Михаил VIII Палеолог
Михаил VIII Палеолог Μιχαὴλ Η΄ Παλαιολόγος | |
---|---|
Цар на Никејското Царство и Источното Римско Царство | |
Цртеж од Михаил VIII | |
Византиски цар | |
На престол | 1259 - 1261 (како никејски цар со Јован IV Ласкарис) 1261 - 1282 (со Андроник II Палеолог од 1272) |
Претходник | Јован IV Ласкарис |
Наследник | Андроник II Палеолог |
Роден(а) | 1223 |
Починал(а) | 11 декември 1282 Пахомион, близу Лизимахија |
Сопружник | Теодора Дукина Ватацина |
Деца | Мануил Палеолог Ирина Палеологина Андроник II Палеолог Ана Палеологина Константин Палеолог Теодора Палеологина Ефросина Палеологина Марија Палеологина |
Династија | Палеолози |
Татко | Андроник Дука Комнин Палеолог |
Мајка | Теодора Ангелина Палеологина |
Михаил VIII Палеолог (грчки: Μιχαὴλ Η΄ Παλαιολόγος, 1223 - декември 1205) бил никејски и византиски цар од династијата Палеолози, кој владеел од 1259 до 1282 година. Михаил VIII бил основач на неговата династија која го владеела Источното Римско Царство сè до падот на Цариград во 1453 година. Тој го повратил Цариград од Латинското Царство во 1261 година и го претворил Никејското Царство во обновеното Источно Римско Царство.
Потекло и претходен живот
[уреди | уреди извор]Михал Палеолог припаѓал на многу угледно благородничко семејство, меѓу своите предци имал членови на старите царски династии и бил оженет со роднината на Јован Ватац, Теодора. Како истакнат војсководец, тој бил омилен во војската и особено ги уживал симпатиите на наемничките латински трупи. Михаил умеел да ги придобие луѓето за себе и имал приврзаници во сите кругови, па и кај влијателниот клер. На тој начин тој бил поставен за голем дукс со титула на деспот.[1]
Преземање на регентството и царската власт
[уреди | уреди извор]Кога Теодор, во август 1258 година, во триесет и седмата година од животот, ѝ се предал на својата тешка болест, царската круна му припаднала на неговиот седумгодишен син Јован IV. За регент Теодор го одредил својот пријател Георгиј Музалон, не обрнувајќи внимание на омразата која што кон него ја имало византиското благородништво. Оваа омраза не можела да ја заузда заклетвата која византиските болјари, со Михаил Палеолог на чело, му ја положиле на царот, а потоа и на самиот Музалон. При поменот, деветтиот ден по смртта на царот, Георгиј Музалон и неговиот брат во самата црква биле нападнати и убиени. Регентството му било доверено на Михаил Палеолог, најистакнатиот претставник на византиската аристократија.[1] Потоа во декември 1258 г. или во јануари 1259 г. бил прогласен за совладетел со младиот Јован IV Ласкарис и крунисан со царска круна.[2]
Владеење
[уреди | уреди извор]Сојузот против Никеја
[уреди | уреди извор]Молскавичното издигнување на Михаил VIII Палеолог се објаснува не само со неговата ретка умешност туку и со новите надворешно-политички заплети кои барале брзо средување на приликите и создавање моќна власт во Никеја. За разлика од Фридрих II, неговиот син, сицилијанскиот крал Манфред, бил непријател на Никејското Царство. Наглиот пораст на моќта на ромејската држава, која од средината на векот со големи чекори се приближувала кон реставрација, го вратил Манфред на линијата на антивизантиската политика на Хенрик VI и на норманските кралеви на Сицилија. Веќе во 1258 г. тој го зазел Крф и најважните градови на епирскиот брег. На никејскиот цар му го одзел неодамна освоениот Драч, а на епирскиот деспот - Валона и Бутринто. Бидејќи Манфред се оженил со ќерката на деспотот Михаил II, тој формално му ги отстапил окупираните градови како мираз и со него склучил сојуз против Никејското Царство. На овој сојуз му се приклучил и ахајскиот кнез Вилием II Вилардуен, којшто, исто така, станал зет на епирскиот деспот. Ахајскиот кнез бил најмоќниот владетел во франкска Грција. Соседното Атинско Војводство и Евбеја го признавале неговиот суверенитет. На тој начин се создала силна коалиција којашто се заканувала во последниот момент да ја спречи реставрацијата на Византиското царство. Сепаратистичките сили на соперничките ромејски држави во Епир и латинските сили во Грција се обединиле со сицилијанскиот крал против Никеја. На страната на тројниот сојуз застанал и српскиот крал Урош I. Неговата војска во 1258 г. ги зазела Скопје, Прилеп и Кичево.[3]
Војната против тројниот сојуз била првата голема задача во политичката кариера на Михаил Палеолог. Оваа задача тој блескаво ја извршил совладувајќи го бројно надмоќниот непријател. Неговиот брат, севастократорот Јован Палеолог, против коалицијата повел засилена војска со моќни кумански и селџучки контингенти. Во есента 1259 г. во пелагониската рамница дошло до одлучувачката битка во која Византијците катастрофално ја поразиле шарената војска на сојузниците. Четиристотините коњаници што ги испратил кралот Манфред, останале на бојното поле, а и самиот Вилием Вилардуен паднал во заробеништво. Најтешко страдал Епирскиот деспотат. Царската војска навлегла во Епир и го зазела градот Арта. Само благодарение на новата помош од Сицилија, Епир можел овој удар уште еднаш да се закрепне. И Србите ги напуштиле градовите што ги зазеле пред една година.[4]
Односот со италијанските градови-држави
