Бастион (музичка група)
Бастион | |
---|---|
Потекло | Скопје, Македонија |
Жанрови | њу-вејв, алтернативен рок, синт-поп, технофанк, |
Период на активност | 1982-1985 |
Издавачи | PGP RTB, ACC Records, AG Records , PMG Recordings, Lithium Records |
Членови | |
Ана Костовска (вокал), Кирил Џајковски (клавијатури), Љубомир Стојсављевиќ (бас гитара), Тоше Поп-Симонов (гитари, перкусии), Милчо Манчевски (текстови и друго) |
Бастион[1] — македонски рок бенд, активен од 1982 до 1985 година.
Историја
[уреди | уреди извор]Почеток
[уреди | уреди извор]Првата постава на бендот ја сочинувале половина од скопскиот џез-рок состав Пост Скриптум, Тоше Поп-Симонов (гитара) и Кирил Џајковски (клавијатури) и младата студентка по глума, со скромно искуство како придружен вокал на албумот Калабалак на Леб и сол, Ана Костовска. Од самиот почеток, рамноправен член на бендот задолжен за неговите текстови и видеоспотови, бил – тогаш режисерот во најава – Милчо Манчевски. Неофицијално, бендот почнал со првите проби есента 1982 година, а веќе во ноември, во импровизираното студио во Домот на младите „25 Мај“ (МКЦ), ги направил и првите две демо-снимки, „Мистер Комплекс“ и „Музеј“. „Мистер Комплекс“ била често вртена на Радио Скопје, но и на култната белградска радиоемисија „Вентилатор 202“. Краток период по појавувањето на овие демо-снимки, Тоше си заминал од групата и го започнал својот нов проект, бендот Урбан. Како нов постојан член на Бастион бил регрутиран Љубомир Стојсављевиќ-Кучкар, басистот на „Уста на уста“. Со доаѓањето на Кучкар , звукот на Бастион аранжмански се променил. Во некои интервјуа дадени во тој период, Кирил го нарекол тој звук технофанк.
1980-ти
[уреди | уреди извор]Во јуни 1983 година членовите на Бастион влегле во студиото на РТС и ги снимиле старата нумера Мистер Комплекс и новите Деца на сонцето и Лица во огледало. Ги снимиле само матриците за песните, кои во март 1984 година Ана ги отпеала на македонски јазик. Во август/септември 1983 година членовите на Бастион за само 3 дена снимиле дополнителни 5 матрици и вокали за 8 теми, отпеани на српскохрватски. Бастион бил еден од првите македонски бендови кој снимал во студиото на РТС и самиот го финансирал тоа снимање.
По овие снимки, ПГП РТБ пројавил интерес за издавање комплетен албум на групата. Поттикнати од чинот на снимањето и од тоа како поминува материјалот меѓу публиката, нејзините членови решиле и концертно да се промовираат. Своето деби на сцена го имале на 1 октомври 1983 година, на заедничкиот концерт со скопскиот њу-вејв состав „Прамен“ и со гостите Дисциплина кичме од Белград и „Парламент“ од Загреб. Кратко по овој концерт, Кирил заминал во ЈНА, и на едно отсуство, во март 1984 година, за потребите на промоцијата на албумот, иако сè уште необјавен во тој период, Бастион настапиле на ревијалната вечер од популарниот фестивал „Опатија ’84“ (13 – 19 март 1984 година), заедно со Пасквелија, Токму така и Конкорд како македонски претставници. Тоа бил прв и последен настап на бендот надвор од Македонија.
