Википедија:Избрана статија/2022/32
Крушевска република — востаничка месна власт во времето на Илинденското востание во периодот 3-13 август 1903 година. По ослободувањето на Крушево на 3 август 1903 година била воспоставена востаничка власт, организирана врз републиканско- демократски и револуционерни начела, под претседателство на Никола Карев, началник на Горското началство – воена власт на слободната територија.
Највисок орган на цивилната власт бил Советот на месната револуционерна власт што се состоел од 60 членови. Советот избрал Привремена управа од 6 члена: Вангел Дину (претседател и одговорен за судството), Ѓорѓи Чаче (реквизиција), Теохар Нешков (финасии), Христо Ќуркчиев (градоначалник и одговорен за редот и за безбедноста), Димитар Секулов (прехрана) и Никола Баљу (санитет).
Во текот на своето десетдневно постоење Владата организирала револуционерен суд за кривични и за граѓански предмети, поштенска служба, санитетска служба со болница, леарница за куршуми, производство на востаничка опрема, бил распишан данок и започнало собирање доброволни прилози, извршена е реквизиција на предмети и објекти за потребите на востаничката власт и за одбраната на градот, претпријатијата биле национализирани, биле изработени неколку црешови топчиња, биле преземени мерки за фортификациско утврдување на градот за одбрана. (Дознајте повеќе...)