[уреди | уреди извор]Сега веќе немало ниту една сила на копно што би можела да ја спречи реставрацијата на Византиското царство. Сериозни пречки единствено можеле да се очекуваат од Венецијанската Република, вистинскиот творец на Латинското Царство во Цариград и главниот корисник на ситуацијата што настанала по 1204 г. За да се обезбеди и од таа страна, Михаил VIII стапил во допир со Џеновјаните, соперниците на Венецијанците. На 13 март 1261 г. во Нимфеја бил склучен познатиот договор, којшто ја засновал моќта на Џенова на Исток, како што договорот од 1282 г. ги поставил темелите на венецијанската моќ. Џенова се обврзала да му даде воена помош на царот против Венецијанците и за тоа добила многу широки привилегии, била ослободена од сите царини и давачки на територијата на Царството и требало да добие пристап во сите поважни византиски пристаништа, а по реставрацијата и во самиот Цариград. Со еден збор, Џенова си ја обезбедила трговската надмоќ на Исток што од крајот на XI век ја уживала Венецијанската Република. Всушност, Византија станала заробеник на двете италијански републики кои сè повеќе ја потиснувале нејзината поморска моќ и трговија.[5]
Освојувањето на Цариград
[уреди | уреди извор]Големиот настан којшто најопфатно бил подготвуван и војнички и дипломатски, дошол речиси случајно. Во летото 1261 г. царскиот војсководец Алексиј Стратигопул бил испратен со мала војска на бугарската граница. При преминот на Тракија тој дознал дека Цариград бил оставен речиси без заштита. Уште траело примирјето, склучено во август 1260 г., а венецијанската флота со поголем дел од латинската тргнала во една експедиција на Црно Море. Без долго премислување, Стратигопул го нападнал незаштитениот град и во зората на 25 јули 1261 г. продрел во него речиси без борба. Царот Балдуин II за да се спаси, се вдал во бегство. Латинското Царство во Цариград престанало да постои.[6]
На 15 август царот Михаил VIII свечено влегол во градот на Константин Велики. Во времето на латинското владеење Цариград загубил многу од својот некогашен блесок и богатство. По варварскиот грабеж од 1204 г. почнало систематското одвлекување на византиското богатство. Наоѓајќи се во голема сиромаштија, постојано загрозувана од надвор, латинската влада извезувала скапоцени предмети во западните земји за да ја обезбеди благонаклонетоста на западните сили. Црквите го загубиле својот украс, своите реликвии и икони. Влахернскиот дворец бил запуштен. Но, сега големо било одушевувањето на Цариграѓаните. Дочекот на царот во ослободениот град се претворил во голем народен и верски празник. Народот и свештенството му излегле во пресрет, носејќи ја иконата на Богородица Ходигитрија, која се сметала за дело на евангелистот Лука. Пеш, „повеќе како христијанин отколку како цар“, Михаил VIII тргнал во свечената поворка во Студитскиот манастир, а потоа следен со одушевено скандирање на народот влегол во Света Софија. Тука, во најголемиот и најславен византиски храм, во кого биле крунисани старите византиски цареви, патријархот во септември истата година го крунисал Михаил VIII и неговата сопруга Теодора со старата царска круна. Андроник, тригодишниот син на царот, како престолонаследник, бил прогласен за василевс.[7]
Легитимниот цар Јован IV Ласкарис во сите тие свечености немал никаков удел, а нешто подоцна на несреќното момче му ги ископале очите. Како што Андроник Комнин го отстранил од патот синот на Мануил, така сега Михаил Палеолог го отстранил последниот потомок на Ласкарис, кршејќи ги сите свечени заклетви и сите ветувања. Но, додека Андроник и самиот доживеал ужасен крај, вештиот Палеолог успеал да заснова моќно владеење и да го постави темелот на династијата којашто со Византија ќе владее сè до нејзиниот последен час.[8]
Општата ситуација по обновувањето на Царството
[уреди | уреди извор]Превласта на југоисток Византијците ја здобиле уште во времето на Јован Ватац, но по заземањето на Цариград, Византија одново станала голема сила во вистинска смисла, иако, се разбира, враќањето на Цариград било само последица на политичките и воени успеси во претходните децении. Пленот на Византијците им паднал како зрела круша. Сепак, со повторното освојување на престолнината на Босфорот положбата на Царството во светот се изменила од темел. Византија, пак, силно влијаела врз светската политика и претставувала еден од фокусите на политичките збиднувања на Средоземјето.[9]
Меѓутоа, воспоставувањето на позиција на голема сила со себе донело и многу тешкотии и опасности. Одржувањето на оваа позиција барало и повеќе средства и сили отколку што Византија тогаш имала. Расходите се зголемувале, била потребна поголема војска и поголема флота. Обновувањето на разурнатата и запуштена престолнина барало огромни трошоци и како голем товар паѓало врз провинциите на Царството. Меѓутоа, веќе кон крајот на XII век се покажало дека Византија не била во состојба да се одржи како голема сила. Потиснати во Мала Азија, Византијците создале нова држава, поцврста и постабилна отколку старото Византиско царство. Но, оваа провинциска држава во нивните очи имала само минлива вредност и им служела само како средство за реставрација на старото Царство. Така, во јуначките борби, со најголеми напори и жртви, била воспоставена позицијата којашто еднаш веќе се покажала како неодржлива.[10]
