешка (2008) го следеа примерот на Холандија и ги легализираа истополовите бракови.
Нови закони во врска со легализацијата на хомосексуалните бракови се донесуваат насекаде низ светот. Буенос Аирес стана првиот град во Аргентина и Латинска Америка воопшто, кој во 2002 дозволи граѓански заедници меѓу истополовите двојки. Во ноември 2006, градот Мексико, поддржан од локалната влада, стана првиот град во Мексико што ги призна истополовите бракови. Истиот месец, Израел ги призна сите бракови склучени склучени во странство како полноправни бракови. Во 2007 и Колумбија ги прошири правата на истополовите двојки кои живееле заедно подолго од 2 години. На 1 јануари 2008, Уругвај изгласа закон со кој се признаваат граѓанските заедници меѓу истополовите двојки кои живееле заедно подолго од 5 години.[1]
Холандија
[уреди | уреди извор]Холандскиот Парламент во 2000 година го измени дотогашниот закон за семејство со сооднос 3:1 за поддршка на измените, така што сега во него е утврдено дека „бракот може да биде склучен меѓу лица од различен или ист пол.“[2] Единствено спротивставување во Холандскиот парламент доаѓа од христијанско-демократската партија, која тогаш не била дел од владеачката коалиција. Откако законот стапи во сила, Холандската Протестантска Црква, која претставува 12% од населението на државата, одлучува дека секоја парохија посебно може да си одлучи дали ќе врши богослужба при склучувањето на истополовите бракови. Иако муслиманските и конзервативните христијански групи продолжуваат да се противат на одлуката, како и хомосексуалноста, и хомосексуалните бракови се широкоприфатени од холандската јавност. За само 9 месеци откако стапи во сила оваа одлука, над 2.400 двојки од ист пол стапиле во брак. Од тогаш, годишната бројка на истополови бракови се намалува, од 1.838 во 2002, до 1.371 во 2007.[3]
Белгија и Шпанија
[уреди | уреди извор]Почнувајќи од 1998, белгискиот парламент понуди ограничени права за истополовите двојки со воведувањето на регистрирани партнерства. Истополовите двојки можеа да се регистрираат кај општинските матичари и формално да прифатат заемна одговорност за одржувањето на заедницата. Пет години подоцна, во јануари 2003, парламентот го легализираше истополовиот брак, давајќи им на геј и лезбејските бракови исти права околу материјалните и наследни права како и на хетеросексуалните двојки.[4]
Поддршка на законот дојде и од Фламанскиот север и од јазично-францускиот југ, што генерираше изненадувачки малку контроверзии низ земјата. Христијанско-демократската партија, која веќе долго време беше на власт, традиционално здружена со Римокатоличката црква, беше немоќна да го спречи донесувањето на законот. Законот дозволува и склучување брак меѓу белгиски државјанин и државјанин на друга држава каде геј-браковите се признаени. Во 2006, парламентот им дозволи на истополовите двојки во брак да посвојуваат деца. Над 2.500 истополови двојки склучиле брак во Белгија од јули 2005 година.[5]
Во Шпанија, поделениот парламент го легализираше истополовиот брак во 2005 година[6], доделувајќи им на овие двојки исти права како и на останатите. Новите мерки предвидуваат дека „за брак ќе се смета и кога две лица ќе склучат договор за брак, а се од ист пол.“ Официјален Ватикан, како и Шпанската бискупска конференција, строго го критикуваше законот, што резултираше со демонстрации на широките народни маси за и против новите мерки. Кога законот влезе во сила, Уставниот суд ги повлече сите решенија со кои општинските судови претходно одбивале да им издадат венчален лист на истополови двојки.
Според Опина институтот, еден ден пред изгласувањето на Законот, околу 62% од јавноста го поддржувала законот. Еден месец подоцна, скоро ист процент (61) ги поддржале измените.[7]
Од крајот на 2007 година, над 7.000 двојки се решиле да склучат истополов брак во Шпанија.[8]
Канада и Јужноафриканската република
[уреди | уреди извор]Истополовите двојки во Канада ги добија најголемиот број на права во 1999, кога федералната и локалните влади го проширија општото право и за геј и лезбиските двојки. Преку серија на судски случаи, почнувајќи од 2003, истополовите двојки станаа легални во девет од 13-те канадски провинции и територии. Во 2005 Парламентот усвои закон со кој ги призна сите бракови склучени насекаде низ светот. Во 2006 законодавното тело ги порази напорите на Конзервативната партија за повторно разгледување на законот, со што тој остана непроменет.[9]
Според Канадската телевизиска корпорација, три месеци пред донесувањето на Законот, над 52% од Канаѓаните се спротивставувале на неговото донесување. Но по еден месец од стапувањето во сила, 55% се изјасниле за негова поддршка, бројка која во декември 2006 се искачи на 58%.[10]
Јужноафриканскиот парламент ги легализира истиполовиот брак во ноември 2006 година, по само една година откако Врховниот суд пресуди дека рестриктивните закони по ова прашање ги кршат уставно загарантираните права на граѓаните. Новите мерки беа донесени со поддршка поголема од 5:1, со целосна поддршка и од владејачката Африканска национална партија и од главните помали опозициски партии, како Демократската алијанса.
