Прејди на содржината

Мудис

Од Википедија — слободната енциклопедија

Мудис инвесторс сервис или Мудис (англиски: Moody's Investors Service, Moody's) - американска фирма за давање финансиски информативни услуги. Таа е една од трите најголеми агенции за доделување кредитен рејтинг.

Лого на Мудис

Методологија за оцена на кредитниот рејтинг

[уреди | уреди извор]

Методологија за оцена на кредитниот рејтинг на банките

[уреди | уреди извор]

Мудис ја користи истата методологија како при ново одредување на кредитниот рејтинг на некоја банка така и при следење на постојните кредитни рејтинзи. При новото одредување на кредитниот рејтинг на банката, Мудис се фокусира врз финансиската историја, стратегијата и бизнис-моделот на банката, додека при следењето на веќе одредените кредитни рејтинзи се анализираат голем број потфактори. Методологијата на Мудис се состои од следиве чекори:[1]

  • Анализирање на самостојната финансиска моќ на банката, со што се одредува основната кредитна процена, односно веројатноста на банката да не ги подмири своите обврски кон доверителите во случај од отсуство на финансиска поддршка.
  • Анализирање на големината на поддршката што ја добива една банка од своите филијали, која како вредност се додава на основната кредитна процена и се добива приспособената основна кредитна процена.
  • Анализа на веројатноста за неподмирување на своите обврски за секој тип производ, како и влијанието и големината на загубите врз работењето на сектори или целото работење на банката.
  • Анализа на потенцијалната помош од државата.

При одредувањето на основната оцена за кредитниот рејтинг за банката се проценува влијанието на следниве три фактори:[2]

  • Макро-профилот на банката. Оваа фаза опфаќа спитување на влијанието на неколку макроекономски променливи врз работењето на банката, како: порастот на БДП, реалните каматни стапки, девизните резерви, девизниот курс; движењето на цените на средствата, особено на вредноста на недвижниот имот, итн. Исто така, се анализираат и некои други фактори, како што се: сигурноста и моќта на државните институции и нивната способност да ги почитуваат законите, способноста да избегнат коруптивни дејства, постоењето и функционалноста на механизмите за одржување ликвидност, како и предностите и слабостите на државната структура.
  • Резултатите добиени за основните финансиски коефициенти. Пристапот на Мудис за одредување на финансиската сила на банката се заснова врз одредување на нејзината солвентност и ликвидност. Солвентноста се одредува како комбинација од нивото на ризик на средствата, финансискиот левериџ и приходите, додека ликвидноста се одредува според изворите на финансиски средства на банката и достапноста на капиталот.
  • Квалитативните фактори. Мудис дополнително го проценува и влијанието на квалитативните фактори од нефинансиски и од финансиски карактер, кои не може да се проценат при стандардните анализи, како што се: нивото на диверзификација на активностите на банката, непредвидливоста и комплексноста на активностите на банката, и корпоративното однесување.

Анализата на поддршката што ја добива банката и нејзината структурна анализа се одвива во три фази:[2]

  1. Анализа на интерната помош, односно обемот на помош што банката може да ја добие од другите филијали или подружници, доколку е дел од групација, или од трети страни. Таа се проценува како функција на вредностите на следниве четири фактори: веројатноста од неуспех на банката при непостоење извори на помош, веројатноста за пристигнување помош од партнерски институции, капацитетот на партнерските институции да доделат помош и степенот на меѓузависност и корелација меѓу институциите.
  2. Анализа на веројатноста за неподмирување на обврските, каде што секој тип обврска се испитува посебно и се одредува веројатноста за нивно неподмирување посебно, при непостоење на надворешна помош (помош од централната или локалната власт, или од централната банка). Анализата за веројатноста за неподмирување на обврските и за неуспех зазема две форми. Правата форма е едноставна, односно основна форма за испитување на веројатноста за неуспех на банката и се применува за банки што не следат посебни процедури и правила во случај на ниво пропаѓање, банкрот. Напредната форма на оваа анализа се користи при испитување на банките што следат посебни правила и процедури во случај на нивно пропаѓање, банкрот, со кои се дава поголема прегледност во активностите што се преземаат, од кредиторите, сопствениците и од другите засегнати страни. Напредната форма на анализа на веројатноста за неуспех на банката, се фокусира на проценување на неколку фактори: големината на загубите, субординацијата и разновидноста на производи и услуги што ги нуди банката.
  3. Анализа на поддршката што доаѓа од државата или централната банка, каде што се испитува потеклото на помошта и нејзиниот облик. Притоа, се анализира влијанието на следниве фактори: кредитната способност на банката за секоја класа обврски, веројатноста за добивање финансиска помош од државата или централната банка за одреден тип долг, капацитетот на државата/централната банка за спроведување на финансиската помош и зависноста и корелацијата меѓу банката што ја добива помошта и државата/централната банка.

Активности

[уреди | уреди извор]

Во 2018 година, агенцијата „Мудис“ се спогодила со американската Комисија за хартии од вредност и берзи (Securities and Exchange Commission) да плати 16,25 милиони долари како казна за лошите внатрешни контроли и нејасниет дефиниции, како и за недоследната примена на симболите на кредитниот рејтинг меѓу 2010 и 2013 година. Од тој износ, 15 милиони долари претставуваат казна за пропустите во моделите кои агенцијата ги користи за процена на квалитетот на хартиите од вредност, а агенцијата се согласила да плати и 1,25 милиони долари за анализа на процедурите и внатрешните контроли за употреба на симболите на кредитниот рејтинг. Претходно, за време на финансиската криза од 2008 година, агенцијата „Мудис“ се согласила спогодбено да плати отштета од 800 милиони долари поради невниманието при оценувањето на квалитетот на хартиите од вредност.[3]

  1. Moody's Investor Service (2014), Proposed Bank Rating Methodology.
  2. 2,0 2,1 Moody's Investors service (2016), Credit ratings-Banks.
  3. Мирослав Саздовски, „Мудис се нагоди со американскиот регулатор за казна од 16 милиони долари“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 74.