Миле Манолев
Миле Илиев Манолев — македонски воен генерал и општественик.
Животопис
[уреди | уреди извор]Миле Илиев Манолев е роден на 9 октомври 1948 година во Струмица. Со основно образование се стекнува во родниот град, а со средно образование на Воздухопловната воена гимназија во Мостар, СР Босна и Херцеговина, која ја завршува во 1965 година. Образованието го продолжува на Воздухопловната воена академија во Задар и Пула, СР Хрватска, која ја завршува во 1968 година.
Воена кариера
[уреди | уреди извор]ЈНА
[уреди | уреди извор]По завршувањето на воената академија во 1968 година, воената кариера во Југословенската народна армија (ЈНА) ја започнува со офицерскиот чин потпоручник на авијацијата, како пилот на ловец (борбен воен авион) во Скопје, СР Македонија. Во 1971 година е унапреден во чин поручник на авијацијата. Во 1972 година е преместен во Приштина, САП Косово, СР Србија, каде што го поминува поголемиот дел од воената кариера, останувајќи до 1989 година. Од 1972 до 1976 година продолжува како пилот на ловец во Приштина. Во 1974 година е унапреден во чин капетан на авијацијата. Од 1976 до 1978 година е командир на авијациско одделение. Во 1977 година е унапреден во чин капетан 1. класа на авијацијата. Од 1978 до 1981 година е заменик командир на ловечка авијациска ескадрила и помошник за техника на пилотирање. Во 1981 година ја завршува Командно-штабната академија на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана (ВВ и ПВО). Истата година е унапреден во чин мајор на авијацијата. Од 1981 до 1982 година е референт за обука на симулатори во ловечко-авијациски полк. Од 1982 до 1983 година е помошник на началник на штаб за оперативно-наставни работи во воздухопловна база. Од 1984 до 1985 година е началник на штаб и заменик-командант во воздухопловна база. Во 1985 година е унапреден во чин потполковник. Од 1986 до 1989 година е командант на воздухопловна база. Во 1989 година е преместен во Скопје, СР Македонија, како началник на отсекот за авијација во 3. воена област. Во 1990 година е унапреден во чин полковник.
АРМ
[уреди | уреди извор]По распадот на СФР Југославија, воената кариера ја продолжува во Армијата на Република Македонија (АРМ), која е формирана во 1992 година. Од 1992 до 1996 година е командант на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана (ВВ и ПВО). Од 1996 до 1999 година е помошник на началникот на Генералштабот на АРМ, тогаш генерал-полковникот Трајче Крстевски, за ВВ и ПВО. Во 1997 година го завршува Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, Италија. Истата година е унапреден во генералскиот чин бригаден генерал.
Во декември 1999 година се пензионира.
По пензионирањето
[уреди | уреди извор]Во 2000 година е кандидат за градоначалник на Град Скопје. Од 2000 до 2002 година е генерален секретар на политичка партија. Во 2001 година е национален координатор за безбедност и сигурност во воздушниот простор во Владата на Република Македонија. Од 2001 година е претседател на невладината организација Центар за безбедносна политика „Џорџ Маршал“. Од 2001 до 2002 година е генерален директор на Управата за цивилна воздушна пловидба. Од 2003 до 2006 година е претседател на Либералната партија. Од 2010 до 2014 година е амбасадор на Република Македонија во Арапска Република Египет.
Одликувања и признанија
[уреди | уреди извор]- Забелешка: Списокот на одликувања и признанија може да не е целосен.
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1976)
- Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда (1982)
- Орден за народ со сребрена ѕвезда (1987)
Наводи
[уреди | уреди извор]- Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 200–203.
- Ристовски, Блаже, уред. (2009). Македонска енциклопедија. А–Љ. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 912.