Периодот на латинското владеење оставил длабоки траги. Во организмот на државата останале рани коишто обновата на нејзиниот центар не можела да ги излечи. Реокупираниот Цариград доликувал на голема глава на изнемоштено и од секаде начнато тело. Во византиските води господареле италијанските републики, нивните колонии биле расфрлени по целото Царство, ним им припаѓале и повеќето острови во источниот дел на Средоземното Море. Грција, исто така останала под власта на Латините, а и Епирскиот деспотат, иако бил под ромејска власт, заедно со Тесалија го избегнал обединувањето и упорно го задржувал непријателскиот став спрема Византиското царство. Значителен дел Полуостровот држеле Бугарите и Србите проширувајќи се на сметка на Византија. Навистина, ниедна од овие сили не била во состојба да преземе поголема акција против Византија, но сите тие биле подготвени да му се придружат на секој антивизантиски потфат којшто би дошол од Запад. Обновеното Византиско царство на Запад имало многу непријатели и секој час можело да се очекува напад. Сојузот на антивизантиските сили на Запад и на Балканот би го довел во прашање и самиот опстанок на Византиското царство. Оваа опасност можела да се изебегне само со вешто дипломатско маневрирање. За среќа, вештината на маневрирање на Михаил била ненадминлива.[11]
Кралство Сицилија
[уреди | уреди извор]Средиштето на агресивните планови против Византија била Сицилија и поради тоа односите со Сицилијанското кралство го чинеле јазолот на политиката на Михаил во текот на целото негово владеење. Меѓутоа, освојувачките планови на Сицилија можеле да станат ефикасни само со поддршка на папата и затоа Михаил VIII пред сè настојувал да ја спречи спогодбата на Сицилијанското кралство со Рим. Додека со Сицилија владеел Манфред тоа не било тешко. Навистина, во почетокот Рим зазел остар непријателски став спрема обновувањето на Византиското царство. Папството не се мирело лесно со тоа што Цариград бил загубен за римската црква и што Латинското Царство го заменило шизматичкото „Грчко царство“. Папата Урбан IV (1261 г.-1264 г.) ги поддржувал Латините во Грција во борбата против Византија и дури ставил анатема на Џеновјаните коишто не сакале да се откажат од сојузот со византискиот цар. Но на патот на соработката на папството со Манфред стоело старото римско нерасположение спрема Штауфовците. Урбан IV не само што не ги поддржувал освојувачките планови на Манфред, туку и дејствувал кон тоа да се докрајчи владеењето на Штауфовците во јужна Италија, нудејќи му ја сицилијанската круна на Карло Анжујски, братот на францускиот крал. Со вешто искористување на антагонизмот меѓу римската црква и Штауфовците, Михаил VIII успеал да ѝ се приближи на римската курија, а со ветувањата за унија и да предизвика пресврт кај папата.[11]
Ахајското Кнежевство
[уреди | уреди извор]Спрема франкска Грција, Михаил VIII на почетокот бил во исклучително поволна позиција бидејќи од времето на пелагониската битка, Вилием II Вилардуен бил негов заробеник. Царот нему можел да му ги диктира своите услови пред да му допушти, кон крајот на 1261 г., да се врати на својот престол во Ахаја. Вилием II му дал вазална заклетва на византискиот цар, ја добил титулата голем доместик и морал да ѝ отстапи на Византија редица значајни утврдувања на Пелопонез: Менемвасија, Мистра, Маина и Хиеракион. Но Вилардуен не му останал долго време верен на својот сизерен. Папата, бидејќи тогаш мразот сè уште не бил скршен, го ослободил од положената заклетва. Силна поддршка тој добил и од Венецијанската Република, моќниот противник на обновеното Византиско царство, чиишто интереси тешко биле погодени со пропаѓањето на Латинското Царство и зближувањето на Византија со Џенова. Избувнала војна и Михаил VIII на Пелопонез испратил, под заповедништво на својот брат, севастократорот Константин, силна војска со помошни одреди од 5000 селџучки наемници и почнала брзата и победоносна византиска офанзива. Истовремено византиско-џеновјанската флота ги нападнала егејските острови.[12]
Бугарија и Епир
[уреди | уреди извор]Напоредно со тоа се воделе борби и во Епир и во Бугарија. Вмешувајќи се во внатрешните размирици, Михаил VIII во 1162 г. ги зазел значајните црноморски пристаништа Анхијал и Месемврија и успеал да ја прошири својата територија за сметка на Бугарија. Напротив, во Епир, походите на освојувачот на Цариград, Алексиј Стратигопул, кој всушност бил просечен војсководец, ни во 1260 г. ниту во 1262 г. не поминале среќно. Дури во 1264 г. деспотот Јован Палеолог, братот на царот, и на оваа страна постигнал значајна победа и го принудил епирскиот деспот да го признае суверенитетот на византискиот цар. Никифор I, синот на деспотот Михаил II, кој порано бил оженет со ќерката на Теодор II Ласкарис, сега се венчал со внуката на Михаил VIII.[13]
Договорите со Венеција и Џенова
