Мит
Мит — грчки збор што значи раскажување. Митот претставува склоп од еден или повеќе симболи, ставени во форма за искажување на расказ.
Мит претставува приказна за јунаци богови и херои. Митологија е збир од повеќе митови на една култура. Според авторството митот спаѓа во анонимното усно творештво.
Митот и литературата
уредиМит е куса епска творба. Митот е некоја претпоставка на која народот ѝ дава хипербола, поточно народот го прави митот полн со суштества и магии. Митот ја претставува културата на еден народ или на едно општество. Под мит често се подразбира лекција во форма на приказна што поседува длабока објаснувачка или симболичка резонанца за пред-литературните култури, кои ја задржуваат и слават мудроста на нивните предци низ усните традиции на вештите раскажувачи.
Литературата многу често ги презема темите и мотивите од митот и фолклорот. Всушност, литературата прво настанала како мит, потоа митот станал бајка, народна приказна. Низ текот на времето, митовите се видоизменуваат, и стануваат бајки, легенди и преданија. Со пренесувањето од колено на колено, митовите се основа за многубројни литературни преработки, и тогаш прераснуваат во книжевни митови.
Како свети приказни, митовите секогаш се однесуваат на некои клучни, кризни, трансформациски мигови на човечката судбина.[1] Митот е еден вид архетип на човечкото искуство со светот. На пример, митот го објаснува потеклото на племето и поставува табуа и забрани кои не смеат да се прекршат.
Илустрација за митското сиже во литературната приказна е старогрчкиот мит за Едип, несреќниот крал, кој го убива својот татко и се жени со својата мајка. Овој мит е зачуван до денес преку делата на грчкиот трагичар Софокле, кој инспириран од митот напишал две трагедии: „Цар Едип“ и „Едип на Колон“. Приказната и поуката содржани во овој мит се во врска со несвесните, потиснати желби и стравови во човечката душа. Пандан на ликот од овој мит во македонскиот фолклор е Болен Дојчин и неговиот инцестуозен однос кон сестра си, Ангелина.
Книжевни митови
уредиНекои легендарни митови се пренесувани во разни национални литератури, и со текот на времето прераснуваат во вистински книжевни митови. Таков е случајот со германскиот легендарен јунак од 14 век, Тил Ојленшпигел, кој бил познат шегаџија.[2] Ликот и шегите на Ојленшпигел се среќаваат во фолклорот на Полска, Франција, Холандија, Белгија, како и во печатените книги. На пример, Белгиецот Шарл де Костер во 19 век овој јунак го претворил во бунтовник за слободата на Фламанците и борец против инквизицијата на црквата. Во Хрватска, пандан на Ојленшпигел е Петрица Керемпух, а во Македонија — Итар Пејо и неговите итроштини и надмудрувања со Насредин Оџа.
Книжевен мит е мотивот за човекот кој му ја продал душата на ѓаволот, мит кој настанал под влијание на христијанството. Фауст е човек кој навистина постоел, а приказните за него најпрвин се прераскажувале како поучни црковни приказни, а потоа влегле во уметничката литература. Големиот германски поет и писател Гете речиси цел живот работел на своето епохално дело поврзано со ликот на Фауст, а за Фауст пишувале и Хенрих Хајне и Томас Ман. И денес во литературата е присутен мотивот за досегање на крајните граници во спознанието, иако не секогаш и името на Фауст.