Хелсинки
Хелсинки Helsinki – Helsingfors | |||||
---|---|---|---|---|---|
Град | |||||
Helsingin kaupunki Helsingfors stad | |||||
Хелсиншка катедрала, најголемата знаменитост на градот | |||||
| |||||
Прекар(и): Стади, Хеса[1] | |||||
Земја | Финска | ||||
Регион | Усима | ||||
Подрегион | Хелсинки | ||||
Повелба | 1550 | ||||
Главен град | 1812 | ||||
Управа | |||||
• Градоначалник | Јуси Пајунен | ||||
Површина | |||||
• Градска | 770,14 км2 (29,735 ми2) | ||||
• Метро | 3.697,61 км2 (142,766 ми2) | ||||
Население | |||||
• Густина | 0/км2 (0/ми2) | ||||
• Градскo | 1.172.739 | ||||
• Градска | 1.522,8/км2 (39,440/ми2) | ||||
• Метро | 1.495.271 | ||||
• Метро | 404,4/км2 (10,470/ми2) | ||||
Демоним | helsinkiläinen (фински) helsingforsare (шведски) | ||||
Час. појас | EET (UTC+02:00) | ||||
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+03:00) | ||||
Мреж. место | www.hel.fi |
Хелсинки (фински: Helsinki; шведски: Helsingfors) — главен и најголем град во Финска. Се наоѓа во регионот Усима, сместен во јужниот дел на Финска, на брегот на Финскиот Залив, дел од Балтичкото Море. Хелсинки има 616.042 жители во самиот град,[7][3] додека во пошироката област живеат 1.176.976 жители (31 декември 2012 г.)[8] и метрополитенско население од 1,4 милиони, правејќи го најголем град и урбана област во Финска. Хелсинки се наоѓа на 80 километри северно од Талин, Естонија, 400 километри североисточно од Стокхолм, Шведска и 300 километри западно од Санкт Петербург, Русија. Хелсинки имал слична историја со овие три града и е многу поврзан со нив.
Метрополитенската област на Хелсинки го вклучува урбаното јадро на Хелсинки, Еспо, Ванта, Каунијаинен и околните градови.[9] Претставува најсеверната метрополитенска област со над еден милион жители во светот, а Хелсинки е најсеверниот главен град на земја членка на Европската унија. По Копенхаген и Стокхолм, тој е третиот најголем град во нордиските земји.
Хелсинки е главен политички, образовен, финансиски, културен и истражувачки центар на Финска, како и еден од поголемите градови во северна Европа. Околу 70 % од странските претпријатија во Финска имаат седиште во областа Хелсинки.[10] Во соседниот град Ванта се наоѓа Хелсиншкиот аеродром, со чести врски до различни одредишта во Европа и Азија.
Во истражување на списанието „Економист“ во август 2012 година за најдобрите и најлошите градови за живеење, Хелсинки го зазел осмото место.[11] Во 2011 година, списанието Monocle го сместил Хелсинки за најдобар град за живеење во светот според неговиот индекс на градови.[12]
Потекло на поимот
[уреди | уреди извор]Според усната традиција забележана во XVII век, раните доселеници во денешната област на Хелсинки дошле во средината на XIII век од покраината Хелсингланд во средишна Шведска. Реката Ванта локално била нарекувана како „Хелсинго“ (Helsingå) и парохијата основана во XIV век била наречена „Парохија Хелсинге“.
Кога започнале да се остваруваат плановите за основање на град во близина на денешните окрузи Коскела или Форсби („село на брзаци“) во 1548 година, новиот град започнал да се нарекува „Хелсинге брзак“ (Helsinge fors). Ова име потоа станало Хесингфорс (Helsingfors), кое денес се употребува како име на градот на шведски. Обичните луѓе местото го нарекувале „Хелсинге“ или „Хелсинг“, што подоцна станало моменталното финско име Хелсинки.
Името Хелсинки било користено во официјалните фински документи и во финските весници од 1819 година, кога Финскиот сенат се преселил во градот и на донесените декрети било запишувано Хелсинки како место на издавање. Ова е како Хелсинки станала прифатена форма во финскиот литературен јазик.[13]
Историја
[уреди | уреди извор]Рана историја
[уреди | уреди извор]Хелсинки бил основан како трговски град од кралот Густав I Васа во 1550 година како град Хелсингфорс, кој требало да му биде соперник на Ханзиниот град Ревал (денес познат како Талин). Малку се остварило од плановите, па Хелсинки останал мал град опустошен од сиромаштијата, војните и болестите. Од чумата во 1710 година починале поголем дел од жителите на Хелсинки. Изградбата на морската тврдина Свеаборг (на фински „Вијапори“, а денес и Суоменлина) во XVIII век помогнала да се подобри статусот на Хелсинки, но градот не започнал да се развива во значен град сè до шведскиот пораз од Русија во Финската војна и припојувајќи ја Финска како автономно Големо Кнежевство Финска во 1809 година. Во текот на војната, Русите ја освоиле тврдината Свеаборг и околу една четвртина од градот бил уништен во пожарот од 1808 година.[14]
Царот Александар I го преместил финскиот главен град од Турку во Хелсинки во 1812 година за да го намали шведското влијание на Финска и да го донесе главниот град поблиску до Санкт Петербург. По големиот пожар во Турку во 1827 година, Кралската академија Турку, во тоа време единствениот универзитет во земјата, била исто така преместена во Хелсинки и на крајот станала денешниот Хелсиншки универзитет. Преместувањето ја потврдило новата улога на градот и му помогнало во постојаниот раст. Оваа промена е многу забележлива во центарот на градот, кој бил повторно изграден во неокласичен стил како потсетник на Санкт Петербург, главно врз плановите на германскиот архитект Карл Лудвиг Енгел. Како и насекаде, технолошките пронајдоци како железницата и индустријализацијата биле клучните фактори за развојот на градот.