[уреди | уреди извор]Борбите во јужна Грција, по убавите успеси во почетокот, завлегле во неповолен пресврт. Војната се растегнала, пари снемало, па турските помошни трупи, не добивајќи редовно плата, преминале на страната на Латините. Византијците коишто продреле во внатрешноста на Пелопонез, во 1264 г. кај Макри-Плаги претрпеле тежок пораз и почнале да се повлекуваат. Поразени биле и византиските сојузници на море. Во пролетта 1263 г. Венецијанците ја разбиле џеновјанската флота кај Сетепоција во Неаполскиот Залив. Тоа го поттикнало Михаил VIII да го промени својот став спрема италијанските поморски републики. Тој им го откажал сојузот на Џеновјаните, кој иако сврзан со големи материјални жртви, не ги довел очекуваните полезности, ги вратил џеновјанските бродови и стапил во преговори со надмоќната Венецијанска Република. Во јуни 1265 г. бил изработен текстот на договорот, според кого Венецијанците ги добиле сите свои поранешни, а и некои нови привилегии во Византиското царство. Прекинот со Џенова, меѓутоа, бил само привремен. Бидејќи опасноста од Запад се зголемувала и бидејќи Венецијанците оддолжувале со ратификацијата на договорот, Михаил VIII одново ѝ подал рака на Џенова. Џеновјаните, кои во меѓувреме во борбата со Венецијанците претрпеле нов пораз (1266 г.), со задоволство ја прифатиле понудата. Тие одново добиле право на слободна трговија во Византија, а освен тоа им било дадено и право да се населуваат во Галата, цариградско предградие на Златниот Рог (1267 г.). Тука тие останале сè до турското доба и наскоро Галата се претворила во богато џеновско трговско пристаниште. Враќањето на Џеновјаните во Византија го означила и крајот на колебањата на Венеција. На 4 април 1268 г. византиско-венецијанскиот договор бил ратификуван, иако клаузулата за протерување на Џеновјаните сега отпаднала. Меѓутоа, карактеристично било тоа што договорот бил потпишан само на пет години. Венецијанците вовеле нов систем на краткорочни договори. Сепак, во споредба со дотогашната политика, која едноставно ја врзувала Византија или за Венецијанците или за Џеновјаните и неминовно ја доведувала во судир или со едната или со другата италијанска република, истовремената спогодба со двата града имала значајни предности, бидејќи ја намалила опасноста од сојуз на венецијанската или џеновската флота со западните антивизантиски сили, а на царот му овозможила да го искористува соперништвото на италијанските поморски републики.[14]
Новиот противник на Запад
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме, на Запад се одиграле важни настани. Грофот од Прованса - Карло Анжујски на повик од папата дошол во Италија и го совладал кралот Манфред, којшто на 26 февруари 1266 г. загинал кај Битката кај Беневент. Новиот крал на Сицилија и Неапол за Византија бил многу поопасен противник од Манфред. Манфред му бил непријател на папата, а Карло Анжујски бил негов миленик и се јавила сериозна опасност дека сега антивизантиските планови ќе наидат на поддршка во Рим. Навистина Карло Анжујски на 27 мај 1267 г. во Витербо, во присутство на папата, со бившиот латински цар Балдуин II склучил договор за пријателство и повторна поделба на Византиското царство. Бракот меѓу Беатриче, ќерката на Карло и Балдуиниот син Филип требало да го зацврсти новопоставеното пријателство.[15]
На тој начин Карло Анжујски, штом станал господар на Сицилија, отворено истапил со агресивните намери против Византија. Наскоро тој и активно се замешал во приликите во Грција, си ги осигурал за себе поседите на Манфред во Епир и стапил во врска со Вилием II Вилардуен. Ахајскиот кнез, чиишто сили биле исцрпени во борбата против Византијците и којшто се чувстувал загрозен поради омразата на своите грчки поданици, се фрлил во прегратката на сицилијанскиот крал и својата земја ја ставил под негов суверенитет. Својата ќерка Изабела ја венчал со Филип, синот на Карло. Србија и Бугарија застанале на негова страна бидејќи и политичките и династичките причини ги наведувале балканските владетели да ѝ се придружат на антивизантиската коалиција. Бугарскиот цар Константин Тих му бил зет на Јован IV Ласкарис, когошто Михаил VIII го соборил од престолот и го ослепил, а српскиот крал Урош I, којшто бил оженет со француска принцеза, очекувал дека сојузот со Карло Анжујски ќе му помогне во ширењето на неговата земја за сметка на Византија. Во меѓувреме Карло Анжујски конечно ја зацврстил својата власт во Италија и почнал да испраќа трупи и пари во Ахаја.[16]
Позицијата на византискиот цар станала вонредно тешка. Но Михаил VIII не папсал. Дури ни тогаш тој не губел надеж дека ќе го придобие папата и навистина Климент IV ја прифатил поканата за обновување на преговорите за унија. Рим, пред сè, сакал да се отстрани ромејската шизма и да се ослободи Светата земја, а не му дошло до освојување на Византиското царство за коешто сонувал сицилијанскиот крал. Настаните од 1204 г. јасно покажале дека со проста окупација на Византија не можело да се постигне потчинување на ромејската црква. Далекувидната римска источна политика не можела да се идентификува со освојувачките планови на Карло Анжујски. Доколку Климент IV ги поддржувал таквите планови тоа го правел само за да изврши поголем притисок врз византискиот цар и за да го натера на црковно потчинување. Кога умрел Климент IV (1268 г.) и кога римскиот стол подолго време останал