Караванки
Караванки | |
---|---|
Karavanke / Karawanken | |
Поглед на Источните Караванки од Стол | |
Највисока точка | |
Врв | Велики Стол (Хохштул) |
Надм. височина | 2.236 м |
Величина | |
Должина | 120 км |
Географија | |
Земји | Словенија и Австрија |
Координати | 46°25′N 14°25′E / 46.42° СГШ; 14.42° ИГД |
Матичен венец | Јужни Варовнички Алпи Корушко-Словенски Алпи |
Караванки (словенечки: Karavanke, германски: Karawanken) — планински венец во состав на Јужните Варовнички Алпи, на границата меѓу Словенија и Австрија. Со вкупна должина од 120 км во правец исто-запад, ова е еден од најдолгите венци во Европа.[1] Низ него минуваат стопански важни патишта и има големо значење за туризмот. Географски и геолошки, планините се поделени на повисоките Западни и пониските Источни Караванки. Низ нив минува Околујадранскиот Расед, кој ги двои Јадранската и Евроазиската Плоча.
Географија
[уреди | уреди извор]Венецот Караванки е продолжеток на Карнските Алпи источно од потокот Зиљица (Злица) близу тромеѓата на Австрија, Словенија и Италија кај Подклоштер (Арнолдштајн). Ограничен е со долината на Драва на север (наречена Рож или Розентал) и Сава на југ, одделувајќи го од соседните Јулиските Алпи. На исток се граничи со Камничко–Савињските Алпи и венецот Похорје.
Низ планините минуваат неколку планински превои и важни трговски патишта. Такви се Коренското Седло (Вурцен), Љубељ (Лојбл) и Езерскиот Врв (Зеберг), кои се во употреба уште од праисторијата. Денес австрискиот автопат „Караванкен“ (A11) се протега од Филах (Белјак) до автопатниот тунел, кој ги сече Западните Караванки, поврзувајќи ги со словенечкиот автопат A2 кај Јесенице. Венецот го сече и напоредна железничка линија преку тунел.
Краванките се популарни кај планинарите и на нив има поголем број планинарски домови. Многу врвови нудат добар поглед кон котлината на Клагенфурт (Целовец) на австриска страна и Љубљана на словенечка. Северната (австриска) страна е карпеста и стрмна, додека пак словенечката е поблага и прекриена со смрча и ниски кадрави борови на помала височина и треви на поголема.
Историја
[уреди | уреди извор]Планините на венецот е населени уште од камено време, за што највеќе сведочат наодите од пештерата Поточка Зијавка. Во римско време, Караванките ја исцртувале јужната граница на провинцијата Норик, а подоцна и на словенското кнежевство Карантанија. Римскиот картограф Клавдиј Птоломеј ги споменува во околу 150 г. Името веројатно им потекнува од келтскиот поим карв што значи „елен“ (спор. денешен велшки: ceirw). Оваа традиција се зачувала и во словенското именување, како што е случај со месниот масив Кошута (женка на елен).[2]
Почнувајќи од првата половина а XI век, Краванките ја образувале границата помеѓу Војводството Крањска и соседна Крањска краина на југ. Кога Корушка станала војводство во 1364 г., обете земји влегле во состав на Внатрешна Австрија како крунски земји на Хабсбуршката монархија од 1526 г. сè до Првата светска војна. Северните падини на Караванките (од австриска страна) се историски дом на Корушките Словенци, но сепак во октомври 1920 г. границата меѓу Австрија и Кралството СХС е повлечена по билото со решавањето на т.н. Корушко прашање (подоцна Југославија), од кои само општината Језерско веќе имала прејдено во Југославија.
По Втората светска војна, Караванките останале во улога на граница меѓу Австрија и Југославија, а од 1991 г. и независна Словенија. Почнувајќи од 2007 г. со влегувањето на Словенија во шенгенското подрачје, преку планините се одвива слободно движење на луѓе и стоки, а двете држави тежнеат кон економска интеграција на општини.[3]
Позначајни врвови
[уреди | уреди извор]Во текот на XIX век неколку топоними претрпеле германизација, па затоа денес се даваат двојазично:
- Велики Стол (Хохштул): 2.236 м
- Кепа (Миттагскогел): 2.143 м
- Пеца (Пецен): 2.125 м
- Голица (Калкогел): 1.836 м
- Вртача: 2.181 м
- Кошута: 2.133 м
- Бегуњшчица: 2.060 м
- Кошутица: 1.968 м
- Олшева: 1.929 м
- Довшка Баба (Фрауенкогел): 1.891 м
- Клек: 1.753 м
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2012-02-17. Посетено на 2015-04-01.
- ↑ кошута — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ 2013_21-12-2007_en.pdf „Operational Programme: Cross-Border Cooperation Slovenia–Austria 2007–2013“ Проверете ја вредноста
|url=
(help) (PDF). European Territorial Co-operation SI-AT. December 2007. Посетено на 19 April 2012.[мртва врска]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|