XX век
[уреди | уреди извор]И покрај бурната финска историја во текот на првата половина на XX век, Хелсинки продолжил со својот стабилен развој. Кулминација во историјата на градот биле XV Олимписки игри (Летните олимписки игри 1952) кои се одржале во Хелсинки. Рапидната урбанизација на Финска во 1970-тите, која се случува релативно доцна во споредба со остатокот на Европа, тројно го зголемила населението во метрополитенската област и бил изграден системот на Хелсиншката подземна железница. Релативната слаба густина на населеност на Хелсинки и неговата чудна структура често придонесувале до спорост во неговиот развој.
Име
[уреди | уреди извор]Хелсинки се користи како како име на градот во повеќето јазици, но не и на шведски.
Шведското име „Хелсингфорс“ (Helsingfors) е првобитното официјално име на градот Хелсинки (во почетокот се пишувало Хелсингефорс (Hellssingeforss)). Финската јазична форма на името веројатно потекнува од Хелсинга (Helsinga) и сличните имиња користено за реката, која сега е позната како Ванта, како што била забележана во XIV век. Хелсингфорс доаѓа од името на околната парохија, Хелсинге (Helsinge) и брзаци (шведски: fors), кои биле присутни во првичното село.
Друга теорија е дека името Хелсинге можеби потекнува од средновековните шведски доселеници, кои дошле од Хелсингланд во Шведска. Други наведуваат дека името потекнува од шведскиот збор „хелсинг“ (helsing), поранешна верзија на зборот „халс“ (hals; врат), однесувајќи се на најтесниот дел на реката, т.е. на брзаците. Други скандинавски градови исто така добиле слични имиња, како Хелсингер и Хелсингборг.
На хелсиншкиот сленг, градот се нарекува или како „Стади“ (Stadi; од шведскиот збор стад, што значи град) или Хеса (Hesa; скратено од Хелсинки), каде Стади се користи кога говорникот е роден во градот.[1][15] Хелсет (Helsset) е името на градот на севернолапонски јазик.
Географија
[уреди | уреди извор]Хелсинки е наречен „ќерката на Балтикот“ и е сместен на врвот на полуостров и на 315 острови. Самото градско подрачје го зафаќа јужниот дел на полуостровот, кој ретко се именува со неговото име Вирониеми. Густината на населеност во одредени подрачја на Хелсинки во самото градско подрачје е многу висока, достигнувајќи 16.494 жители на км2 во округот Калио, но вкупната густина на населеност изнесува 3.050 км2, што се смета за слабо населен во однос на другите главни градови во Европа.[16][17] Голем дел од Хелсинки надвор од градското подрачје се состои од повоени предградија одвоени едно од друго со шума. Тесниот средиштен парк во Хелсинки (долг околу 10 километри) се протега од центарот до северната граница на Хелсинки, претставува важна рекреативна зона за самите жители. Градот Хелсинки има 11.000 места за бродови и поседува над 14.000 хектари морска рибарска водна површина близу метрополитенската област. Во областа постојат околу 60 видови на риби. Рекреативното рибарство е особено омилено хоби помеѓу децата и возрасните.
Поголеми острови во Хелсинки се Сеурасари, Валисари, Лаутасари и Коркесари — на последниот се наоѓа најголемата зоолошка градина во државата. Други значајни острови се островот-тврдина Суоменлина (Свеаборг), воениот остров Сантахамина и Исосари. Пихлајасари е омилено летно одредиште за нудисти и хомосексуалци.
Метрополитенска област
[уреди | уреди извор]Регионот Хелсинки се состои од четири општини: Хелсинки, Еспо, Ванта и Каунијаинен[18] и се смета за единствена метрополитенска област во Финска.[19] Има население од 1,09 милиони, далеку најголема и најгусто населена област во Финска, преку четири пати поголема од Тампере. Регионот на главниот град се простира на област од 770 км2 и има густина на населеност од 1.418 жители по км2. Со повеќе од 20 проценти од населението на државата сместено на само 0,2 % од површината на земјата, густината на населеност на областа е висока за фински стандарди.
Метрополитенската област Хелсинки се состои од регионот на главниот град Хелсинки и десет околни општини. Метрополитенската област покрива област од 3.697 км2 и има околу 1,4 милион жители или околу една четвртина од вкупното население на Финска. Метрополитенската област нуди голем број работни места: околу 750.000 работни места.[20] И покрај искористеноста на земјата, регионот има големи рекреативни области и зелени површини. Метрополитенската област Хелсинки е најсеверната урбана област со над еден милион жители во светот, а градот е најсеверниот главен град на некоја земја членка на Европската унија.
