Прејди на содржината

Јан Хамер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јан Хамер
Јан Хамер во 1977
Животописни податоци
Родено имеЈан Хамер
Роден(а)17 април 1948(1948-04-17)(76 г.)
Прага, Чехословачка
Жанрови
Занимања
  • Музичар
  • композитор
  • продуцент
Инструменти
  • Клавијатури
  • тапани
  • синтисајзер
Период на активност1968–денес
Мреж. местоjanhammer.com

Јан Хамер (чешки: Jan Hammer; роден на 17 април 1948 година во Прага) ― чешко-американски музичар, композитор и музички продуцент.[1]

На почетокот од 1970-тите свирел на клавијатури во џез-рок ансамблот Mahavishnu Orchestra. Негово најпознато дело е музиката за серијата Пороците на Мајами, за што во 1986 година добил две Греми награди.[2]

Хамер соработувал со некои од највлијателните џез и рок-музичари во тоа време како: Џон Маклохлин, Џеф Бек, Били Кобам, Ал Ди Меола, Мик Џегер, Карлос Сантана, Стенли Кларк, Томи Болин, Нил Шон, Стив Лукатер, Џон Аберкроби и Елвин Џонс. Тој компонирал и продуцирал 14 оригинални саундтрак-албуми за филм, музика за 90 епизоди од Пороците на Мајами и 20 епизоди од телевизиската серија Chancer.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Јан Хамер е роден на 17 април 1948 година во Прага, главен град на Чехословачка (денес на Чешка).[2] Неговата мајка била позната чешка пејачка, а неговиот татко бил доктор и џез-музичар. Се запишал на Прашката академија за музички уметности, но ги прекинал студиите откако на 20 август 1968 година Варшавскиот пакт ја нападнал Чехословачка. Откако добил стипендија од музичкото училиште Беркли во Бостон, Хамер решил да се пресели во САД.[2] Пред неговото заминување, тој ја компонирал музиката и песните за кино-бајката „Ужасно тажната принцеза“ (чешки: Šíleně smutná princezna).

Реклама од 1973 година за Between Nothingness and Eternity, на која е прикажан Јан Хамер (втор од лево).

По завршувањето на студиите, Хамер една година бил на турнеја со Сара Вон, снимал со Елвин Џонс и Џереми Стиг, а потоа се преселил во Њујорк и во 1971 година се приклучил на оригиналната постава на Mahavishnu Orchestra со гитаристот Џон Маклохлин, виолинистот Џери Гудман, басистот Рик Лаирд и тапанарот Били Кобам.[2] Тие одржале околу 530 концерти пред нивниот проштален концерт на 30 декември 1973 година. Хамер бил ран пионер во свирење во живо на синтисајзерот Minimoog Moog.

Тој вложил значителен износ од неговите заштеди во изградба на сопствено студио за снимање (Red Gate Studio) во Њујорк, кое му помогнало во неговата соло кариера. Соло-кариерата ја започнал со објавувањето на студискиот албум The First Seven Days (1975).[2] Во студиото снимал со многу од познатите музичари во тоа време.

Во 1984 година, продуцентите од ТВ-серијата Пороците на Мајами побарале од Хамер да компонира музика за секоја епизода од серијата. Јан се согласил, а во 1985 година неговата тематска композиција за серијата се искачила на прво место на Billboard Hot 100.[2] Песната 12 недели останала на врвот на американската топ-листа и станала четирикратно платинеста.

На Греми наградите во февруари 1986 година, Хамер освоил две награди за „Miami Vice Theme“: „Најдобра поп-инструментална изведба“ и „Најдобра инструментална композиција“.[2]

Во 1989 година го издал албумот Snapshots,[2] кој ја содржел песната „Too Much to Lose“. Песната била издадена како промотивен европски сингл за албумот, а на спотот, покрај Хамер, се појавиле: Џеф Бек, Дејвид Гилмор од Пинк Флојд и Ринго Стар.

Личен живот

[уреди | уреди извор]

Хамер станал американски државјанин во 1978 година.[3] Тој има син, Пол, кој е предводник на групата Savoir Adore.[4]

  1. Colin Larkin, уред. (1997). The Virgin Encyclopedia of Popular Music (Concise. изд.). Virgin Books. стр. 564. ISBN 1-85227-745-9.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Huey, Steve. „Jan Hammer Biography“. AllMusic. Посетено на 4 May 2010.
  3. „My interview with Grammy winner/DK reader Jan Hammer“. Dailykos.com. Посетено на 2016-08-13.
  4. „My interview with Grammy winner/DK reader Jan Hammer“. Dailykos.com. Посетено на 2016-08-13.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]