Според податоците што ги имаме на располагање, можеме да заклучиме дека Стрибог е бог на ветровите. Неговото име го среќаваме во Повест времених лет, Словото за полкот Игорев, каде што ветровите се наречени Стрибогови внуци кои со стрели веат од морето[1]. Неговото име може да се доведе во врска со индоевропскиот корен *sreu, кој и денес е задржан во зборовите струја и струи. Неговиот кип се наоѓал и во пантеонот на кнезот Владимир. Постојат и докази дека тој бил познат и надвор од териториите на Источните Словени. Така, во Полска постои место наречено Стржибога и река наречена Стрибок.