Клима
[уреди | уреди извор]Хелсинки има влажна континентална клима (Кепен: Dfb), помалку од 2 °C над мерната точка за субарктичката клима. Благодарение на ублаженото влијание на Балтичкото Море и Голфската струја, температурите во зима се повисоки отколку што можеби кажува неговата северна положба, па така просекот за јануари и февруари е околу -5 °C.[21] Температури под -20 °C можат да се случат една недела или две во годината. Меѓутоа, поради неговата должина, деновите траат 5 часа и 48 минути околу краткодневицата со многу ниски сончеви зраци и облачното време во ова време во годината ја зголемува темнината. Обратно, Хелсинки има долги денови во лето, во текот на долгодневицата деновите траат 18 часови и 57 минути.[22] Просечната максимална температура од јуни до август е околу 19 до 22 °C. Поради морскиот ефект, особено во лето дневните температури се пониски, а ноќните температури повисоки отколку на копното. Највисока температура некогаш забележана во центарот на градот била 33,1 °C на 18 јули 1945 година, а најниската била -34,3 °C на 10 јануари 1987 година. На аеродромот Хелсинки била забележана температура од 34 °C на 29 јули 2010 година и -35,9 °C на 9 јануари 1987 година.
Клима на Хелсинки | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Показател | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Апсолутна максимална (°C) | 8,5 | 11,8 | 17,1 | 21,9 | 29,6 | 32,0 | 33,1 | 31,2 | 26,2 | 19,4 | 11,6 | 10,0 | 33,1 |
Просечна максимална (°C) | −1,3 | −1,9 | 1,6 | 7,6 | 14,4 | 18,5 | 21,5 | 19,8 | 14,6 | 9,0 | 3,7 | 0,5 | 9,0 |
Просечна температура (°C) | −3,9 | −4,7 | −1,3 | 3,9 | 10,2 | 14,6 | 17,8 | 16,3 | 11,5 | 6,6 | 1,6 | −2 | 5,9 |
Просечна минимална (°C) | −6,5 | −7,4 | −4,1 | 0,8 | 6,3 | 10,9 | 14,2 | 13,1 | 8,7 | 4,3 | −0,6 | −4,5 | 2,9 |
Апсолутна минимална (°C) | −34,3 | −31,5 | −24,5 | −16,3 | −4,8 | 0,7 | 5,4 | 2,8 | −4,5 | −11,6 | −18,6 | −29,5 | −34,3 |
Просечно кол. врнежи (мм) | 52 | 36 | 38 | 32 | 37 | 57 | 63 | 80 | 56 | 76 | 70 | 58 | 655 |
Снег (см) | 20 | 24 | 15 | 0,4 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 0 | 3 | 10 | 72 |
Сончеви часови (месечно) | 38 | 70 | 138 | 194 | 284 | 297 | 291 | 238 | 150 | 93 | 36 | 29 | 1.858 |
Градски пејзаж
[уреди | уреди извор]Карл Лудвиг Енгел (1778–1840) бил назначен да го проектира новиот центар на градот по негови замисли. Проектирал неколку неокласични градби во Хелсинки. Главна точка во планот на градот на Енгел е Сенатскиот плоштад. Тој е опкружен од Владиниот дворец (на исток), главната градба на Хелсиншкиот универзитет (на запад) и (на север) огромната катедрала, која била завршена во 1852 година, дванаесет години по смртта на Енгел. Подоцна, неокласичниот план на Енгел го поттикнал добивањето на епитетот, Белиот град на Северот. Меѓутоа, Хелсинки е веројатно е попознат по неговите бројни ар нуво (југенд на фински) градби под влијание на романтичниот национализам, проектирани во почетокот на 1900-тите и под силно влијание на Калевала, која била многу популарна тема во тоа време. Југендстилот е исто така присутен во големите станбени области, како Катајанока и Уланлина. Главен архитект на овој стил бил Елил Саринен (1873–1950), чие архитектонско ремек-дело било главната железничка станица на Хелсинки.
Хелсинки исто така поседува неколку градби од светски познатиот фински архитект Алвар Алто (1898–1976), сметан како еден од пионерите на архитектонскиот функционализам. Меѓутоа, некои од неговите дела, како седиштата на претпријатието за хартија Стора Енсо и концертната сала Финландија, биле предмет на поделени мислења од граѓаните.[23][24][25]
Познати функционалистички градби во Хелсинки од други архитекти се Олимпискиот стадион, Тенискиот дворец, стадионот за нуркање, стадионот за пливање, велодромот, стаклениот дворец, изложбената сала (сега спортска сала Толо) и аеродромот Хелсинки-Малми. Спортските сали биле изградени за потребите на Олимписките игри во 1940 година; игрите биле првично откажани поради Втората светска војна, но собиралиштата на крајот биле искористени за игрите во 1952 година. Многу од нив од страна на невладината организација ДоКоМоМо се запишани како значајни примери на современата архитектура. Олимпискиот стадион и аеродромот се дополнително заштитени од Националниот одбор за старини како културно-историско споменици со национално значење.