празен, вештиот византиски цар добил поткрепа кај францускиот крал Луј IX Светиот. И Луј IX, пред сè, се стремел кон ослободување на Ерусалим од власта на неверниците и за воспоставување црковен мир. Поткрепуван во своите намери со пратеништвата на византискиот цар тој успеал да го одврати својот воинствен брат од војна против Ромеите. Карло Анжујски бил принуден во летото 1270 г. да го придружува во крстоносната војна во Тунис и со тоа походот, што тој го подготвувал против Византија, бил запрен во одлучувачкиот миг. Најпосле, во септември 1271 г., римскиот стол бил пополнет. И покрај настојувањата на Карло Анжујски, за папа одново не бил избран Французин туку Италијанецот Григориј X. Новиот папа бил ревносен бранител на идејата за црковна унија и на крстоносните војни, а не бил наклонет за помагање на освојувачките планови на Карло Анжујски. Повеќе од кога и да е порано, прашањето за унијата ѝ давало правец на источната политика на Рим.[17]
Додека Карло Анжујски бил во Тунис, положбата во јужна Грција се изменила во полза на Византијците коишто успеале да ги зацврстат своите позиции на Пелопонез. Меѓутоа, крстоносната војна во Тунис била само кратка епизода. Наскоро по доаѓањето во Африка, Луј IX умрел од епидемија, а Карло Анжујски по кратката победоносна војна, се вратил на Сицилија. Новите транспости на трупи во Мореја во 1271 г.-1272 г. го запреле напредувањето на Византијците.[18]
Делувањето на Балканот
[уреди | уреди извор]Михаил VIII се обидел да го ослаби притисокот на Карло Анжујски во грчките и словенските земји на Балканот со создавање династички врски. По смртта на деспотот Михаил II (умрел во 1271 г.), Западноромејската држава се распаднала: власта во Епир ја презел законскиот наследник Никифор I, оженет со царевата внука, а во Тесалија завладеал деспотовиот вонбрачен син Јован. Царот Михаил VIII му ја дал титулата севастократор и својот внук Андроник Тарханиот го оженил со неговата ќерка. И покрај тоа воинствениот тесалиски владетел наскоро се покажал како огорчен непријател на византискиот цар, а Тарханиот подготвено ја поддржувал антивизантиската активност на својот тест. Спогодба меѓу Византија и сепаратистичките грчки државички тешко можело да се постигне бидејќи првенствена цел на византискиот цар му била ликвидирањето на таквите држави.[19]
Стремежите на Михаил VIII за што поцелосна реставрација на византиската власт, исто така стоеле на патот на зближувањето на Византија со словенските држави. Според неговата замисла, обновеното Византиско царство требало да ги опфати не само грчките и латинските државички, туку и Бугарија и Србија. Ова јасно го покажува одредбата од 1272 г. којашто всушност останала само на хартија, а со која царот сакал да им ја одземе автокефалноста на српската и на бугарската црква и одново да ги потчини на Охридската архиепископија. Преговорите за мажењето на ќерката на Михаил за Милутин, синот на Урош, не донеле резултат. Затоа пак Михаил успеал да се спогоди со Унгарија. Неговиот син Андроник бил оженет со ќерката на унгарскиот крал Стефан V. Наскоро потоа Андроник, во ноември 1272 г., бил крунисан за цар и совладетел и добил мошне широки овластувања какви што византиските совладетели порано немале. Во Бугарија затегнатоста привремено попуштила кога во 1270 г. царицата Ирина Ласкарис умрела, а Константин Тих се оженил со Михаиловата внука Марија. Но бидејќи Михаил VIII на бугарскиот цар не му ги предал Анхијал и Месемврија, коишто му ги ветил како „мираз“, веќе во 1272 г. дошло до војна и Бугарите навлегле во византиските земји. Под притисокот на Татарите, чијашто поткрепа Михаил VIII успеал да ја добие, Бугарите морале да се повлечат и да се откажат од спорните градови.[20]
Обезбедувањето на границите преку дипломатија
[уреди | уреди извор]Најважни чинители на Исток во тоа време биле Татарите на Златната орда во јужна Русија, Монголците на ханот Хулагуа во предна Азија и Мамелуците во Египет. При непријателството на едната или другата сила спрема предноазиските Монголи, врската можела да се одржува само преку море. А клучот за овој пат се наоѓал во рацете на Византијците. Поради тоа и за Мамелуците и за јужноруските Монголци била неопходна спогодба со Византија, што уште еднаш покажува колку по заземањето на Цариград нараснало значењето на Византиското царство во светската политика.[21]
На спогодбата во почетокот, секако ѝ пречела врската на Михаил VIII со предноазиските Монголци којашто му служела како средство за притисок на соседниот Икониски Султанат. Јужноруските Татари уште во 1264 г., во сојуз со Бугарите, навлегле во Византија и на царската војска и задале страотен пораз. Самиот цар Михаил VIII одвај се спасил од смрт, а Тракија била толку дивјачки ограбена и опустошена што „нигде не можело да се види ни вол ни орач“. До нов жесток упад на Татарите дошло во 1271 г. на повик на Јован Тесалиски и Андроник Тарханиот. Оваа наезда и заплетите со Бугарија го побудиле Михаил VIII да ги среди односите со јужноруските Татари. Во пролетта 1272 г. тој склучил договор за пријателство со големиот татарски војсководец Ногај. Ногај имал пресудно влијание во Златната орда и можел како што наскоро и покажал, да сузбие секаква антивизантиска акција во Бугарија. На Ногај царот му ја дал својата вонбрачна ќерка Евфросина и му испратил богати подароци. Оттогаш осносите на Византија со Златната орда и Мамелуците останале непоматени и се почесто доаѓале пратеништва од Византија во Египет и од Египет во Византија. Зад Византија, Михаил VIII создал друг појас, којшто ги држел во шах неговите непријатели. Како што Монголците на ханот Хулагуа вршеле притисок врз Иконискиот Султанат, така сега Татарите на Ногај ја држеле под притисок Бугарија, зад грбот на Србија стоела сојузничка Унгарија, а Карло Анжујски, главниот непријател на Византијците, од нападите на Византија го задржувал папата, надевајќи се на ветената црковна унија.[22]
