Флуктуирачки девизен курс
Флуктуирачки девизен курс (анг. Floating exchange rate) или флексибилен девизен курс — систем на девизен курсеви во кои тие се формираат слободно на девизниот пазар, врз основа на понудата и побарувачката, без мешање на владата и на централната банка. Како спротивност на овој режим е фиксниот девизен курс.
Економистите генерално сметаат дека флуктуирачкиот курс во многу околности е подобар од фиксниот курс затоа што е во состојба да реагира на промената на ситуацијата на девизниот пазар. Сепак, фиксниот курс, во одредени ситуации, може да биде попожелен поради поголемата стабилност што ѝ ја дава на валутата.
Во светот не постои валута чија вредност е одредена само од понудата и побарувачката на девизниот пазар. Во случај на екстремно зголемување на вредноста (апресијација) или обезвреднување (депресијација), Централната банка ќе интервенира со цел да се стабилизира валутата. Според тоа, режимот на размена на флуктуирачките валути може технички да биде познат и како надгледуван девизен курс.
Историјата на флуктуирачките девизни курсеви започнува по пропаста на Бретонвудскиот систем. Имено, во 1976 година, на конференцијата на Меѓународниот монетарен фонд во Јамајка биле договорени нови правила на меѓународниот монетарен систем: флексибилните девизни курсеви биле прогласени за прифатливи за членките на Меѓународниот монетарен фонд, златото било официјално напуштено како резервно средство (било демонетизирано) при што половината од златните резерви на Меѓународниот монетарен фонд им била вратена на земјите-членки, а другата половина била продадена за да се соберат пари за помош на сиромашните земји, а на помалку развиените земји им бил даден поголем пристап во средствата на Меѓународниот монетарен фонд.[1]
Предности и недостатоци на флуктуирачкиот курс
[уреди | уреди извор]Во основа, приврзаниците на флуктуирачките девизни курсеви ги истакнуваат следниве три предности:[2]
- Автономија на монетарната политика: бидејќи централната банка не е обрвзана да го одржува курсот на одредено ниво, таа може да се посвети на одржувањето на внатрешната и на надворешната рамнотежа; освен тоа, со флуктуирачките курсеви, земјата не мора да ја увезува странската инфлација, зашто порастот на странските цени може да го неутрализира со апрецијација на домашната валута.
- Симетрија во меѓународниот монетарен систем: во овој режим, ниедна земја нема привилегирана можност да влијае врз останатите економии, како што било случај во системот на фиксни девизни курсеви.
- Девизните курсеви како автоматски стабилизатори: дури ако монетарната политика не преземе никакви мерки, самата промена на девизните курсеви може да обезбеди внатрешна и надворешна рамнотежа во случај на шокови на страната на агрегатната побарувачка.
Од друга страна, противниците ги наведуваат следниве недостатоци на флуктуирачките девизни курсеви:[3]
- Недостиг на дисциплина во економската политика: бидејќи централната банка е ослободена од обврската да го одржува курсо тна одредено ниво, таа може да води инфлаторна политика.
- Дестабилизирачко дејство на спекулаторите: учесниците на девизниот пазар може да се впуштат во спекулативни активности кои имаат неповолно влијание врз девизните курсеви, правејќи ги многу променливи.
- Неповолно влијание врз меѓународната трговија и инвестициите: нестабилноста на девизните курсеви ја зголемува економската неизвесност, а тоа се одразува неповолно врз надворешната трговија и врз меѓународните инвестиции.
- Недостиг од координација на економските политики: при режим на флуктуирачки курсеви, секоја земја посебно интервенира на девизните пазари во согласност со сопствените цели, а тоа може да се одрази неповолно врз другите земји.
- Илузија за монетарна автономија: бидејќи промените на девизните курсеви имаат големо влијание врз домашната економија, централната банка не може да ги запостави и често мора да интервенира на девизниот пазар; на тој начин, иако формално не е обврзана да го брани девизниот курс, централната банка фактички го прави тоа.
Страв од флуктуирачки курс
[уреди | уреди извор]Вообичаено слободниот флуктуирачки курс ја зголемува девизната нестабилност. Постојат економисти кои мислат дека ова би можело да предизвика сериозни проблеми, особено во земјите во развој. Нивните економии имаат финансиски сектор со еден или повеќе од следните услови:
- висока задолженост (обично во долари)
- финансиска ранливост
- силни промени во билансите на состојба
Кога задолженоста се искажува во странска валутa, а вредноста на средствата во локална валута, неочекуваните депресијациии на девизниот курс ги влошуваат банкарските биланси и билансите на состојба на претпријатијата, и претставуваат закана за стабилноста на домашниот финансиски систем.
Земјите во развој чувствуваат поголем страв да се соочат со флуктуирачкиот курс, бидејќи тие имаат многу помали промени на номиналниот девизен курс, иако се соочуваат со поголеми шокови во движењето на каматните стапки и девизните резерви.[4]
Бројот на земји кои се соочиле со стравот од флуктуирачкиот курс значително се зголемил во текот на деведесеттите години од XX век.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 39-40.
- ↑ Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 568-569.
- ↑ Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 573.
- ↑ Calvo, G., and Reinhart, C. (2002). „Fear of Floating“, Quarterly Journal of Economics, 117: 379-408.
- ↑ Levy-Yeyati, E. and F. Sturzenegger (2004). „Classifying Exchange Rate Regimes: Deeds vs. Words“.[мртва врска] European Economic Review.