Неокласичните градби на Хелсинки често биле користени како позадина во сцените поврзани со Советскиот Сојуз во многу филмови за Студената војна од страна на Холивуд, кога снимањето во СССР не било можно. Бидејќи некои улици потсетуваат на старите градби во Санкт Петербург и во Москва, тие исто така биле користени во продукцијата на филмовите — некогаш на зачуденост од страна на граѓаните. Во исто време, владата тајно им наредила на финските службеници да не пружаат помош при таквите филмски проекти.[26]
Во XXI век, Хелсинки одлучил да дозволи изградба на облакодери. Неколку проекти се во тек, главно во Пасила и Каласатама. Највисокиот со 40 катови ќе се издига најмалку 150 метри. Во Пасила, дваесет нови висококатници ќе се изградат во следните десет години.[27]
Управување
[уреди | уреди извор]Градскиот совет на Хелсинки се состои од осумдесет и пет членови. На најнеодамнешните општински избори во 2012 година, три најголеми партии се Националната коалиција (23), зелените (19) и социјалдемократите (15). Градоначалникот, Јуси Пајунен, е член на партијата Национална коалиција.
Како сите фински општини, Градскиот совет на Хелсинки е главниот орган за одлучување по локалните прашања, справувајќи се со проблеми како градското планирање, училиштата, здравствената заштита и јавниот превоз. Советот се избира на секои четири години на општи избори.
Традиционална, конзервативната партија Национална коалиција (kokoomus) е најголема партија во Хелсинки, додека социјалдемократите се наоѓале на второто место. На изборите во 2000 година, зелените, кои во Хелсинки добиваат најголем број на гласови од целата земја, стигнале до второто место. Меѓутоа, во 2004 година, социјалдемократите го повратиле своето место. На изборите во 2008 и 2012 година, зелените повторно станале втора најголема партија.
Левата алијанса е четвртата најголема партија, додека Вистинските Финци имаат растечка поддршка за да станат петта најголема партија. Поддршката за Шведската народна партија силно опаѓа низ годините, најмногу поради несразмерниот дел на шведски говорници во Хелсинки. Партијата на центарот, и покрај една од најголемите партии во земјата, има мала поддршка во Хелсинки, како и во другите поголеми градови.
Демографија
[уреди | уреди извор]Хелсинки има поголем удел на жени (53,4 %) отколку некаде во Финска (51,1 %). Моменталната густина на населеност на Хелсинки изнесува 2.739,36 лица на квадратен километар, што е највисока во Финска. Животниот век за обата пола е малку под националниот просек: 75,1 година за мажи, споредено со 75,7 години, 81,7 години за жени споредено со 82,5 години.[28][29]
Хелсинки ужива силен раст од 1810-тите, кога го заменил Турку како главен град на Големото Кнежевство Финска, кое подоцна станало суверена Република Финска. Градот продолжил со силниот раст од тоа време натаму, со исклучок на периодот на Финската граѓанска војна. Од крајот на Втората светска војна до 1970-тите години се одвивало масовно селење на луѓе од внатрешноста кон финските градови, особено во Хелсинки. Помеѓу 1944 и 1969 година, населението во градот скоро двојно се зголемило, од 275.000[30] на 525.600 жители.[31]
Во 1960-тите, растот на населението на Хелсинки започнал да опаѓа, главно поради недостигот на домови.[32] Многу жители започнале да се селат во соседните Еспо и Ванта, каде растот на населението се зголемил. Населението на Еспо се зголемило деветкратно во шеесет години, од 22.874 лица на 244.353 во 2009 година. Соседниот Ванта имал дури и подраматична промена во истиот период: од 14.976 во 1950 година на 197.663 жители во 2009 година, зголемување за тринаесет пати. Овие драматични зголемување ги втурнало општините на областа околу Хелсинки на поголема соработка во областите како јавниот превоз и управувањето со отпадот.[33] Зголемениот недостиг на сместување и повисоки трошоци на живот во метрополитенската област Хелсинки ги принудило многу луѓе да бараат домови во поранешните рурални области.
Јазик
[уреди | уреди извор]Финскиот и шведскиот јазик се службените јазици на општината Хелсинки. Мнозинството или 81,9 %[34] од населението, го говорат финскиот јазик како нивен мајчин јазик. Малцинство или 5,9 %, го говорат шведскиот јазик. Околу 12,2 % од населението говорат друг мајчин јазик. Денес, хелсиншкиот сленг користи влијанија главно од фински и англиски, но традиционално има силни руски и шведски влијанија. Денес, финскиот е јазик на разбирање помеѓу Финците, Швеѓаните и говорниците на другите јазици во секојдневието помеѓу непознати лица. Исто така, често се користи и англискиот јазик, особено кога еден од говорниците има тешкотии со финскиот јазик.
Финските говорници ги надминале шведските во 1890 година и станале мнозинство во населението на градот.[35] Во тоа време, населението на Хелсинки изнесувало 61.530 жители.
Доселеници
[уреди | уреди извор]Хелсинки е глобална порта до Финска. Градот ја има најголемата група на доселеници во Финска, било во апсолутни било во релативни броеви. Постојат над 140 националности во Хелсинки. Најголеми етнички групи се од Русија, Естонија, Шведска, Сомалија, Кина, Ирак, Тајланд, Виетнам, Авганистан, Германија и Турција. Хелсинки веќе во XIX век бил меѓународен град со руско, шведско и германско малцинство.