Односот со папата и делувањето на Карло Анжујски
[уреди | уреди извор]Григориј X не сакал веќе да се задоволува само со ветувањето со кои Михаил VIII повеќе од десет години ја тешел римската курија. Папата го ставил царот пред јасна перспектива: во случај на црковно потчинување на Рим, му гарантирал безбедност од католичните сили, во спротивен случај му укажал дека веќе не ќе може да го спречи Карло Анжујски во неговите намери. Истекувањето на рокот на византиско-венецијанскиот договор, исто така, на папата му дало повод за да изврши силен притисок врз Михаил VIII. Тој ги наговарал Венецијанците да се откажат од обновувањето на договорот пред да се потпише унијата. Карло Анжујски, од своја страна, вложил најголеми напори за да ги придобие Венецијанците за себе. Истовремено тој развивал сè поголема акција на Балканот. Склучил договор за пријателство со остро антивизантиски настроениот Јован Тесалиски и во 1273 г. и во Мореја испратил моќна војска. Ги зацврстил своите позиции во Албанија каде што католичкиот дел на населението го признало за господар. Зајакнат бил, исто така, и сојузот со Србија и Бугарија. Во 1273 г. на дворот на Карло дошле пратеништва на српскиот крал и на бугарскиот цар. Сите непријатели на Византија - Латините и Грците, Србите, Бугарите и Албанците - се обединиле под водството на Карло Анжујски, којшто веќе подал рака по цариградската круна.[23]
Во ваквите околности заканите на папата Григориј X морале да дејствуваат. Михаил VIII немал друг излез освен да ѝ се покори на волјата на папата. Без оглед на општата опозиција на византиското свештенство, тој во 1273 г. се договорил со римските легати и успеал, најпосле, еден дел од својот клер да придобие за прифаќање на унијата. На собирот во Лион на 6 јули 1274 г. унијата била потпишана. Големиот логотет Георгиј Акрополит, во името на царот, го признал не само приматот на римската црква, туку и римските догми. Свој потпис ставиле и духовните членови на византиското пратеништво, бившиот патријарх Герман и никејскиот митрополит Теофан. Унијата, којашто повеќе од два века била една од главните цели на римската политика и предмет на многубројни, но секогаш безуспешни преговори, станала стварност.[24]
Офанзивата во Албанија и Тесалија
[уреди | уреди извор]Политичкото олеснување што го очекувал Михаил VIII од црковното потчинување на Рим, навистина настапило, барем привремено. Под влијание на папата, Карло Анжујски морал да се откаже од планираната војна против Византија и да се согласи на примирје до 1 мај 1276 г. И Венецијанците во март 1275 г., иако само на две години, го обновиле договорот со византискиот цар. Византија, којашто до неодамна се наоѓала во тешка дефанзива, одново презела иницијатива и насекаде преминала во напад. Уште во времето на одржувањето на Лионскиот собир, Византијците силно ги потиснале анжујските трупи во Албанија, ги зазеле Белград и Бутринто и ги опседнале Драч и Валона. Во 1275 г., Јован, братот на царот, со силна војска тргнал во Тесалија, која под владеењето на севастократорот Јован Ангел се претворила во еден од средиштата на антивизантиските акции. Походот успешно отпочнал и царските трупи допреле до самата Неопатра, но смелиот севастократор успеал да ја одбрани својата престолнина откако во пресудниот миг донел помошна војска од соседното Атинско Војводство. Немал резултати ниту вториот поход против Тесалија во 1277 г. Најголемите успеси Византија ги постигнала по море. Особено среќни биле операциите на Италијанецот Ликарио во 1277 г., којшто бил поставен за голем дукс на Византиското царство. Евбеја и повеќе егејски острови паднале во негови раце, така што византиската флота одново загосподарила со Егејското Море.[25]
Морејското кнежевство
[уреди | уреди извор]Значајна промена настанала на Пелопонез. Во 1278 г. умрел Вилием II Вилардуен, па Морејското кнежевство дошло под непосредна власт на Карло Анжујски. Можело да се очекува дека тоа ќе ја влоши положбата на Византијците. Всушност оваа промена ги ослабнала позициите на Латините. Тешкотиите со кои уште Вилием II морал да се бори постојано под управувањето на намесниците на Карло Анжујски, само се зголемувале. Земјата била исцрпена од постојаните војувања и грчкото население се бунтувало против туѓинското владеење. При ваквите околности, Византијците можеле да ја прошират својата територија до самата Аркадија, што, особено по неодамнешните успеси во Егејското Море, значело значително засилување на византиските позиции.[26]
