Глувци и луѓе
Корица на книгата | |
Автор | Џон Стајнбек |
---|---|
Изворен наслов | Of Mice and Men |
Изработувач на корицата | Рос Мекдоналд |
Земја | САД |
Јазик | англиски |
Жанр | повест |
Издавач | Penguin Books |
Издадена | 1993 |
Медиум | хартија |
Страници | 107 |
ISBN | 978-0-14-017739-8 |
OCLC | 29187600 |
Глувци и луѓе (англиски: Of Mice and Men) — роман од американскиот нобеловец Џон Стајнбек, објавен во 1937 г.
Романот ја раскажува трагичната приказна на двајца фармерски работници, Џорџ Милтон и Лени Смол, кои постојано се селат и бараат работа за време на Големата криза во Калифорнија. Книгата се темели на личното искуство на Стајнбек, кој исто така скитал и барал работа во земјоделството во 1920 година. Насловот е инспириран од песната „За глушецот“ (To a Mouse)[1] од Роберт Барнс:
„ |
|
“ |
Дејствие
[уреди | уреди извор]„Глувци и луѓе“ е една неверојатно трогателна приказна за нераскинливото пријателство помеѓу двајца земјоделски работници - Џорџ Милтон и Лени Смол. Тие патуваат од фарма на фарма во потрага по привремена работа, и сонуваат еден ден да имаат сопствена фарма.
Лени е крупен, несмасен маж со ограничени ментални способности, кој детски се радува на сè што е нежно и меко, посебно на мали зајачиња. Џорџ татковски го заштитува и внимава да не направи некаква незгода поради неговата извонредно голема физичка сила, што не умее да ја контролира, иако понекогаш гласно се прашува дали неговиот живот не би бил подобар без Лени.[2]
Во потрага по сезонска работа, тие ќе се најдат на една фарма во близина на Соледад. Лени мечтае да има мали зајаци и други домашни миленици, а Џорџ ги поддржува неговите мечти, кажувајќи му за неговиот план да купат една мала земјоделска парцела и таму да живеат среќно. На фармата живее и Карли, син на сопственикот на фармата, кој подоцна ќе го предизвика Лени на борба, при што овој му ја крши дланката.
Еден ден, кога сите вработени учествуваат во натпреварот за фрлање потковици, Лени си игра со мало кученце во шталата и случајно го убива. Во тој момент влегува жената на Карли и почнува да зборува, јасно ставајќи до знаење дека е несреќна во бракот. Во текот на разговорот, Лени ѝ приоѓа за да ја погали по меката коса, но не можејќи да ја контролира сопствената сила, ја убива. Потоа бега и се крие.
По откривањето на убиството, Карли и останатите фармери почнуваат да го бркаат за да го фатат. Џорџ истрчува пред нив и го наоѓа својот пријател, го убива со истрел во тилот за да го спаси од маките и смртта, што неминовно го очекуваат од рацете на Карли.
Ликови
[уреди | уреди извор]- Џорџ Милтон (George Milton)
- работник-скитник, пријател на Лени, кој секогаш му помага и се обидува да го заштити.
- Лени Смол (Lennie Small)
- ментално ограничен, но физички многу силен работник, пријател на Џорџ. Мечтае да има сопствена фарма и домашни животни.
- Кенди (Candy)
- старец кој ја изгубил едната рака при несреќа на работа и е загрижен за својата иднина
- Карли (Curley)
- син на сопственикот на фармата, боксер
- Жената на Карли
- негова жена, незадоволна од бракот со Карли
- Слим (Slim)
- почитуван и силен работник, единствен на фармата кон кого Карли се однесува со почит
- Крукс (Crooks)
- грбав црнец, коњушар
- Вит (Whit)
- работник на фармата
- Карлсон (Carlson)
- работник на фармата
Екранизација на делото
[уреди | уреди извор]„Глувци и луѓе“ трипати бил екранизиран како филм. Првпат во 1939 година, две години по објавувањето на романот. Оваа преработка на романот била со глумците Лон Чејни Џуниор како Лени и Барџис Мередит како Џорџ, а во режија на Луис Мајлстоун. Филмот бил номиниран за четири Оскари.[3]
Во 1981 година бил снимен ТВ филм, во кој играле Ренди Квејд како Лени и Роберт Блејк како Џорџ, а филмот го режирал на Реза Бадии.[4]
Уште една филмска верзија била направена во 1992 година, во режија на Гери Синис. Филмот бил номиниран за „Златна палма“ на Канскиот фестивал.[5] Синис исто така го играл и Џорџ, а улогата на Лени му припаднала на Џон Малкович.
За делото
[уреди | уреди извор]Според Џејмс Топам, „Стајнбековиот краток роман ги воздигнува животите на сиромашните и обесправените на повисоко, симболично ниво“.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ To a Mouse - A Poem by Robert Burns, Alexandria Burns Club
- ↑ Parini, Jay (1992-09-27). „FILM; Of Bindlestiffs, Bad Times, Mice and Men“. The New York Times. Посетено на 4 јуни 2011.
- ↑ „Of Mice and Men (1939)“. Internet Movie Database Inc. 1990–2007.CS1-одржување: датумски формат (link)
- ↑ „Of Mice and Men (1981)“. Internet Movie Database Inc. 1990–2007.CS1-одржување: датумски формат (link)
- ↑ „Of Mice and Men (1992)“. Internet Movie Database Inc. 1990–2007.CS1-одржување: датумски формат (link)
- ↑ Džon Stajnbek, Plodovi gneva. Beograd: Laguna, 2015, стр. 587.
|