Странските граѓани сочинуваат 8 % од населението, додека родените во странство до 11,1 %.[36] Во 2012 година, 68.375[36] жители говореле мајчин јазик различен од фински, шведски или еден од трите лапонски јазици говорени во Финска. Најголеми групи на жители со нефинско потекло доаѓаат од Русија (14.532), Естонија (9.065) и Сомалија (6.845).[36] Половина од доселениците во Финска живеат во метрополитенската област Хелсинки, а една третина во Хелсинки.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Метрополитенската област Хелсинки создава околу една третина од БДП на Финска. Брутодомашниот производ по глава на жител во областа е околу 1,3 пати повисок од националниот просек.[37]
83 од 100. најголеми претпријатија во Финска имаат седишта во поголемата област на Хелсинки. Две третини од 200. највисоко платени извршни директори живеат во областа околу Хелсинки и 42 % во Хелсинки. Просечниот приход на првите 50 најплатени бил 1,65 милиони евра.[38]
Пивката вода е со извонреден квалитет и е снабдувана преку 120 километри долгиот воден тунел Паијане, еден од најдолгите постојани тунели во светот. Спакуваната вода од изворите на Хелсинки е дури продавана во земји како Саудиска Арабија, каде што нема доволно извори на пивка вода.
Образование
[уреди | уреди извор]Хелсинки има 190 основни училишта, 41 средно училиште и 15 високообразовни институции. Половина од средните училишта се приватни или јавни, додека другата половина се општински. Повисокото образование е поделено на осум универзитети и четири високи школи.
Универзитети
[уреди | уреди извор]- Хелсиншки универзитет
- Универзитет Алто
- Економска школа Ханкен
- Универзитет на уметности Хелсинки
- Универзитет за национална одбрана
Високи школи
[уреди | уреди извор]- Универзитет за применети науки Хага-Хелија
- Универзитет за применети науки Хелсинки Метрополија
- Универзитет за применети науки Аркада
Култура
[уреди | уреди извор]Музеи
[уреди | уреди извор]Најголем историски музеј во Хелсинки е Националниот музеј на Финска, кој прикажува огромна историска збирка од праисториски времиња до XXI век. Самата музејска градба, замок во национален романски стил, е туристичка знаменитост. Друг поголем историски музеј е Градскиот музеј на Хелсинки, кој ги воведува посетителите во 500-годишната историја на Хелсинки. Хелсиншкиот универзитет исто така има многу значајни музеи, вклучувајќи го Универзитетскиот музеј и Природоисторискиот музеј.
Финската национална галерија се состои од три музеи: Атенеум уметнички музеј за класичната финска уметност, Синебрихоф уметнички музеј за класичната европска уметност и Кијасма уметнички музеј за современата уметност. Стариот Атенеум, неоренесансна градба од XIX век, е една од поголемите историски градби во градот. Сите три музејски градби се државни.
Дизајнерскиот музеј е посветен на изложба на фински и странски проекти, вклучувајќи индустриски дизајн, мода и графички дизајн.
Театри
[уреди | уреди извор]Хелсинки има три големи театри: Финскиот национален театар, Хелсиншкиот градски театар и Финско-шведскиот Свенска Театерн. Главни музички сали во градот се Финската национална опера, концертната сала Финландија и Музичкиот центар Хелсинки. Музичкиот центар исто така е дел од академијата Сибелиус. Поголеми концерти и настани обично се одржуваат во една од двете големи сали за хокеј на мраз: Арена Хартвал или Ледената сала Хелсинки. Хелсинки го поседува најголемиот саем во Финска.
Музика
[уреди | уреди извор]Хелсинки е дом на два целосни симфониски оркестри, Хелсиншкиот филхармониски оркестар и Финскиот радиски симфониски оркестар, обата настапуваат во Музичкиот центар Хелсинки. Важни современи композитори Каија Саријахо, Магнус Линдберг, Еса-Пека Салонен и Еинојухани Раутавара, меѓу другите, биле родени и израснале во Хелсинки и студирале на академијата Сибелиус. Финската национална опера, единствената професионална опера во Финска, е сместена во Хелсинки. Оперскиот пејач Марти Вален, еден од долгогодишните соло-пејачи на операта, е роден и израснал во Хелсинки.
Многу познати и важни групи потекнуваат од Хелсинки, како Hanoi Rocks, HIM, Stratovarius, The 69 Eyes, Finntroll, Ensiferum, Wintersun, The Rasmus и Apocalyptica.
Уметност
[уреди | уреди извор]Хелсиншкиот фестивал е годишен уметнички и културен фестивал, кој се одржува секој август (вклучувајќи ги и Ноќите на уметноста).
Вапу е годишен карневал за студенти и работници.
Хелсиншката арена била домаќин на Евровизија 2007, прва Евровизија во Финска, по победата на Лорди на 2006.
На Сенатскиот плоштад во септември/октомври 2010 се одржала најголемата уметничка изложба на отворено, која ја посетиле над 1,4 милиони лица.
Хелсинки е прогласен за главен град на светскиот дизајн во 2012 година, како признание на употребата на дизајнот во општествениот, културниот и економскиот развој на градот.[39]
Медиуми
[уреди | уреди извор]Денес, постојат околу 200 весници, 320 списанија, 2.100 професионални списанија, 67 комерцијални радиостаници, три електронски радиостаници и шест национални јавни радиостаници.