Опозицијата против црковната унија
[уреди | уреди извор]Подобрувањето на надворешно-политичката ситуација било платено со тешки внатрешни потреси. Византискиот народ и значителниот дел на византиското свештенство не сакале ни да чујат за унијата со римската црква и на политиката на царот ѝ давале огорчен отпор. Односите меѓу Михаил VIII и ромејската црква и порано минувале низ тешки кризи. По ослепувањето на младиот Јован Ласкарис, патријархот Арсениј фрлил анатема на него. Со голема мака царот најпосле успеал да го отстрани строгиот аскет (1266 г.) и од неговиот втор наследник Јосиф да добие разрешение, но еден дел од црквата и народот му останал верен на соборениот Арсениј. Се создала партија на т.н. арсенити, којашто упорно му се спротивставувала на царот и на новата црковна управа. Кога, пак, Михаил VIII му се потчинил на папата и побарал од ромејската црква да ја признае римската надмоќ, возбудувањето ја зафатило целата земја. Ситуацијата била дотолку потешка што ни патријархот Јосиф не се согласувал со унијата, така што пак морало да се изведе насилна промена на цариградскиот стол. За патријарх бил поставен хартофилаксот Јован Век, надарен и вешт човек, којшто во почетокот бил во опозиција, а потоа преминал кон унијата. Византиското царство се поделило на два непријателски табори. Одозгора декретираното отстранување на цариградско-римскиот расцеп предизвикало длабок расцеп во самата Византија. Византискиот народ, со векови воспитуван во православието да гледа најголема светост и од дното на душата да ги мрази Латините, се бунтувал против царот, којшто за желбите на Рим ја изневерил православната вера. Меѓутоа, царот преминувал преку сè и цврсто се залагал за унијата, не гледајќи друг излез од настанатата ситуација. Отпочнале свирепи прогони. По преполнетите затвори лежеле свештеници и световни луѓе, незнајници и членови на царскиот дом бидејќи расцепот ги зафатил сите слоеви на населението, па и самото царско семејство било поделено.[27]
Дури и вон византиските граници, унијатската политика на царот предизвикувала тешки заплети. Евлогија (Ирина), омилената сестра на Михаил, одлучната противничка на унијата, отишла кај својата ќерка, бугарската царица Марија, та со дејствувањети на овие две жени бугарскиот двор станал жариште на интриги против византискиот цар. Всушност, на оваа страна наскоро дошло до привремен пресврт. Во Бугарското Царство, изложено на постојани монголски упаѓања, поткопано од социјални спротивности, дошло до силно народно движење и тешки внатрешни борби. Вмешувајќи се во бугарските размирници со оружена сила, византискиот цар успеал против победоносниот народен водач Ивајло да истакне еден ромеизиран член на Асеновците, оженет со византиска принцеза, и како Иван Асен II да го воздигне на разнишаниот престол во Трново (1279 г.).[28]
Омразата спрема унијатскиот цар најкобни последици имала во грчките сепаратистички државички. Дури и мирниот епирски деспот Никифор станал антипалеолог. Го зазел Бутринто, кое неодамна преминало во византиски раце, па подоцна (1279 г.) му го предал на Карло Анжујски, а севастократорот Јован Тесалиски, стариот непријател на Византија, со латинска помош, сега истапувал во улога на бранител на православието, собирајќи околу себе многубројни противници на унијата. Во 1278 г. тој дури одржал и собир на којшто царот Михаил VIII бил проколнат како еретик. Со овие околности во значителна мерка се објаснуваат на византиските походи против Тесалија.[29]
Поништување на унијата
[уреди | уреди извор]Не само византискиот цар, туку и римската курија морала да се бори за одржување на римско-византиската спогодба. По смртта на папата Григориј X (1276 г.) во Рим зајакнало влијанието на сицилијанскиот крал и во римско-византиските односи настапило заладување. Папата Никола III (1277 г.-1280 г.) уште еднаш им дал силен поттик на римските универзалистички стремежи, а со тоа и на унијатската политика. Се обидел на Запад да создаде извесна рамнотежа меѓу Карло Анжујски и Рудолф Хабсбуршки, а на Исток меѓу Карло и византискиот цар, за над сите световни сили да се издигне универзалната власт на римската црква. Во времето на неговиот понтификат, Михаил VIII се чувствувал сигурен на Запад и токму во ова време биле најзначајните византиски успеси во Мореја и на Егејското Море. Но при наредниот избор на папа победило влијанието на Карло Анжујски и ситуацијата од основа се изменила. На римскиот стол во 1281 г. се качил Французинот Мартин IV, слепото орудие на моќниот сицилијански крал. Римската курија се одрекла од улогата на суверен арбитар и се ставила во служба на анжујската освојувачка политика. Со поддршка од папата, Карло Анжујски и титуларниот латински цар Филип, синот на Балдуин II, на 3 јули 1281 г. во Орвиет склучиле договор со Венецијанската Република заради воспоставување на Римското Царство, узурпирана од Палеолог. Дури, потчинувајќи се на барањата на Карло Анжујски, Мартин IV, кон византискиот цар, коишто прифаќајки ја унијата во својата земја морал да издржува тешки борби, го проколнал како шизматик и им забранил на католичките владетели со него да одржуваат врски.[30]