По неколку месеци, во Домот на младите „25 Мај“ (МКЦ), бендот организирал промоција на спотот за песната „Hot day in Mexico“, снимен во јуни 1984 година. Спотот бил прифатен од медиумите и бил често вртен на тогаш најпрестижната музичка ТВ-емисија во цела Југославија, „Хит месеца“. По завршувањето на фестивалот во Опатија, ПГП РТБ го отпечатиле албумот кој немал официјално име. На омотот од плочата стои само името на бендот, Бастион. Иако тиражот им стоел во магацин, од нејасни причини ПГП РТБ уште долго време не го пуштиле во продажба. Првото концертно појавување на Бастион во Македонија, по враќањето на Кирил од ЈНА, се случило на 28 декември 1984 година во хотел Континентал во Скопје. Бендот бил специјален гостин на затворената скопска промоција на албумот Тангента на Леб и сол. Три месеци по овој настан, а година и пол по снимањето на материјалот, ПГП РТБ конечно го пуштил во продажба албумот на Бастион. ПГП РТБ без дозвола од авторот Милчо Манчевски, го променил оригиналниот омот на албумот, и тој бил објавен со сосема друго решение. Како промоција на албумот, на почетокот од март 1985 година, бендот со својот менаџер Стефче Ацевски ја организирал својата единствена, еднонеделна турнеја низ Македонија, која започнала на 1 март 1985 г. со концерт во Струмица. Следувале уште неколку настапи во Штип, Крива Паланка, Кавадарци, Свети Николе и во Неготино. Оваа турнеја, а и концертите по неа, бендот го отсвирил како трио. На турнејата, како состав во поддршка, настапувал и скопскиот „Морал“, во тоа време њу-вејв бенд.
За краток период, бендот имал уште неколку настапи на групни манифестации во Скопје. На 15 март 1985 г., заедно со Бадмингтонс, Психо, Инола Х, и др., бил дел од хуманитарниот концерт во Домот на младите „25 Мај“ (МКЦ) наречен „Рок концерт за етиопските мајки – храна за нивните деца“, а на 3 април 1985 г. настапиле и на дочекот на штафетата на младоста на Скопскиот саем, заедно со Бадмингтонс, Тумба, Карамела, и др. Бендот одлучил да го одржи својот прв самостоен концерт во јуни 1985 година во Скопје, во преполниот Сули ан, што е и последниoт концертен настап на Бастион. На него како предгрупа настапиле скопскиот состав Гино де Гаги и Нивните страсти.
Последното нешто кое се реализирало од страна на Бастион, есента 1985 година, е снимањето на уште една песна, повторно во РТС, Емил врати се. За песната бил изработен и ТВ спот кој дури во мај 1986 година, кога групата практично и не постоела веќе, бил промовиран на тогаш популарната емисија на ТВ Скопје „Видео метроном“. На почетокот од 1986 година, заедно со членовите на Леб и сол, Ана Костовска како вокал била дел од екипата што ја снимиле музиката за ТВ-серијата „Бушава азбука“. Во април 1986 година била снимена и последната песна на Бастион, Немирни ветрови, која е во суштина соло песна на Ана Костовска со Кирил како гостин, но во архивата на РТС запишана како песна на Бастион. Соло гитарата и басот ги свират Влатко Стефановски и Бодан Арсовски. Кратко по ова снимање, Ана заминала да работи во театарот во Суботица, и само одвреме-навреме се појавувала како соло изведувач на некои фестивали (Макфест, Евровизија и др.).
Во 2007 година, на иницијатива на Миле Јовановски, сопственик на неделникот „ТЕА Модерна“, се организиралпроектот „Трибјут ту Бастион“, кој е всушност цеде-реиздание на албумот на групата, со дополнување од 11 преработки на песни од Бастион, направени од актуелни македонски состави. Точно 33 години по објавувањето на единствениот албум на Бастион, на 9 март 2018 г. во Скопје, во МКЦ, било промовирано винилното реиздание на тој албум, објавено од страна на англиската издавачка куќа „ACC Records“. За првпат во македонската дискографска историја бил реиздаден албум на винил, кој и во своето оригинало издание е објавен во таков формат.
Дискографија
[уреди | уреди извор]Студиски албуми[2]
[уреди | уреди извор]Година | Наслов | Издавач | |
1984 | Бастион (LP, Album) | PGP RTB | |
2018 | Бастион (LP, Album, Limited Edition, Reissue) | ACC Records |
Синглови и компилации
[уреди | уреди извор]Година | Наслов | Издавач | |
2007 | Works & Rew>>works (CD, Album, Compilation) | AG Records, PMG Recordings, Lithium Records | |
2020 | Zorica Milosavljevic (2)* / Бастион - Disko Par / Emil Vrati Se (7") | Skopje Vinyl Convention, Funky Fresh |
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Изданија на „Бастион“ Архивирано на 18 март 2023 г. евидентирани од ВБУ Музички Регистар.