Секоја година се издаваат околу 12.000 нови книги со тираж од над 12 милиони копии.[40]
Санома го издава весникот Helsingin Sanomat (со тираж од 412.000 примероци, што го прави најголем), таблоидот Ilta-Sanomat, комерцијалниот Taloussanomat и телевизиската станица Нелонен. Друг поголем издавач е Алма Медија, која издава над триесет списанија, вклучувајќи го весникот Aamulehti, таблоидот Iltalehti и комерцијалниот Kauppalehti. Во светски рамки, Финците заедно со другите нордиски народи и Јапонците, поминуваат најмногу време во читање на весници.[41]
YLE, финскиот јавен радиодифузен сервис, поседува пет телевизиски канали и тринаесет радио канали на обата национални јазика. YLE е финансиран преку задолжителна телевизиска претплата и такса за приватните радиодифузери. Сите телевизиски канали се прикажуваат во дигитална форма.
Околу 79 % од населението користи интернет.[42] Финска имала околу 1,52 милиони корисници со широкопојасен интернет на крајот на јуни во 2007 година или околу 287 на 1.000 жители. Сите фински училишта и јавни библиотека имаат пристап до интернет и компјутери, а поголемиот дел од жителите користат мобилен телефон. Во октомври 2009 година, финското министерство за сообраќај и врски се обврзало да обезбеди пристап до интернет за секој човек во Финска со минимална брзина од еден мегабит во секунда почнувајќи од јули 2010 година.[43]
Спорт
[уреди | уреди извор]Хелсинки има долга спортска традиција: градот се прославил со Летните олимписки игри 1952 и градот организирал спортски настани како првото Светско првенство во атлетика 1983, а подоцна повторно во 2005 година, Европско првенство во атлетика во 1971, 1994 и 2012 година. Хелсинки поседува успешни локални екипи во двата најомилени екипни спортови во Финска, фудбалот и хокејот на мраз. Во Хелсинки се наоѓа Хелсингин Јалкапалоклуби (HJK), најголемиот и најуспешниот фудбалски клуб во Финска. Хокејот на мраз е омилен помеѓу жителите на Хелсинки, кои обично навиваат за локалните клубови ИФК Хелсингфорс (HIFK) или Јокерит. HIFK, со 14 титули во финското првенства, исто така игра во највисоката лига за бенди, заедно со Ботнија-69. Олимпискиот стадион бил домаќин на првото Светско првенство во бенди во 1957 година.
Хелсинки бил избран за домаќин на Летните олимписки игри 1940, но поради Втората светска војна биле откажани. Наместо тоа, Хелсинки бил домаќин на Игрите во 1952 година. Олимпијадата била значаен настан за Хелсинки и Финска во целина бидејќи закрепнувале од војната и продолжувањето на војната со Советскиот Сојуз. Хелсинки бил исто така првиот домаќин на Светското првенство во атлетика во 1983 година. Хелсинки повторно бил домаќин на првенството во 2005 година, со тоа станувајќи првиот град, кој бил домаќин на првенството по вторпат. Хелсиншкиот маратон се одржува во градот секоја година од 1980 година, обично во август. Трката Формула 3000 се одржала низ улиците на градот на 25 мај 1997 година. Во 2009 година, Хелсинки бил домаќин на Европското првенство во уметничко лизгање.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Патен
[уреди | уреди извор]Клучен дел во автопатската мрежа на Хелсинки се трите полукружни патишта, Ринг 1, Ринг 2 и Ринг 3, кои ги поврзуваат автопатите со другите делови на Финска, како и западните и источните артерии низ градот. Додека биле предложувани варијанти за тунелот Кескустатунели (Keskustatunneli) под центарот на градот, планот од 2011 година останал во изработка.
Хелсинки има 390 автомобили на 1.000 жители. Ова е помалку отколку градовите со слична густина, како Брисел со 483 на 1.000 жители, 401 автомобил во Стокхолм и 413 автомобили во Осло.[44][45]
Железнички и автобуски
[уреди | уреди извор]Јавниот превоз е вообичаено жешка точка на расправа во локалната политика во Хелсинки. Во метрополитенската област на Хелсинки, јавниот превоз е управуван од Хелсиншкото сообраќајно претпријатие. Разновидниот систем на јавниот превоз се состои од трамваи, приградска железница, подземна железница, автобуски линии, два фериботи и минибуси по потреба.[46]
Денес, Хелсинки е единствениот град во Финска кој има трамваи и подземна железница. Уште во два града во Финска се користеле трамваи: Турку и Випури (Виборг, сега во Русија), но обата одамна се откажале од трамваите. Хелсиншката подземна железница, отворена во 1982 година, е единствената подземна железница во Финска. ВО 2006 година, изградбата на долгонајавуваното продолжување на системот на запад кон Еспо било одобрено и отпочнала сериозна расправа за источното продолжување кон Сипо.[47]
Можноста за тунел помеѓу Хелсинки и Талин моментално се испитува. Железничкиот тунел може да го поврзе Хелсинки со естонскиот главен град Талин, понатаму поврзувајќи го Хелсинки со остатокот на континентална Европа.
Воздушен
[уреди | уреди извор]Воздушниот сообраќај главно се одвива од меѓународниот аеродром Хелсинки, сместен на околу 19 километри северно од центарот на Хелсинки, во соседниот град Ванта. Вториот аеродром на Хелсинки, аеродромот Малми, главно се користи за спортски и приватни цели. Хеликоптерските летови до Талин се достапни од хелидромот Хернесари.