На тој начин унијата доживеала целосен неуспех. Од неа се одрекол и самиот Рим. Западните сили се обединиле против Византија. Венецијанците на Карло Анжујски му дале флота, а папата му дал морална поддршка. Владетелите на балканските земји се придружиле во антивизантискиот потфат. Во спогодба со Карло Анжујски, севастократорот Јован Тесалиски и кралот Милутин упаднале во Македонија во 1282 г. Српскиот крал го зазел Скопје, по што Византија засекогаш го загубила градот. Во Бугарија, византискиот штитеник Иван Асен III го изгубил престолот, а неговиот наследник Георги I Тертер, којшто му ја одзел круната како водач на бугарските болјари, се свртел против Византија и се спогодил со Карло Анжујски и Јован Тесалиски. Никогаш порано Карло Анжујски не бил поблиску до својата цел и никогаш како сега положбата на Михаил VIII не се чинела побезизлезна.[31]
Соборувањето на Карло
[уреди | уреди извор]Во последниот час настапил неочекуван пресврт. Карло Анжујски, уверен во својата победа, доживеал стравотна катастрофа, додека дипломатската вештина на Михаил Палеолог го доживеала својот најголем триумф. Уште во времето на понтификатот на Никола III, со посредувањето на Џеновјаните, Михаил VIII стапил во допир со арагонскиот крал Петар III, зетот на Манфред, и го наговорил да го нападне од зад грб Карло Анжујски и да му го одземе Кралството Сицилија, коешто тој во 1266 г. му го одзел на Манфред. Византискиот цар му ставил на распологање средства за изградба на флота. Во исто време, добро снабдените со пари византиски агенти го поттикнувале сицилијанското население против туѓинското владеење на Анжујците. На Сицилија владеело длабоко вриење, бидејќи земјата била исцрпена од постојаните воени подготовки на Карло и била огорчена на уцените на неговото чиновништво. Византиските пари, скриеното незадоволство го претвориле во отворен бунт, како што византиските пари ја овозможиле и воената акција на арагонскиот крал. Во својата автобиографија Михаил VIII вели: „Ако би се осмелил да речам дека Господ на Сицилијанците им ја даде слободата и дека Тој тоа го стори со моите раце, би ја рекол само вистината“.[32]
Во мигот кога тешкотиите на византискиот цар го достигнале врвот во Палермо, на 31 март 1282 г., избувнало востание коешто со секавична брзина се проширило по целиот остров. Оваа позната Сицилијанска вечерна го означила крвавиот крај на владеењето на Анжујците на Сицилија. Во август со својата флота стигнал и Петар Арагонски. Крунисан во Палермо со круната на Манфред, тој станал господар на Сицилија, додека Карло Анжујски со тешки маки успеал да ја одржи власта на јужноиталијанската почва. За поход на Византија не можело да стане збор, јужноиталијанското кралство било распарчено, Карло Анжујски бил исфрлен од играта по беспримерната катастрофа и самиот папа со оваа катастрофа бил тешко погоден, на латинскиот титуларен цар Филип никој не му придавал сериозно значење, а Венецијанците побрзале да му се приближат на византискиот цар и на Петар Агаронски. Бурата којашто дваесет години се подготвувала над Византија била обессилена со генијалната дипломатска вештина на Михаил VIII Палеолог.[33]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 539.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 539-540.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 540-541.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 541-542.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 542.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 542-543.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 543-544.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 544.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 544-545.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 545.
- ↑ 11,0 11,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 545-546.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 547.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 547-548.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 548-549.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 549.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 550.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 550-551.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 550-552.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 552.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 552-553.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 553-554.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 554-555.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 555-556.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 556.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 556-557.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 557.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 557-558.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 558-559.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 559.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 559-560.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 560.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 560-561.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 561-562.
|