Прејди на содржината

Левијатан

Од Википедија — слободната енциклопедија
Уништувањето на Левијатан. Гравура од Гистав Доре, 1865 г.

Левијатан (хебрејски: לִוְיָתָן) — библиска огнодишна и многуглава морска змија создадена од Бога меѓу другите морски чудовишта. Левијатан имал неверојатна сила и големина, и на крајот на времето мора да биде уништен од Бог.[1] Левијатан е присутен во угаритскиот еп — „Циклусот за Вал“ под името на седумглавата морска змија Лотан, која дејствува како непријател на богот на бурата Вал и божицата на војната Анат, која го поразува Лотан. Митот веројатно потекнува од подревните преданија за борбата меѓу богот Хадад и змијата Темтум, како и од митот за битката на месопотамискиот бог на војната Нинурта со седумглав змеј, која потекнува од третото илјадалетие пр. н. е.[2]

Различни религии имаат свои толкувања на Левијатан. Во еврејската традиција, се верува дека по доаѓањето на Месијата, праведниците ќе се гоштаваат со месото на поразениот Левијатан и ќе ја користат неговата кожа. Некои подоцнежни еврејски толкувања, како оние во книгата Зохар, ја гледаат оваа гозба како метафора за просветление. Христијанските богослови го поврзуваат Левијатан со демонот на зависта, а подоцнежните толкувања понекогаш го утврдуваат со крокодил. Исто така, постои можност Левијатан да го вдахнал новозаветниот Ѕвер од морето. Во верувањата на гностичките Офити, Левијатан се смета за суштество што ја опкружува вселената и ги враќа душите на грешниците на Земјата. Освен тоа, Левијатан се појавува како демон и во мандаизмот и во манихеизмот.

Левијатан конкретно е спомнат шестпати во Танахот, во Јов 3:8, Јов 40:2541:26, Псалм 74:14, Псалм 104:26 и двапати во Исаија 27:1.

  1. „What Is the Leviathan According to the Bible?“. Christianity.com (англиски). Посетено на 2024-08-02.
  2. Немировский А. И. Мифы и Легенды Древнего Востока. — Ростов-на-Дону: Феникс, 2000. — 544 стр. — ISBN 5-222-01158-5. (руски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]