Поморски
[уреди | уреди извор]Како многу други градови во светот, Хелсинки бил основан на море. Градот притоа искористувал од добрите поморски сообраќајни врски. Замрзнувањето на морето предизвикувале ограничувања на морскиот сообраќај до крајот на XIX век. Но, за последните стотина години, рутите до Хелсинки се отворени во зима со помош на мразокршачите, многу од нив изградени во бродоградилиштето Хелсинки Хиталахти. Пристигнувањето и тргнувањето на бродовите се дел од секојдневието на Хелсинки. Постојат вообичаени рути од Хелсинки до Стокхолм, Талин и Санкт Петербург, кои започнале од 1837 година. 300 бродови за крстосувања и над 360.000 патници го посетуваат Хелсинки годишно. Хелсинки е второто најпрометно патничко пристаниште во Европа со околу 11 милиони патници во 2013 година.[48] Фериботските врски до Талин, Марихамн и Стокхолм се опслужувани од различни компании. Патничко-товарните фериботи на Finnlines до Гдиња, Полска, Травеминде, Германија и Росток, Германија се исто така достапни. St Peter Line нуди патнички фериботи до Санкт Петербург неколкупати неделно.
Меѓународни односи
[уреди | уреди извор]Хелсинки има специјални партнерства со следниве градови:
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Главната железничка станица
-
Јужното пристаниште
-
Стоковната куќа Стокман долж божиќната улица Алексантеринкату
-
Ресторанот В’лтава на десно и Саноматало во позадина
-
Православната катедрала Успенски
-
Ѕид на Парламентот
-
Паркот Еспланади во почетокот на јуни
-
Националниот театар на Финска и статуата Алексис Киви
-
Олтар во црквата Темпелијаукио, која е изградена под земја
-
Плажата Хиетаниеми во лето
-
Трговскиот центар Итис во источниот дел на градот
-
Округот Толо
-
Дизајнерскиот музеј
-
Куќата на советите
-
Внатрешноста на пазарот
-
Хувилакату во Уланлина
-
Силтасари
-
Сувилахти
-
Хелсиншката катедрала, погледната од Јужното пристаниште
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Аинијала, Тери (2009). „Имиња на места како градба на социјален идентитет: Употребата на имиња на Хелсинки“. Research Institute for the Languages of Finland. Посетено на 22 септември 2011.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 „Површина на општините во Финска на 1. јануари 2018 г.“ (PDF). Национален геодетски завод на Финска. Посетено на 30 јануари 2018.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Државна статистика на Финска (SVT): Првична статистика за населението. јануари 2019“. Статистика Финска. Посетено на 15 март 2019. (фински)
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 „Населението според јазикот и бројот на странци и површината до 31 декември 2008“. Статистика на Финска. Статистика на Финска. Посетено на 29 март 2009.
- ↑ 5,0 5,1 „Список на општински и месни даночни стапки за 2010 година“. Даночна управа на Финска. 24 ноември 2009. Посетено на 13 јануари 2010.
- ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 „Население според возраст и пол по подрачја на 31 декември 2008 г.“. Бази PX-Web. Статистика Финска. Посетено на 28 април 2009.
- ↑ „Asukasluvut - Vהestצrekisterikeskus“. Vaestorekisterikeskus.fi. 21 март 2014. Архивирано од изворникот на 2014-10-26. Посетено на 18 јули 2014.
- ↑ „Taulukko: Taajamat väkiluvun ja väestöntiheyden mukaan 31.12.2012“. 193.166.171.75. 31 декември 2012. Посетено на 17 февруари 2014.[мртва врска]
- ↑ „Градови на Финска“. Евростат. Архивирано од изворникот на 2013-05-18. Посетено на 10 февруари 2013.
- ↑ „Helsinki Region Marketing Ltd — Helsinki Region in Brief“. Web.archive.org. 2 декември 2007. Архивирано од изворникот на 2 декември 2007. Посетено на 17 февруари 2014.
- ↑ „Liveabililty Ranking and Overview August 2012 - Economist Intelligence Unit“. Eiu.com. Посетено на 12 март 2013.
- ↑ „Најдобар град за живот: Хелсинки“. Monocle.com. Посетено на 12 март 2013.
- ↑ Jäppinen, Jere (15 ноември 2011). „Mistä Helsingin nimi on peräisin“. Helsingin Sanomat: D2. Архивирано од изворникот на 2014-11-29. Посетено на 2014-09-20.
- ↑ Ниуканен, Маријана; Хеикинен, Марку. „Vuoden 1808 suurpalo“. Kurkistuksia Helsingin kujille (фински). National Board of Antiquities. Архивирано од изворникот на 2017-12-14. Посетено на 14 јули 2013.
- ↑ Ristkari, Maiju: Heinäsorsat Helsingissä. Aku Ankka #44/2013, introduction on page 2.
- ↑ „Географија на Хелсинки, Преглед на Финска“. easyexpat.com. Посетено на 5 февруари 2014.
- ↑ „Helsinki — School of Computer Science — SOCS“. McGill University. Посетено на 5 февруари 2014.
- ↑ „Aluejaot“. Tietopalvelu (фински). Uudenmaan liitto. Архивирано од изворникот на 2014-05-29. Посетено на 29 мај 2014.
- ↑ „Uudenmaan maakuntakaava selostus“ (PDF) (фински). Helsinki-Uusimaa Region. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-08-13. Посетено на 17 февруари 2014.