Сепак, законот дозволува верските институции и цивилните службеници да одбијат служба во чест на истополовиот брак, одлука која според критичарите е еспротивна на Уставот.[1]
Норвешка
[уреди | уреди извор]Од 1 јануари 2009 година, геј-двојките во Норвешка можат законски да стапат во брак и да посвојуваат деца. Новиот закон, кој го замени постоечкиот кој важеше од 1993 и дозволуваше цивилни унии, ја направи Норвешка шестата држава во светот што полноправно ги озакони истополовите бракови. И покрај отпорот на членовите на Христијанските демократи и Прогресивната партија и контроверзиите околу државните институции за третман на плодноста кај лезбиските двојки, законот беше усвоен од норвешкиот парламент со потребните две третини од гласовите.
Според истражувањето на „Норвешки весник“ два месеци пред влегувањето на законот во Парламентот, голем дел од јавноста (58%) се изјасниле дека го поддржуваат предложениот закон, а 31% се спротивставувале. Најголемата религиозна група во земјата, Лутеранската Норвешка Црква, беше единствена околу прашањето за истополовите бракови. Во текот на изгласувањето на законот, водачите на црквата изгласаа одлука со која им се забранува на пасторите да спроведуваат венчавки помеѓу партнери од ист пол.[1]
Демографија
[уреди | уреди извор]Застапеноста на хомосексуалноста во едно насление зависи од најразлични фактори и достап до информации. Така, бројките варираат зависно од местото и населението. Ова прашање често е објект на спекулации и се користи како пропагандно средство за поддршка на различни про- и анти-геј лобирања.
Дури и кога истражувањата се прават максимално совесно и објективно, се појавуваат сериозни проблеми со идентификацијата. Поради негативната социјална и емоционална тежина на прашањето, многу од луѓето кои се хомосексуалци, одбиваат да се идентификуваат. Актуелно е и прашањето за демографското изучување на хомосексуалноста: дали треба да се сметаат за хомосексуалци оние кои никогаш во животот немале хомосексуален контакт, но имаат хомоеротски фантазии и чувства. Заради овој проблем, особено е отежнато статистичкото проучување на хомосексуалноста. Општа тенденција во светот е хомосексуалците во либералните демократии да бидат поотворени за својата ориентација, па така броевите да бидат повисоки во тие држави.
Според Светското сексуално интернет проучување Архивирано на 20 февруари 2008 г. во 2003 година, 8% од населението на Земјата имале хомосексуален контакт. По држави, тој процент изгледа вака: САД и Австралија – 17%, Канада – 14%, Велика Британија, Данска и Нов Зеланд -13%, Белгија, Финска и Франција – 11%, Русија и Чешка - 10%, Унгарија - 9%, Индија, Малезија и Бугарија - 6%, Кина - 4%, Виетнам – 3%.
Големата разлика во процентите се објаснува со фактот дека во поконзервативните општества, помал е бројот на хомосексуалците кои ја откриваат својата сексуалност или се плашат да стапат во хомосексуален контакт. Од друга страна, оваа бројка можеби ги опфаќа и оние луѓе кои начелно не се хомосексуални, но поради некоја причина имале хомосексуален контакт.
Испитувањата од наредните години бележат зголемување на овие броеви. Така на пример, според истражувањата од 2005 година Архивирано на 30 април 2008 г., бројот на лица кои имале хомосексуален контакт се зголемува како на глобално ниво (12%), така и по држави: Австралија - 22%, САД, Нов Зеланд и Ирска - 20%, Канада -19%, Велика Британија - 17%[11], Франција -16%, Белгија и Австрија -15%, Холандија, Норвешка, Италија и Кина -14%, Финска, Швајцарија и Шведска - 13%, Чешката република - 12%, Малезија -10%, Шпанија, Бугарија и Грција - 9%, Словачка и Португалија - 8%, Виетнам - 7% и Полска - 6%.
Хомосексуалноста како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Педерски Катахрезис“ — збирка раскази на македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[12]
- „геј поплава“ — кус расказна македонскиот писател Хигсов Бозон од 2011 година.[12]
- „Disko Gay Химна“ — песна на македонската група ПМГ Колектив од 2011 година.[13]
- „Некои момчиња“ (хрватски: Neki dječaci (Some boys)) — песна на хрватската рок-група Прљаво казалиште.[14]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 1,2 „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-02-04. Посетено на 2009-02-23.
- ↑ http://www.law.leiden.edu/general/img/Translation%20of%20Dutch%20law%20on%20adoption%20by%20same%20sex%20partners_tcm19-55179.pdf
- ↑ http://globalgayz.com/eurounion-news.html#article10
- ↑ http://www.absoluteastronomy.com/topics/Same-sex_marriage_in_Belgium
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-09-30. Посетено на 2009-02-23.
- ↑ http://www.washingtonpost.com/wp-dyn/content/article/2005/06/30/AR2005063000245.html
- ↑ http://www.elpais.com/articulo/sociedad/44/espanoles/acepta/adopcion/parejas/mismo/sexo/frente/42/opone/elpepusoc/20070725elpepusoc_3/Tes
- ↑ http://www.ine.es/jaxi/tabla.do?path=/t20/e301/provi07/l0/&file=05005.px&type=pcaxis&L=1
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот 2006-03-03. Посетено на 2006-03-03.
- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2012-07-28. Посетено на 2009-02-23.
- ↑ http://www.guardian.co.uk/uk/2005/dec/11/gayrights.immigrationpolicy
- ↑ 12,0 12,1 Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
- ↑ www.pmgrecordings.com (пристапено на 3.12.2017)
- ↑ Novi val osamdesetih, City records, CD 000 395, 2005.
|