- ↑ „Helsingin seutu tiivistetysti“. Kaupunkitieto (фински). Helsinginseutu.fi.
- ↑ „Климатолошки статистики за периодот 1971–2000“. Fmi.fi. Посетено на 13 април 2010.
- ↑ Тукијаинен, Мати. „Хелсинки, Финска – Изгрејсонце, зајдисонце околу светот!“. Gaisma. Посетено на 11 февруари 2011.
- ↑ „Stora Enson pääkonttori, Kanavaranta 1“. "Helsingin Aallot" blog (фински). 25 февруари 2007. Посетено на 5 февруари 2011.
- ↑ „Kohtaako Enson konttori voittajansa?“. Helsingin Sanomat (фински). 14 јуни 2008. Lead editorial. Посетено на 5 февруари 2011.
- ↑ Penttilä, Vappu. „Kiasma nousi inhokkien ykköseksi“. Verkkoliite (фински). Helsingin Sanomat. Архивирано од изворникот на 2011-06-29. Посетено на 5 февруари 2011.
- ↑ Ministry for Foreign Affairs of Finland, Political Department: Memo 56 of 20 January 1982 (labelled highly confidential in 1982) PDF (1.37 MB)
- ↑ „Uutta Helsinkiä“.
- ↑ Тапани Валконен (17 декември 2007). „Tutkimuksia 10/2007: Elinajanodotteen kehitys Helsingissä ja sen väestönosaryhmissä 1991–2005“ (PDF). Helsingin kaupunki, tietokeskus. Посетено на 30 декември 2007.
- ↑ Tilastolaitoksen historiaa. „Tilasto“. Stat.fi. Посетено на 13 април 2010.[мртва врска]
- ↑ „Helsingin historia“. Hel.fi. Архивирано од изворникот на 2010-05-23. Посетено на 13 април 2010.
- ↑ „Maan alle“. Aatos.fi. 30 декември 1972. Посетено на 13 април 2010.
- ↑ Butzin, Bernhard (1991). „Хелсинки — погледи на урбаниот развој и планирање“. GeoJournal. Springer, Netherlands. 2 (1): 11–26. doi:10.1007/BF00212573. ISSN 0343-2521.
|access-date=
бара|url=
(help) - ↑ „HSY – Default“. Hsy.fi. Архивирано од изворникот на 2010-03-25. Посетено на 13 април 2010.
- ↑ „Општа информација за Хелсинки“. Helsinki City.
- ↑ „Helsingin nimistön vaiheita“. Scripta.kotus.fi. Посетено на 13 април 2010.
- ↑ 36,0 36,1 36,2 „12 06 28 Tilastoja 23 Peuranen“ (PDF) (фински). Град Хелсинки. Посетено на 17 февруари 2014.
- ↑ „Статистика за регионот на Хелсинки“. Helsinginseutu.fi. Архивирано од изворникот на 2016-04-22. Посетено на 17 февруари 2014.
- ↑ „Helsingin Sanomat – International Edition – Metro“. Hs.fi. 9 ноември 2005. Архивирано од изворникот на 2011-11-19. Посетено на 8 јули 2009.
- ↑ „Past capital: Helsinki“. Worlddesigncapital.com. Посетено на 19 мај 2015.
- ↑ „Media moves“. ThisisFINLAND. Архивирано од изворникот на 2011-05-01. Посетено на 2014-10-22.
- ↑ „Трендови во светскиот печат: Весниците сè уште почитани од интернетот“. World Association of Newspapers and News Publishers. Архивирано од изворникот на 2012-11-23. Посетено на 19 ноември 2012.
- ↑ „Интернет користи 79% од населението на почетокот на 2007 година“. Statistics Finland. Посетено на 22 декември 2007.
- ↑ „1мб широкопојасен интернет стана право“. YLE. 14 октомври 2009. Посетено на 16 октомври 2009.
- ↑ „Runge“ (PDF). European Academy of the Urban Environment. Посетено на 17 февруари 2014.
- ↑ „Tietokeskus: suunnatframe“. Hel2.fi. Посетено на 8 јули 2009.
- ↑ Бери, Кит (10 ноември 2013). „Новата автобуска линија во Хелсинки ќе дозволува избирање на своја рута“. Wired. Посетено на 4 април 2014.
- ↑ „Länsimetro rakentaa tulevaisuutta turvallisesti“. Lansimetro.fi. Посетено на 17 февруари 2014.
- ↑ „Хелсиншко пристаниште“. Архивирано од изворникот на 2016-01-01. Посетено на 2014-10-28.
- ↑ Јан, Јангце (14 јули 2006). „Beijing, Helsinki forge sister city relationship“. Влада на Кина. Официјален владин портал. Архивирано од изворникот на 2019-10-09. Посетено на 5 август 2013.
- ↑ „Збратимени градови“. Град Пекинг. Архивирано од изворникот на 2010-01-17. Посетено на 23 јуни 2009.
- ↑ 51,0 51,1 51,2 „Партнери и мрежи“. Hel.fi. Град Хелсинки. Архивирано од изворникот на 2013-07-09. Посетено на 6 август 2013.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Претходник Атина 2006 |
Домаќин на Евровизија - Хелсинки 2007 |
Наследник Белград 2008 |
|
|
|
Статијата „Хелсинки“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |